Македонија
Преку Европол ќе се обезбедуваат податоци за банкарски сметки и имот во странство на корумпирани бизнисмени и функционери
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, преку јавниот обвинител за врски на Република Северна Македонија со Европравда одржа претходно договорен онлајн состанок со претставници на специјализираниот аналитички центар на Европол надлежен за борба против корупцијата со цел разгледување на можностите за воспоставување продлабочена соработка во предмети од областа на корупцијата.
Врз основа на заклучоците од состанокот и на претходните согледувања од спроведувањето на Упатството за давање приоритет на предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска го дополни тоа задолжително упатство за да ја уреди постапката за обезбедување на податоци и информации за банкарски сметки, имот или предмети од интерес кои се лоцирани во странство, а кои се однесуваат на предмети од областа на корупцијата, без оглед дали учесници во корупција се приватни лица, лица со јавни овластувања или носители на јавни функции, односно против сите инволвирани во акти на корупција без оглед на нивна улога и статус.
Согласно донесените одредби, доколку во предметите за кривични дела од областа на корупцијата постојат информации или индиции дека осомничените лица може да поседуваат банкарски сметки, имот или предмети од интерес кои се лоцирани во странство, потребно е задолжително да се испитаат таквите околности, а јавните обвинители притоа добиваат можност да ја користат експертизата и дата базите на Европол.
Упатството е донесено пред се имајќи ја предвид долготрајноста на постапките за меѓународна соработка, па предност дава на проверка на индициите и информациите за постоење на банкарски сметки, имот или предмети од интерес кои се лоцирани во странство преку каналите на полициска соработка на Европол, пред да започне формалниот процес на обезбедување на докази по пат на меѓународна соработка, соопшти Обвинителството.
Проверките ќе се вршат преку Европскиот центар за економски и финансиски криминал (EFECC) и тоа од Тимот за финансиски криминал – Аналитичкиот проект против корупција, при што упатството го појаснува начинот на кој се подготвува таквото барање, како и начинот на проследување на барањето и роковите за постапување. Мерките кои ги презеле јавните обвинители за проверка на наведените околности треба да бидат составен дел од извештаите кои задолжително треба да ги поднесуваат јавните обвинители согласно претходно донесеното упатство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Се преврте цистерна на патот Струга – Ќафасан, сообраќајот во прекин
Министерството за внатрешни работи информира дека во моментов во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“ поради превртена цистерна на патот.
Засега нема повеќе информации како се превртела цистерната и дали има повредени.
„Сите надлежни служби се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за утврдување на причините за незгодата и за нормализирање на сообраќајот за што соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од СВР – Охрид.
Македонија
Угостител во Скопје работел и покрај забраната, обвинителството бара меркa на претпазливост
Обвинителството поведе постапка против едно лице за кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат.
Осомничениот е сопственик и управител на угостителски објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој со Решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром му била изречена забрана за вршење на дејност, што било истакнато и на влезната врата на објектот. Меѓутоа, тој решението го отстранил, а при контрола инспекторите констатирале дека угостителскиот објект и покрај изречената забрана продолжува да работи и во него се присутни гости.
Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби.
Македонија
Минималната плата под прагот на сиромаштија, секое трето дете живее во беда, велат од Левица
Податоците на Државниот завод за статистика за сиромаштијата во Македонија за 2024 година не се изненадување туку потврда на длабоката структурна криза на македонскиот економски модел. Стапка на сиромаштија од 21,9 проценти, со речиси 30 проценти сиромашни деца и алармантни 45,8 проценти сиромашни самохрани родители не е резултат на „надворешни шокови“ туку на долгогодишна политика што систематски го потценува трудот и ја префрла цената на економските „реформи“ врз најранливите, велат од партијата Левица.
„Фактот дека 7,9 проценти од вработените живеат под прагот на сиромаштија е директен доказ за неуспехот на неолибералната догма дека пазарот сам ќе обезбеди достоинствен живот. Ова е класичен пример на експлоатација на трудот, економија во која се работи а не се живее. Минималната плата одамна престана да биде алатка за социјална заштита и се претвори во инструмент за одржување на евтина работна сила во корист на крупниот капитал.
Особено загрижувачка е состојбата кај семејствата со повеќе деца каде што повеќе од половина живеат во сиромаштија (54,8%). Тоа говори дека државата практично ги казнува домаќинствата што репродуцираат работна сила додека истовремено субвенционира профити и даночни олеснувања. Социјалната држава е сведена на статистичка категорија а не на реална економска политика.
Дебатата за минимална плата од 500 евра навистина е надмината. Ако прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е над 31.000 денари месечно, тогаш е економски и морално неодбранливо минималецот да биде под ниво што овозможува елементарна репродукција на работната сила и достоинствен живот. Аргументот дека „економијата не може да издржи“ повисока минимална плата е политички избор а не економски факт. Истата таа економија без проблем издржува масовни субвенции за странски инвеститори, даночна регресија и толеранција кон сивата економија.
Левица предупредува дека решението не е козметичко покачување на платите, туку системска промена: силна прогресивна даночна политика, јакнење на колективното договарање и активна социјална држава што ќе ги штити децата, самохраните родители и пензионерите. Без таков пресврт, Македонија ќе продолжи да биде земја на евтин труд, сиромашни работници и изгубена иднина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.

