Македонија
(Видео) Серафимовска-Борозан: Власта со месеци не го основа инспекторатот за употреба на македонскиот јазик
На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик со гордост може да кажеме дека со своите државнички политики СДСМ успеа да го заштити, да го афирмира и да го унапреди македонскиот јазик, изјаваи на прес-конференција Маја Серафимовска-Борозан од Форумот на жените на СДСМ.
Таа рече дека македонскиот јазик денеска е признат во Обединетите нации, со потпишување на договорот со Фронтекс тој стана дел од јазиците што официјално се користат во Европската Унија.
„Со буџетски средства ја поддржавме дигитализацијата на сите картотеки во институтот за македонски јазик, со што трајно заштитивме 5 милиони вредни записи на македонски текстови. Го поддржавме и проектот за дигитализиран Толковен речник на македонскиот јазик. Го дигитализиравме и Правописот на македонскиот јазик, со што овие значајни јазични ресурси стануваат подостапни за пошироката јавност. По 24 години, првпат во време на владата на СДСМ обезбедивме нови вработувања на научници во Институтот за македонски јазик. Минатата година го донесовме и Законот за употреба на македонскиот јазик, со што испишавме нова страница во историјата на јазичната и културната политика во нашата држава.
Со овој закон се воведоа значајни мерки, меѓу кои и: задолжително лекторирање на сите официјални материјали со јавно објавување на лекторите, вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт, основање инспекторат за употреба на македонскиот јазик за контрола на примената на законот.
Но и стипендирање ученици и студенти на сите нивоа за проучување на македонскиот јазик и отворање нови работни места за лектори во институциите, училиштата, издавачките куќи и медиумите.
Овој закон е конкретен доказ за нашата грижа за македонскиот јазик, за неговото унапредување и афирмирање“, изјави Серафимовска-Борозан.
Од СДСМ велат дека, за жал, и по 9 месеци, власта нема ништо преземено иако има законски обврски за тоа.
Партијаата праша зошто не е основан инспекторатот за употреба на македонски јазик и зошто нема вработување лектори.
На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик СДСМ ја повикува власта да покаже барем малку грижа за македонскиот јазик и да ги преземе сите законски обврски што досега не се преземени: веднаш да биде отворен инспекторатот за македонски јазик и сите други обврски што не се исполнети, додаде Серафимовска-Борозан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

