Македонија
Фондовите за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и на Црна Гора размената на податоците ќе ја остваруваат по електронски пат
Директорите на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Црна Гора, Никола Мемов и Владимир Дробњак, потпишаа договор за размена на податоци во областа на пензиското и инвалидското осигурување.
Со овој договор, како што беше речено, ќе се придонесе во подобрувањето на остварувањето на правата од оваа област на корисниците во двете држави. Договорот предвидува електронска размена на податоците за фактот на смрт на корисниците на правата од пензиското и инвалидското осигурување и ги регулира целта, начинот на размена, обемот и видот на податоците што се разменуваат, како и управувањето со нив, но и нивната запштита.
Директорот на Фондот на ПИОСМ, Мемов, рече дека ова е еден чекор напред во соработката, а таа може и во иднина да се проширува со размена на други податоци од интерес на двата фонда.
Директорот на Фондот на ПИО на Црна Гора, Дробњак, истакна дека е многу важно што се воспоствува ваква соработка и ја поздрави иницијативата на македонскиот Фонд за потпишување на договорот.
Исто така, беше потпишан и технички протокол за спроведување на договорот, а беа назначени и контакт-лица за непречена и навремена комуникација за сите прашања што ги покрива тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Јавноста има право да знае колку пари Филипче инвестирал во Дубаи за да добие златна виза и како ги заработил?
По сведоштвото на поранешниот соработник на Зоран Заев, Тома Аврамски дека поранешниот премиер гради 42-катница во Дубаи, и СДСМ и Филипче потврдија дека дека е вистина, но велат дека Филипче не е партнер во овој милионски градежен зафат, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што се јавува како дилема, и на што Филипче сè уште не дава одговори, е како и по кој основ ја стекнал златната виза за Дубаи?
Некое време тврдеше дека со златната виза се стекнал поради преговори за работен ангажман во некоја тамошна болница и дека сето тоа ќе го докаже со факти и докази, но до ден денес македонската јавност документи не виде.
Од друга страна за добивање златна виза во Дубаи потребна е инвестиција од минимум 500.000 долари во бизнис и недвижности.
Па оттука, јавноста има право да добие јасен одговор дали Венко Филипче ја добил визата поради инвестиција од најмалку 500 илјади долари, во недвижности или бизнис?
Во однос на инвестициите во недвижен имот во Дубаи, во истото јавно сведоштво, Аврамски тврди дека и Заев и Филипче имаат станови таму и дека тој бил во зградата во која двајцата ги купиле становите.
Но, Венко Филипче досега не одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали токму оваа инвестиција во недвижен имот е основата за добивање на златна виза.
Ако овој основ, инвестиција на 500 илјади долари во недвижен имот, е причината за добивањето на златната виза, тогаш Филипче должи уште еден одговор, како ги заработил овие пари, посебно што и тој и СДС постојано потенцираат дека работи само како доктор. А со докторска плата, а сега пратеничка, до таква баснословна сума не се доаѓа.
Ако сака Филипче да ги расчисти дилемите, го повикуваме Филипче да ги покаже документите за работа врз основа на кои вели дека ја добил златната виза за Дубаи. Доколку навистина бил ангажиран во Дубаи, договарал работа во некоја болница или кој било друг професионален ангажман, нема да му биде проблем тоа да го потврди со документи и да ги расчисти сите дилеми кои се појавија во јавноста.
Затоа, наместо молк, потребни се факти и документи“, се додава во соопштението.
Македонија
Утрово најстудено во Крушево, измерени -8 степени
Утрово најстудено било во Kрушево кадешто се измерени -8 степени, -7 било во Битола, Прилеп, Mаврови Анови и Крива Паланка, -6 Тетово, Пожаране и Берово, -5 Претор, Охрид и Попова Шапка, -4 Виница, -3 во Скопје-Петровец, Струмица, Кавадарци и Куманово, -2 во Скопје-Зајчев Рид, Велес, Демир Капија, -1 во Штип, 3 во Гевгелија.
Времето денеска
Утрото ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
СДСМ: За колку тендери ЗНАМ ја продава Македонија?
„Колаборантите од ЗНАМ го потврдија скандалот што го објави АКТ: тендер од 1,2 милиони евра добила фирма на нивни советник од општина Кисела Вода. Ама реакциите за скандалот се како оние на ВМРО: Фактите се тие, советникот кој зема 1,2 милиони евра е наш ама „се оградуваме од инволвираност“, велат од СДСМ.
„Томовски велеше „бројот е мој, таткото е мој, зетот и внукот се мои, сè е мое, ама немам никаква врска со фирмата“. Фатени живи овие од ЗНАМ уште малку ќе кажат дека не го знаеле нивниот Советник и носител на листа во Кисела Вода.
Нема бегање. Фактите се јасни, потврдени со документи и јавно објавени.
Дали е ова прва рата од исплатата за предавството на Македонија?
За колку тендери ЗНАМ ја продава Македонија?
Не проаѓаат измислени оправдувања, потребна е одговорност.
СДСМ ги повикува ДКСК, Јавното обвинителство и Финансиската полиција да отворат истрага за најновиот скандал што го откри АКТ.
Како тоа фирма што не исполнувала услови добила тендер од 1.2 милиони евра од Пошта? Како тоа се менува сопственик само 20 денови по добивање на милионскиот тендер“, прашува СДСМ преку соопштение.

