Спорт
Денвер славеше во Портланд, Лејкерси паднаа во Јута, Оклахома се врати од -21 и го победи Мајами

Џамал Мареј и Никола Јокиќ постигнаа две третини од поените на Денвер во осмата последовна победа на Нагетс. Лејкерси запишаа пораз кај Јута, а Оклахома со неверојатна последна четвртина надополни минус од 21 поен и го победи Мајами.
Џамал Мареј во Портланд постигна 55 поени, а Денвер го победи домаќинот со 132:121. Мареј погоди седум од 15 обиди за три поени и шутираше 20/36 од поле.
Повеќе поени во клупската историја на еден натпревар имаат постигнато само Јокиќ во декември минатата година, а рекордот на франшизата го постави во април 1978 година, Дејвид Томпсон, кој постигна 73 поени.
Јокиќ го заврши натпреварот со 26 поени, 15 скока и 10 асистенции. Ова е негов 172. трипл-дабл во кариерата (155. во регуларниот дел од сезоната).
Тој е убедливо лидер на листата на играчи со трипл-дабл оваа сезона (25), никој друг нема постигнато повеќе од десет во оваа натпреварувачка година.
Лејкерси паднаа во Јута (131:119). Изненадувањето го приреди Финецот Лаури Марканен со 32 поени, Џордан Кларксон додаде 21. На спротивната страна Леброн Џејмс постигна 18, заедно со седум асистенции и шест скока. Лука Дончиќ на крајот постигна 16 поени, имаше четири скока и четири асистенции. Нов рекорд во кариерата постави Брони Џејмс, синот на Леброн забележа девет поени во последната четвртина. Фаворитот имаше многу проблеми со рекетот, центарот на Јута, Вокер Кеслер доминираше со 16 поени, осум скока, шест блокади, дури пет во првото полувреме.
Оклахома се врати по негатива од 21 поен против Мајами. Тандер се налутија, последната четвртина ја започнаа со серија од 24:0, тој период го добија со 32:8, а Шеј Гилџес-Александер во последниот период постигна 14 од 32 поени. Тоа беше демонстрација на моќ од најдобриот тим во лигата, со скор 44-9.
Резултати:
Бостон – Сан Антонио 116:103
Орландо – Шарлот 102:86
Вашингтон – Индијана 130:134 пр.
Бруклин – Филаделфија 100:96
Њујорк – Атланта 149:148 пр.
Торонто – Кливленд 108:131
Чикаго – Детроит 110:128
Минесота – Милвоки 101:103
Њу Орлеанс – Сакраменто 111:119
Оклахома – Мајами 115:101
Хјустон – Феникс 119:111
Денвер – Портланд 132:131
Јута – ЛА Лејкерс 131:119
Далас – Голден Стејт 111:107
ЛА Клиперс – Мемфис 128:114
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Интер оствари рекорден приход

Италијанскиот фудбалски гигант Интер оствари рекордни 567 милиони евра приходи во изминатата финансиска година, беше објавено на веб-страницата на клубот.
Финансиските извештаи за сезоната 2024/25 покажуваат приходи од 567 милиони евра, што е зголемување од 94 милиони евра во споредба со претходната сезона. Ова е рекорд, не само за Интер, туку и за италијанскиот фудбал како целина. Претходниот рекорд го држеше Јувентус кога имаше приходи од 464 милиони во првата сезона на Роналдо.
Рекордните приходи на Интер се резултат на зголемените приходи од домашните и европските натпреварувања, како и учеството во првото издание на проширеното Светско клупско првенство. Во исто време, имаше зголемување на комерцијалните приходи од спонзорства и натпревари.
Интер ја затвори финансиската година со нето добивка од 35,4 милиони евра, во споредба со загуба од 35,7 милиони евра во претходната финансиска година. Интер ја заврши рекордната финансиска година без трофеј.
Во финалето на Лигата на шампионите загуби од ПСЖ, во Серија А беше втор од Наполи, во Купот на Италија испадна во полуфиналето против градскиот ривал Милан, „росонерите“ беа подобри и во финалето на Суперкупот на Италија, додека на клупскиот Мундијал клубот загуби од Флуминензе.
Спорт
Детали го делат Бенитез од клупата на Панатинаикос

Трофејниот шпански стручњак Рафаел Бенитез (65) треба да го преземе грчкиот тим Панатинаикос во наредните денови, откако че бидат дефинирани деталите за идната соработка.
Великанот од Атина е во потрага по тренер по заминувањето на Португалецот Руи Виторија, кој беше отпуштен на 15 септември, еден ден откако „зелените“ загубија од Кифисија со 3:2.
Во меѓувреме, Панатинаикос значително ја подобри играта и резултатите под водство на привремениот тренер Христос Контис и забележа голема победа во Лигата на Европа против Јанг Бојс (4:1), но во клубот, и покрај очигледниот напредок, бараат ново, по можност звучно име за клупата.
Според грчките медиуми, изборот паднал на тренерот кој ја освои Лигата на шампионите со Ливерпул во 2005 година, две титули во Ла Лига и Купот на УЕФА со Валенсија и Лигата на Европа со Челзи.
Истите извори наведуваат дека Бенитез пристигнал во Атина со приватен авион во четврток наутро за финални преговори со челниците на клубот и најверојатно за потпишување на договорот.
Наводно, Панатинаикос му нуди дури пет милиони евра само за едногодишна соработка.
Спорт
Џексон Хејс ќе добие пасош на Словенија

Центарот на Лос Анџелес Лејкерс, Џексон Хејс (25), откри дека е во процедура за добивање словенечки пасош за во иднина да може да игра со Дончиќ и во репрезентацијата.
Хејс е член на Лејкерс од 2023 година, претходно играше за Њу Орлеанс.
Наскоро би можел да биде опција за селекторот на Словенија, Александар Секулиќ, кој бара играч на позицијата „пет“ по повлекувањето на Џош Нибо за последниот Евробаскет.
Нибо, да потсетиме, поради повреда, не доби дозвола од својот клуб Милано да игра за Словенија, што ги принуди челниците на КС Словенија да најдат посигурно решение за наредните години.
Изборот падна на Хејс, со кого неговиот соиграч Лука Дончиќ ги водеше преговорите.
„Лука е мој човек. Работиме заедно за да добиеме словенечки пасош и да можеме да играме за Словенија следното лето“, ги изненади Хејс новинарите по натпреварот со Далас.
Хејс со тоа би бил четвртиот странец во последните неколку години во дресот на Словенија, по Ентони Рандолф, Мајк Тоби и Џош Нибо.
Словенија беше европски шампион во 2017 година со Рандолф.