Македонија
Запленети евра, лекови, анаболични стероиди, инвертери за соларни системи, лакови за нокти: кривични пријави против 5 лица
Возач на товарно моторно возило, државјанин на Косово, се обидел преку Деве Баир да криумчари разни лекови и анаболични стероиди од кои 126 кутии со вкупно 1.260 ампули Equiamax B200 200mg-1ml, Decamax D200 200mg-1ml, Testomax E250 250mg-1ml, Testomax C200 200mg-1ml, Primomax P100 100mg-1ml, 50 флакони Gemtu 1000mg-10ml, како и 49 кутии со вкупно 4.410 таблети Andromax Oxymetholone 25mg и Danamax Methandrostanolone 10mg, соопшти Царинската управа.
Во намерата бил спречен од мобилен царински тим кој на влез на граничен премин Деве Баир кој извршил контрола на возилото, при што во кабината на возилото во кеса скриена со ќебе и јакна, во фиоката над воланот и во сандакот со алат ги откриле непријавените лекови со вкупна вредност од 788 илјади денари. Против сторителот е поднесена кривична пријава до ОЈО Куманово.
„Поднесена е кривична пријава до ОЈО Гевгелија против едно лице, државјанин на Иран, заради основано сомнение за сторено кривично дело „Вршење јавен превоз без поседување на лиценца“, казниво по Кривичниот законик. Сторителот, кој управувал со товарно моторно возило кое било натоварено со производи за увозник од Скопје, на граничен премин Богородица кај царинскиот орган покрај останатите документи приложил и фалсификувана поединечна транспортна дозвола. Истото е утврдено во предкривичните дејствија преземени од инспекторите при Секторот за контрола и истраги.
-Кривична пријава до ОЈО Гевгелија е поднесена и против две лица, едно правно и едно одговорно лице во транспортна компанија заради основано сомневање за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ казниво по член 378 од Кривичниот законик. Одговорното лице во транспортната компанија направил лажна исправа „извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународен патен сообраќај“ при што од својот компјутер во делот за регистарски ознаки ги променил ознаките на возилото и впишал регистарски ознаки на друго возило. Лажната исправа ја ставил во кабината на товарното моторно возило која подоцна е приложена од возачот на излез од државата на граничен премин Богородица, при транспорт на стока. Царинските службеници се посомневале во автентичноста на дозволата и случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги кој изврши проверка на исправата со надлежни институции, при што е утврдено дека исправата е фалсификувана.
– Кривична пријавa до ОЈО Куманово е поднесена за македонски државјанин кој се обидел да криумчари стока во вредност од 826.400 денари, за кои требало да плати увозни давачки од 155.232 денари. Станува збор за рачка за епилатор ,,Elysion applicator“ која е пронајдена во картонска кутија сместена помеѓу предните и задните седишта на автомобил со македонски регистарски таблички, со кој сторителот се пријавил за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.
– Службата за мобилни скенери на влез во државата на граничен премин Табановце заплени разна стока меѓу која четири инвертери за соларни системи, 150 парчиња лакови за нокти од 10 мл и 20 парчиња серум за кожа од 30 мл која македонски државјанин кој патувал со автомобил со германски регистарски таблички се обидел да ја криумчари во државата.
– Царински службеници на граничен премин Табановце запленија топлинска пумпа BOSCH (внатрешна и надворешна единица со заштитни маски), откако истата македонски државјанин кој патувал со автомобил со австриски регистарски таблички сакал да ја шверцува во државата без да плати увозни давачки.
– Запленети 3.300 евра откриени при личен претрес на патник, инаку македонски државјанин, кој со автомобил со македонски регистарски таблички, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Богородица. Патникот пријавил дека со себе носи 2.500 евра, но при извршената контрола, во џеб од неговата јакна, биле пронајдени 5.300 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.
– Мобилен царински тим заплени 31 пар патики со вкупна вредност од 137 илјади денари, откако истите македонски државјанин без да ги пријави и за нив да плати увозни давачки од 44 илјади денари сакал да ги криумчари во државата. Непријавените производи се пронајдени во кеси и торби сместени на задното седиште и во багажникот на автомобил со бугарски регистарски таблички, со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце.
