Свет
Песков: Украина ќе учествува, но клучни преговарачи се Русија и САД

Кремљ потврди дека Украина ќе биде дел од преговорите со Русија и САД на еден или друг начин, но клучните преговори ќе останат билатерални меѓу Москва и Вашингтон, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков нагласи дека главниот преговарач во овој процес е Вашингтон, пренесе руската државна агенција.
„Украина ќе учествува во преговорите на еден или друг начин. Се разбира, постои билатерална руско-американска линија на дијалог, но и линија што ја вклучува Украина“.
Оваа изјава доаѓа по турбулентните 24 часа, во кои американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и најави дека набргу ќе почнат преговорите меѓу САД и Русија за ставање крај на војната во Украина. Сепак, Украина беше речиси целосно изоставена од неговите јавни изјави, анализираат светските медиуми.
Во исто време, американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, го нарече враќањето на старите украински граници илузорна цел. Подоцна истиот ден Трамп избегна директен одговор на прашање за улогата на Украина во преговорите, велејќи: „Интересно прашање“.
Тој додаде дека Украина мора да најде начин да постигне мир и посочи дека „тоа беше војна во која не требаше да се влезе“.
Одлуката на администрацијата на претседателот Трамп да ја намали улогата на Украина во преговорите со Русија и повторно да ги отвори каналите за комуникација со Кремљ предизвика загриженост кај европските лидери.
„Независноста и територијалниот интегритет на Украина се безусловни“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас. „Наш приоритет мора да биде зајакнување на Украина и обезбедување силни безбедносни гаранции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обиде да проектира оптимизам по неговиот разговор со Трамп опишувајќи го како смислен разговор за мирот. Сепак, еден ден подоцна тој беше значително поостар нагласувајќи дека тој и полскиот премиер Доналд Туск се согласиле дека „никакви преговори со Путин не може да почнат без обединета позиција на Украина, Европа и САД“.
„Ги предупредив и светските лидери да не веруваат во тврдењата на Путин за неговата подготвеност да стави крај на војната“, заклучи Зеленски, според „Политико“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа

Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа, со што вкупниот број на вратени лица се искачи на 135, соопшти денеска Министерството за здравство на Појасот управуван од Хамас.
Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно денеска, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Хамас мора да го почитува договорот и да ги врати останките од преостанатите 18 убиени заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.
Израелската војска (ИДФ) претходно го информираше семејството на убиениот Елијаху Маргалит дека Хамас го вратил неговото тело во Израел синоќа.
ИДФ соопшти дека, според разузнавачките информации, Елијаху (75) бил убиен на 7 октомври 2023 година, а неговото тело подоцна било однесено во Појасот Газа од кибуцот Нир Оз.
Смртта на Елијаху Маргалит беше потврдена од израелската војска во декември 2023 година.
Свет
Милиони Американци би можеле да останат без купони за храна

Околу 42 милиони Американци би можеле да останат без купони за храна во ноември поради тековниот прекин на работата на федералната влада, предупреди министерката за земјоделство Брук Ролинс.
Програмата за дополнителна помош во исхраната (SNAP), позната и како купони за храна, е дел од клучната национална мрежа за безбедност на храната и обезбедува просечен месечен надомест од 188 долари по лице, пишува Си-Ен-Ен.
Ролинс рече дека средствата за програмата ќе бидат исцрпени во рок од две недели и ги обвини демократите за блокадата на финансирањето.
Свет
Десетици илјади евакуирани на Филипините, се приближува ураган

Десетици илјади луѓе на Филипините се евакуирани денеска од своите домови на брегот на Пацификот поради опасност од поплави во момент кога тропската бура „Феншен“ го зафати регионот, јавија светските агенции.
Бурата попладнево со брзина на ветрот до 80 км на час ја погоди општина Губат, на југоисточниот врв на главниот остров Лузон, соопшти државната метеоролошка служба.
Откако жителите беа евакуирани од крајбрежните и другите ризични области, локалните власти соопштија дека нема извештаи за сериозни штети или жртви.
„Имаше обилни дождови и силни налети на ветер, иако не толку силни“, изјави Рајан Естреладо, спасувач во Губат.
Ураганот вечер треба да помине во близина на островот Катандуанес, кој има население од 270.000 жители, со брзина на ветер до 90 км/ч. Се очекува „Феншен“ да се засили пред да стигне до копното по втор пат во централен Лузон, соопшти националната метеоролошка служба.