Свет
Четири брода на кинеската крајбрежна стража забележани во јапонските води, Токио упати протестна нота
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/4c4a5682-3e8a-4768-80f2-90e135709481.jpg)
Јапонија денеска упати протестна нота до Кина преку дипломатски канали откога четири брода на кинеската крајбрежна стража беа забележани како влегуваат во јапонските територијални води околу островите Сенкаку во Источното Кинеско Море нарекувајќи го инцидентот неприфатлив. Главниот секретар на кабинетот, Јошимаса Хајаши, рече дека последниот упад е кршење на меѓународното право ветувајќи решителен одговор на таквите кинески акции во одбрана на територијалните води и воздушниот простор на Јапонија, пренесува „Кјодо њуз“.
Четирите брода на кинеската крајбрежна стража почнаа да навлегуваат во водите во близина на ненаселените островчиња околу 10 часот и тргнаа околу пладне, рече Хајаши.
Ова беше втор упад на кинески бродови во јапонските територијални води околу островите оваа година. Тоа исто така дојде откога јапонскиот премиер Шигеру Ишиба и американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела потврдија дека нивниот билатерален безбедносен договор, според кој САД помагаат во одбраната на Јапонија, ги вклучува и островите Сенкаку, според „Кјодо њуз“.
„Навистина е за жалење и неприфатливо е што бродови на кинеската крајбрежна стража влегоа во јапонските води околу островите Сенкаку“, рече Хајаши.
„Ќе дадеме сè од себе за да спроведеме активности за предупредување и надзор и ќе одговориме смирено, но одлучно“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Свет
Вулканот Етна повторно активен, властите соопштија дека нема причина за паника
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/vulkan-etna.jpg)
Еден од најактивните италијански вулкани, Етна, од минатиот викенд повторно исфрла лава, објавија италијанските медиуми.
Надлежните најавија дека будно ја следат ситуацијата и дека нема причина за паника.
Првите слаби ерупции беа забележани на 8 февруари, а тенки потоци лава беа регистрирани и во вторникот на јужната падина на кратерот познат како Боча Нуова, објави веб-страницата nationalworld.com.
Не се забележани значителни промени во параметрите на вулканот, објави „Опсерваторијата Етна“ на Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ).
Како што е соопштено, лавата тече во многу тесна линија и се протега на само неколку стотици метри, па се карактеризира како нормална вулканска активност.
Според вулканолозите, овој феномен е типична подтерминална ерупција бидејќи доаѓа од фрактура, а не од еден од главните кратери.
Етна, на островот Сицилија, е највисокиот активен вулкан (3.330 метри) во континентална Европа.
Минатото лето, по период на релативен одмор по големата ерупција во декември 2023 година, имаше неколку последователни ерупции.
И покрај честите ерупции, Етна е главна туристичка атракција.
Во 2013 година УНЕСКО ги прогласи вулканот и неговата околина за светско наследство препознавајќи ги неговото геолошко значење и влијанието врз локалната култура и економија.
Свет
Зеленски: Нападите врз Киев покажуваат дека Путин не се подготвува за мир
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/12/zelenski45.jpg)
Денешните руски ракетни и беспилотни напади врз Киев покажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин не се подготвува за мир, изјави денеска украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во денешните напади на пет кварта на Киев најмалку едно лице загина, а тројца се ранети, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на „Телеграм“.
„Путин не се подготвува за мир. Тој продолжува да убива Украинци и да уништува градови. Само силни мерки и притисок врз Русија може да стават крај на овој терор“, рече Зеленски.
„Она што ни треба сега се единство и поддршка на сите наши партнери во борбата за праведен крај на војната“, додаде тој.
Зеленски синоќа изјави дека е подготвен за размена на територија со Русија како дел од можните мировни преговори под покровителство на Соединетите Американски Држави.
Свет
Потврдено: во Украина убиен првиот Швајцарец
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/shvajcarija-EPA.jpg)
Првпат од почетокот на руската инвазија во 2022 година швајцарски борец загина на бојното поле во Украина.
Швајцарската амбасада во Киев била информирана за неговата смрт на почетокот на годината, соопшти денеска швајцарското Министерство за надворешни работи.
Според швајцарските медиуми, службата во странски армии, како што е платеничкиот ангажман, според швајцарскиот воен кривичен закон се казнува со казна затвор до три години или со глоба.