– 1.320 ремчиња за рачни часовници, се пронајдени во два куфери и ранец на македонска државјанка, која патувала со автобус кој сообраќал на релација Истанбул-Скопје. Непријавените производи се откриени при контрола на автобусот на влез во државата на граничниот премин Деве Баир.
– 42 парчиња делови за возила, со вкупна вредност од 302 илјади денари се откриени од Службата за мобилни скенери, при контрола на товарниот дел на два камиони со македонски регистарски таблички, управувани од македонски државјани, на влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Во првиот случај, се пронајдени 13 употребувани гуми за камиони, 4 употребувани гуми со алуминиумски бандажи за автомобили, 4 задни светла и 13 хидраулични пумпи за камиони, а во вториот случај се пронајдени 4 употребувани гуми со алуминиумски бандажи и 4 нови гуми за автомобили“, соопшти Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ: Однесувањето на Филипче предизвикува историски транфер на разочарани членови од СДСМ кон ЗНАМ
Иако Венко Филипче едновремено зборува за европската интеграција на Македонија, денес повторно покажува и докажува дека неговиот интерес е ограничен само на партиската фотелја, велат од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија.
Од таму истакнуваат дека со загриженост ја следат реториката и однесувањето на Венко Филипче.
„Иако едновремено зборува за европската интеграција на Македонија, денес повторно покажува и докажува дека неговиот интерес е ограничен само на партиската фотелја. Жалиме што некогашната државотворна партија, наместо да делува како силна, конструктивна и иницијативна опозиција која предлага решенија и води суштински дебати за иднината на државата, се служи со вулгарен и уличен вокабулар, оддалечувајќи се од вистинскиот политички дијалог“, велат од ЗНАМ.
Од таму додаваат дека ваквото однесување и реторика на Филипче и СДСМ, предизвикува историски транфер на разочарани членови од СДСМ кон Движење ЗНАМ – луѓе кои сакаат конструктивен, реформски и државнички пристап.
„Токму поради овој трансфер и растечкото разочарување, Филипче и раководството на СДСМ се во параноја, обидувајќи се да го одржат партискиот штит и личната фотелја. Прашањето кое се наметнува е – дали ваквиот настап на Филипче е само најава за пат кон Дубаи со златни визи, каде личните интереси се пред државните? Тој впрочем одбива да учествува во разговор за клучни државни интереси и реформските закони кои се дел од агендата за европски интеграции. Ова е јасна порака дека неговиот приоритет не е напредокот на државата, туку зачувувањето на лични и партиски позиции“, велат од ЗНАМ.
Од Движењето наведуваат дека тема на лидерската средба е токму она што ја носи Македонија напред – реформи во правосудството, реформите за јавното обвинителство, унапредување на безбедноста и слободата на изразување.
Според ЗНАМ сето тоа е дел од реформската агенда за ЕУ, која има за цел економски раст и стабилност на државата.
„Венко Филипче, за жал, не е научен на ваков дијалог кога станува збор за државата. Тој и некогашното владино раководство предводено од СДСМ не ги дискутираа суштинските теми за иднината на Македонија на овој начин – Преспанскиот договор или францускиот предлог не беа предмет на лидерска средба. Одлуките се носеа зад затворени врати, без јавен дебатен простор, без грижа за суверенитетот, без почит кон граѓаните – како државата да беше нивна лична сопственост, а не татковина за сите Македонци. Филипче е заштитен од систем кој го штити од одговорност за минатите криминали: провизии од модуларни болници, тендери за јаглен за ЕСМ со лични подароци, вакцини купувани по двојно високи цени, и трагедијата во Тетово со 14 живи изгорени луѓе. Сите тие случаи се дел од мрежа на партиска корупција која го штитела, додека тој молчел и го штител својот партиски круг. За разлика од тој систем, сегашната Влада ја води државата кон стабилност и европска интеграција. Ниту еден корупциски скандал, ниту еден криминален тендер, ниту еден скандал не ја наруши довербата на граѓаните. Аферите на минатата власт – Рашковски, Ковачевски, Мухамед Зеќири, бегалецот Груби и нивните соработници – се трајно сведоштво за владеење кое ја постави Македонија во стагнација и пропаст“, велат од ЗНАМ.
