Македонија
Променливо облачно време со повремен локален снег претежно во планинските региони
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/05/oblak-redok.jpg)
Променливо облачно со повремен локален снег претежно во планинските региони, а на повисоките места во западните и северните делови понекаде со повремен дожд кој ќе преминува во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарие.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.
Во Скопје утрото студено, во текот на денот умерено до значително облачно со кратки сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во текот на ноќта и утре претежно во планинските региони ќе има појава на слаб повремен снег, а на повисоките места во западните делови од повремен дожд кој може да замрзнува на тлото и кој ќе преминува во снег. Потоа ќе продолжи променливо облачно време претежно во планинските региони со услови за појава на слаб повремен дожд, а на планините со услови за слаб повремен снег. Во петок ќе засилува југоисточен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Скопје
Детската градинка „Срничка“ во Општина Аеродром по 40 години доби комплетно нова и современа кујна
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/thumbnail_Kujna7.jpg)
По цели 40 години, извршена е темелна реконструкција на главната кујна на детската градинка „Срничка“ што се наоѓа во објектот „Чекорче“ во Општина Аеродром.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска беа во посета на градинката и извршија увид во обновениот простор.
Станува збор за многу значаен проект, затоа што во кујната секојдневно се подготвува храна за сите шест клонови што припаѓаат на градинката „Срничка“ во која се згрижени речиси половина од дечињата во Аеродром.
Реконструкцијата, опфати промена на плочките, рушење на одредени ѕидови, промена на водоводната мрежа и целосна замена на електричната инсталација, како и други градежни активности финансирани од Општина Аеродром, а со средства од Светската банка, кујната е опремена со целосно нова и современа апаратура, како и друга потребна опрема. Вкупната сума за обновувањето на кујната е во висина од 6,5 милиони денари.
Современите апарати и другата софистицирана опрема, во голема мера ќе им ја олеснат и работата на вработените во кујната, кои неуморно и со голема љубов подготвуваат топли оброци за дечињата кои се згрижени во „Срничка“.
Општина Аеродром продолжува посветено да работи на подобрување на условите во кои се згрижуваат и се воспитуваат нашите најмали жители.
Македонија
Денес е Светски ден на радиото
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/12/radio_station.jpg)
Под покровителство на УНЕСКО, денеска се одбележува Светскиот ден на радиото, кое оваа година се одржува со мотото „Радиото и климатските промени“.
Целта на одбележувањето на овој ден е да се зголеми свеста на јавноста и медиумите за значењето на радиото, да се поттикнат носителите на одлуки да воспостават и да обезбедат пристап до информации преку радиото, како и да се зајакне вмрежувањето и меѓународната соработка меѓу радиодифузерите.
Во таа насока, Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги ги извести сите радија во земјата дека УНЕСКО нуди можност за размена на искуства, материјали и идеи со радиостаници од други земји, како и бесплатни корисни ресурси, меѓу кои аудио и визуелни спотови на темата „Радиото и климатските промени“, материјали поврзани со развојот на медиумите, медиумската и информациската писменост и безбедноста на новинарите; водич за информирање за климатските промени и создавање приход и др.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги на сите радиостаници во земјата им го честита Светскиот ден на радиото и ги повикува да дадат сопствен придонес во неговото одбележување.
Македонија
Се бара притвор за осомничените: марихуаната во вредност од 707.000 евра била скриена меѓу отпадна хартија
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/droga-1.jpg)
Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против двете лица од Куманово и Тетово за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Тие, по претходен договор и заедно со учество во дејството на извршување, неовластено, заради продажба во Република Турција, пренесувале марихуана од Куманово до граничниот премин Богородица.
„Дрогата, во вкупна количина од 188.363 грама, спакувана во 165 пакувања армирани полиетиленски кеси, ја превезувале во камион во сопственост на скопска фирма, која пренесувала отпадна пресувана хартија. Дрогата била скриена меѓу балите отпадна хартија. Камионот бил натоварен во Приштина и второосомничениот со легално товарање на 8 февруари влегол во државава на граничниот премин Блаце. Таму го пречекал второосомничениот и на паркинг-плац на патот Куманово – Свети Николе била извршена замена на дел од натоварената стока со други бали, во кои во внатрешноста била скриена марихуаната. На 10 февруари првоосомничениот се јавил на Богородица на излез од државава, каде што овластени службени лица го запреле, детаљно ја прегледале целата стока и ја пронашле дрогата“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, на возраст од 43 и 41 година, бидејќи постојат околности што го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ги уништат трагите од кривичното дело, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците или соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело.
Претходно, беше соопштено дека осомничените возачи се од Куманово и Тетово, а проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.