Скопје
Почна акцијата за подигање хаварисани возила во Карпош
Секторот инспекторат од Општина Карпош во соработка со колективниот постапувач „Греен Роад“, денеска ја започна долго најавуваната акција за отстранување на отпадни (хаварисани) возила на територија на локалната самоуправа, кои воедно претставуваат и опасност по животната околина во која живеат карпошани.
Во таа насока инспекциските служби од Општина Карпош ги мапираа старите (хаварисани) возила, означувајќи ги со налепници на кои беше напишано известување до нивните сопственици, дека во рок од 10 дена се должни да го отстранат отпадното возило. Оттука, доколку тие не го отстранат возилото, инспекторите преку добиени информации од МВР доставуваат записник за идентификација и Решение за опомена со рок од пет дена да се отстрани возилото. Доколку и по тој рок не се реагира, колективниот постапувач го подига возилото.
Акцијата ја поздрави и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој истакна дека оваа иницијатива ја поддржуваат голем дел од граѓаните на локалната самоуправа.
-Општина Карпош ја води акцијата за расчистување на хаварисаните возила на нашата територија за која мораме да спроведеме соодветна постапка. Во оваа пригода апелирам до граѓаните, сите возила кои што не се регистрирани, кои што зафаќаат несоодветно место или да ги регистрираат и да ги возат, или пак истите возила ние ќе мора да ги отстраниме. Постапката е таква да ги однесеме на соодветно место надвор од паркинг просторот каде што се тие, таму да чекаме отприлика 30-тина дена и потоа да видиме дали граѓаните ќе се интересираат за тоа возило или ќе треба да се спроведуваат нови постапки во кое што на крај возилото ќе оди на рециклирање. Не би сакале да имаме никакви немили настани нити пак непријатни разговори со граѓаните, но тие мора да водат сметка дека едно возило кое со години стои на едно место тоа практично ги оневозможува останатите граѓани да можат да го користат тој паркинг простор – објасни Јакимовски
Возилата ќе бидат транспортирани во собирен центар – депо, каде што ќе бидат оставени седум дена, а потоа ќе бидат однесени на рециклирање. Акцијата започна денеска од населбата Карпош 1 и ќе се одвива етапно, односно по отстранување на возилата во една урбана заедница ќе се продолжи во следната.
Инаку, во текот на месец декември и јануари, се мапирани 50 отпадни возила на територија на У.З. Карпош 1 и до денес се отстранети вкупно 35, додека за 11 возила се води инспекциска постапка. По истекот на роковите дадени во Решенијата за опомена ќе бидат подигнати и преостанатите возила, а оваа иницијатива предизвика голем интерес кај сопствениците за самоиницијативно отстранување на отпадните возила. Акцијата ќе трае до конечно отстранување на сите отпадни возила од територијата на Општина Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

