Спорт
Стипендии за тројца македонски олимпијци – донација на Sport Life
„Sport Life“ обложувалници, потпишаa договор за стипендирање на тројца врвни македонски спортисти, учесници на последните Олимписки игри во Париз (2024). Маратонецот Дарио Ивановски, тaеквондистката Милјана Релјиќ и пливачот Никола Ѓуретановиќ, се тројцата млади спортисти кои ќе добијат по едногодишна стипендија од „Sport Life“, во вредност од 3000 евра, коишто ќе се исплаќаат во месечни рати од по 15000 денари.
„Согласно мисијата на обложувалниците „Sport Life“ и како општествено одговорна компанија, преку чинот на стипендирање, сакавме да го наградиме успехот на нашите млади и талентирани спортисти, и да им помогнеме во овогодинешните предизвици со кои се соочуваат на спортски и професионален план. Се надеваме и посакуваме нашата заедничка соработка да придонесе за уште подобри спортски резултати и секако за нивен настап на следните Олимписки игри во 2028 година во Лос Анџелес“, изјави Петар Поцков, маркетинг директор на компанијата „Sport Life“.

Тренерот на маратонецот и олимпиец Дарио Ивановски, Игор Јакимовски, во однос на стипендијата, изјави дека поддршката на врвните спортисти е клучна алка за развојот, напредокот и континуитетот на самиот спортист.
„Денес во Македонија е навистина тешко да се опстане на врвно ниво во услови кога се работи за индивидуален спортист, но вербата секогаш се враќа токму во моментите кога општествено одговорни компании ќе го препознаат квалитетот, талентот и жртвата на спортистот за врвните достигнувања со своја конкретна поддршка. Таа за мене и за Дарио е од круцијален значај и наш неопходен ветер во грб за да продолжиме со остварување на следните зацртани цели. Веќе на 23 февруари е нашиот прв голем предизвик за оваа сезона, а тоа е „Севиља маратон“ на кој Дарио ќе се обиде да постигне уште еден врвен маратонски резултат во професионалната кариера“, истакна тренерот Јакимовски.

Во друштво на добитниците на стипендиите е и олимписката спортистка Милјана Релиќ. Таа тренира и освојува медали во боречката вештина таеквондо, под надзор на тренерот Александар Ефтимов од ТК „Тигри“ од Скопје. Тие истакнуваат дека им следуваат бројни натпревари за кои напорно тренираат и за кои поддршката на „Sport Life“ е добредојдена и значајна, особено пред Светското првенство во октомври месец во Кина, и за натпреварите каде ќе се обезбедува норма за Гранд При натпреварите од следната година, а тоа се натпреварите во јуни во Шарлот, САД, во август во Кореа, и во ноември во Тајланд.
„Меѓу овие натпревари претстојат и натпревари за собирање на поени за светската и олимписката ранг-листа. Веќе викендов имаме учество на силниот Туркиш Г2 Опен, каде ќе учествуваат бројни светски, европски и олимписки медалисти. Потоа следат натпреварите во Словенија, Бугарија, Холандија, а на 30 март е Скопје Г-1 Рамус Опен, итн. Напорно тренираме и очекуваме тоа да го потврдиме со медали на овие турнири“, истакнува тренерот Ефтимов.
Својата благодарност ја искажаа и нашиот пливач и олимпиец, Никола Ѓуретановиќ и Горан Стаменов, главен Тренер на ПК „Вардар 2018“.
„Навистина сум благодарен за оваа стипендија од „Sport Life“, која ми дава мотив да продолжам напорно да работам и да ги поместувам границите. Оваа поддршка е признание за моите достигнувања и ќе ми помогне во подготовките за големите натпреварувања. Се надевам дека со моите успеси ќе инспирирам уште многу млади пливачи да веруваат во себе и да ги следат своите соништа“, изјави Никола Ѓуретановиќ, нашиот рекордер во пливање.
„Оваа стипендија од „Sport Life“ не е само финансиска поддршка, туку и силен мотив за Никола и за сите талентирани млади пливачи кои сонуваат за големи спортски успеси. За Никола, ова значи уште повеќе вложување во тренинзи, подготовки и настапи на меѓународната сцена, каде што веќе докажува дека е меѓу најдобрите. Ќе продолжиме да го градиме патот кон нови рекорди, поголеми натпреварувања и репрезентативни настапи за Македонија. Од името на ПК „Вардар 2018“, од Никола и неговото семејство, упатуваме огромна благодарност за искажаната доверба, која покажува дека трудот, дисциплината и посветеноста се вреднуваат“, истакна Стаменов.
За спортистите добитници на стипендиите.
Маратонецот Дарио Ивановски, е првиот атлетичар кој остварил норма за Олимписки игри. Тој има истрчано бројни атлетски патеки и дистанци во кариерата, а дебито на маратонските патеки го имаше на Скопскиот маратон во 2020, на кој следната година и победи. Во последните години неколкупати го подобруваше државниот рекорд во маратон, што во моментов изнесува два часа, осум минути и 26 секунди. Тој е првиот македонски олимпиец кој завршил една маратонска трка.
Таеквондистката Милјана Релиќ, беше знаменосецот на нашите олимпијци на минатогодишните летни Олимписки игри во Париз, каде и ја победи двојната олимписка и светска шампионка од Велика Британија Џејд Џонс. Таа има освоено бронзен медал на Европското првенство во теквондо У-21 во Букурешт 2024 година, како и бројни медали од најсилните Г класа турнири, во Турција, Израел, Естонија, Хрватска, Босна, Србија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Романија итн. Прогласена е за наша најдобра спортистка за 2024 г. од Министерството за спорт, МОК и од бројни организации.
