Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Берлин, Сојузна Република Германија, во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), се сретна со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и ко-претседател на СПД.
Од СДСМ известија дека на средбата, претседателот Филипче изразил благодарност до вицеканцеларот Клингбајл, за континуираната и силна поддршката на СПД за евроинтеграцискиот процес на Македонија, посочувајќи дека како сестрински партии, ја споделуваат истата визија за праведна, обединета и солидарна Европа.
„Филипче и Клингбајл разговараа за забрзувањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија, како и на земјите од регионот и Западен Балкан, оценувајќи го како клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите-кандидатки за членство во Европската Унија. Беше посочено дека само со вистинска интеграција во ЕУ може да се обезбеди одржлив напредок – и економски и институционален, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Заеднички беше ставот дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат, како единствена алтернатива за напредок и подобра иднина на државата“, извести СДСМ за средбата на лидерот во Берлин.
Филипче го потсетил Клингбајл дека во периодот на Владата предводена од СДСМ беа реализирани клучните стратешки цели – Македонија стана членка на НАТО и ги отпочна преговорите за членство во ЕУ.
Обајцата на средбата ја нагласиле потребата од натамошно унапредување на меѓупартиската соработка и размена на искуства меѓу СДСМ и СПД, како сестрински партии кои делат заеднички социјалдемократски вредности, базирани на солидарност, еднаквост, владеење на правото и социјална сигурност.