Од Движењето наведуваат дека Филипче мора да излезе од мафијашкиот филм и од обвинувањата за „српскиот свет“ и, како што велат, крајно време е да го остави партискиот мит зад себе и да почне да гледа реално на државата.
„Движење ЗНАМ за Наша Македонија го повикува да престане да ја блокира реформската и европската агенда и да се посвети на вистинските интереси на државата и граѓаните, наместо на фотељата и на партиските штитови. Македонија заслужува лидери кои гледаат напред, кои градат консензус за реформите и за европската иднина, а не лични или партиски позиции“, велат од ЗНАМ.
Македонија
ЛДП: Техничката влада нема да ги нахрани граѓаните, време е за вистински реформи
Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека лидерска средба има смисла само доколку на неа се разговара за суштински реформи, а не за, како што велат, пазарски и ПР решенија. ЛДП е подготвена да учествува на лидерска средба, но не и доколку таа се сведе исклучиво на прашањето за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, без одговори на клучните прашања што директно го засегаат животот на граѓаните.
„Несериозно е политиката да се сведе на тоа: „ние сме за укинување“ или „ние сме против укинување“ на техничката влада. И што потоа? Ако се укине или ако не се укине ?! Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали ќе добиеме повеќе неповратни средства од Европската Унија? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата сама по себе е празна. Зошто доцнат некои министерства со реализација на реформската агенда? До каде е пакетот системски реформи што треба да ја придвижи државата напред? На граѓаните им е преку глава од парцијални изјави и ад-хок решенија. Таквиот пристап покажува дека граѓаните не се точка на интерес, туку само алатка за медиумска доминација“, велат од ЛДП.
Додаваат и дека на Македонија не ѝ се потребни 120, туку 90 пратеници. На Македонија не ѝ се потребни 25, туку 15 функционални министерства. На Македонија не ѝ се потребни купишта членови на управни и надзорни одбори, ниту армија заменици директори. На Македонија ѝ се потребни повеќе пари во џебот на граѓаните.
Според партијата, на Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен, рационален и деполитизиран систем – една изборна единица, отворени листи и можност граѓаните сами да одлучат кој ќе ги претставува.
Македонија
Фондот за здравство и ПМФ склучија договор за молекуларно-дијагностички анализи
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) склучи договор со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за вршење молекуларно-дијагностички анализи.
Договорот го потпишаа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпески.
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS).
Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети.
Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења.
Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата.
Во моментов, Фондот има договори за NGS-анализи со следните установи:
· Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – претежно за ретки и наследни болести,
· Медицински факултет – Институт за патологија – претежно за онкологија,
· Медицински факултет – Институт за имунологија – претежно за имунодефициенции и трансплантации,
· Медицински факултет – Институт за судска медицина – претежно за форензика,
· Фармацевтски факултет – претежно за хематологија и онкологија,
· Институт за јавно здравје – претежно за вирусологија.
NGS-анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Бројот на услуги во 2025 година (проекција) е зголемен за околу 22 % во однос на 2023 година, додека буџетот е зголемен за над 40 %, што овозможува поцелосни и посложени генетски истражувања.
Се унапредува дијагностиката за рак, со цел поголема успешност во лекувањето.
Овој договор претставува почеток на поширока соработка. Со ПМФ се разговара за воведување нови услуги, вклучително и генетска дијагностика пред имплантација (PGD) кај бременост со биомедицински потпомогнато оплодување (БПО). Станува збор за анализа на неколку клетки од ембрионот уште пред негово внесување во матката, со цел избор на ембриони без патолошки мутации. Со тоа значително се намалува ризикот од појава на одредени вродени заболувања и се зголемува шансата за успешна бременост.
Фото: Pixabay