Пливачот Никола Ѓуретановиќ од ПК „Вардар 2018“, е државен рекордер во пливање на 400 m, 800 m и 1500 m слободно, златен медалист на Државното првенство на Македонија во дисциплините 200 m и 400 m слободно, 100 m и 200 m грбно, 100 m и 200 m градно и 200 m и 400 m мешано. Од поновите успеси, ги вбројуваме: финалист на Меѓународниот пливачки натпревар „Свети Никола” – Ниш, на 400 m и на 1500 m и личните рекорди и норми за учество на Купот на мултинации (Кипар), на Европското јуниорско првенство (Словачка) и на Светското јуниорско првенство (Романија).
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Илја Малинин скршен по неуспехот во големото финале
Еден од најголемите таленти во историјата на уметничкото лизгање, Американецот, Иља Малинин, се соочи со емотивен пад по неочекуваниот финиш на Зимските олимписки игри во Милано.
Малинин, кој пред натпреварувањето во поединечна конкуренција важеше за фаворит за златото, го заврши натпреварувањето на осмото место по низа грешки во слободната програма, резултат што ја шокираше спортската јавност ширум светот.
Кога слезе од мразот, Малинин беше видливо шокиран.
„Сè ми недостигаше. Тоа е искрено првата мисла што ми падна на памет. Нема шанси ова едноставно да се случи“, рече Малинин.
Тој истакна дека се чувствувал подготвен пред настапот, но дека притисокот од олимписката атмосфера го скршил.
„Мислев дека сум подготвен, навистина се чувствував така кога излегов на мразот. Можеби бев премногу уверен дека сè ќе помине добро“, призна младиот лизгач.
"You deserve it."🫂⛸️
-🇺🇸Ilia Malinin & 🇰🇿Mikhail Shaidorov shared a moment after the 21-year-old claimed #FigureSkating men's gold🏅
💬Shaidorov:
"I was rooting for Ilia, but the ice is slippery. I told him it's unbelievable to share the same ice with him."#MilanoCortina2026 pic.twitter.com/384ynZbtru— CGTN Sports Scene (@CGTNSportsScene) February 14, 2026
Пред настапот, Малинин имаше поголема предност по кратката програма и беше фаворит да стане олимписки шампион во Милано и Кортина.
Тој објасни и која беше причината за неочекуваниот резултат.
„Чувството на олимписката атмосфера е лудо. Не е исто како на кое било друго натпреварување“, рече тој низ емоции.
Малинин направи некарактеристични грешки и падна двапати. Тој направи и грешка со својата препознатлива четирикратна оска, комбинација што се претвори во поедноставен скок, што го чинеше клучни поени.
Иако остана без медал во поединечна конкуренција, Малинин веќе освои златен медал во тимска конкуренција претходно на Игрите.
Спорт
Модриќ е третиот најстар стрелец во историјата на Серија А
Лука Модриќ повторно беше херој на Милан. Хрватот им донесе победа на „росонерите“ со гол во 85-та минута на гостувањето кај Пиза во 25-то коло од италијанската Серија А.
Натпреварот заврши со резултат 2:1 за Милан, а голот на Модриќ обезбеди три важни бода за неговиот тим.
Модриќ го постигна овој гол на 40 години, пет месеци и четири дена, што го прави трет најстар стрелец во историјата на Серија А.
Со овој гол, Модриќ ги престигна Пјетро Виерховод, Фабио Кваљарела и Силвио Пиола.
Единствените двајца постари стрелци од Модриќ се исто така поранешни играчи на Милан, Златан Ибрахимовиќ и Алесандро Костакурта. Ибрахимовиќ го постигна својот последен гол во Серија А кога имаше 41 година, пет месеци и 15 дена, а Костакурта кога имаше 41 година и 25 дена.
Спорт
Дембеле ги критикуваше соиграчите по поразот во Рен
Ленс има шанса да се искачи на врвот на табелата во француското првенство откако Пари Сен Жермен беше поразен од Рен (3:1). „Златната топка“, Усман Дембеле не го криеше разочрарувањето по поразот во Рен.
Францускиот напаѓач остро го критикуваше настапот на својот тим и рече дека фудбалерите мора да разберат дека клубот е пред сите.
Поразот во Рен е шести за ПСЖ, оваа сезона, во 35 натпревари во сите натпреварувања. Ова е најголем број порази во истата фаза од сезоната од 2020/21.
Дембеле, стрелецот на единствениот гол за ПСЖ, верува дека неговите соиграчи мора да покажат поголема борба ако сакаат да го повторат успехот од минатата сезона.
„Влеговме во натпреварот многу лошо“, изјави тој за Лига 1+. „Рен играше многу добро, но мислам дека мора да покажеме поголема желба.“
„Пред сè, мора да играме за ПСЖ за да победиме. Ако играме како поединци на теренот, тоа нема да функционира и нема да ги освоиме титулите што ги сакаме. Минатата сезона го ставивме клубот пред сè, пред да мислиме на себе. Мора повторно да го пронајдеме тоа, особено во вакви натпревари“, истакна Дембеле и заклучи.
„Знаеме дека сме во вториот дел од сезоната. Пари Сен Жермен мора да биде на прво место, а не играчите како поединци.“
Рен го победи ПСЖ во Лига 1 по осми пат откако Катарците станаа газди на клубот. Во 29 одиграни натпревари, ниту еден тим не ги победил Парижаните почесто во тој период.
Foto/ depositphotos

