Македонија
Ѓорѓиевски: Не позајмуваме, првпат имаме повеќе приходи од долгови
2024 година е трета година од мојот мандат, но и трета година во историјата на Кисела Вода кога финансиските средства на општинската сметка се значително повисоки од обврските. Денес, за разлика од минатото, ние не позајмуваме, ние инвестираме, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на почетокот од своето денешно обраќање пред Советот на Општина Кисела Вода, каде што се усвоија кварталните извештаи.
Во своето излагање, тој ја истакна трансформацијата на општината во изминатите три години, посочувајќи ги рекордните финансиски резултати и историските капитални инвестиции.
-2023 и 2024 година се години со највисоки капитални инвестиции во историјата на нашата општина. Истовремено, 2024 е годината со највисоки приходи остварени во буџетот споредбено со било кога во минатото. Ги срушивме старите лоши навики на моите претходници, ја запревме праксата на непланирани трошења и создадовме модел на развој кој гарантира стабилност и раст, изјави Ѓорѓиевски. Информираше и дека со оваа историски највисока реализација на капитални проекти во износ од 155.898.143 денари, не се вклучени ниту еден од проектите чија реализација е во тек и ќе бидат завршени во 2025 година: Изградба на Основно училиште „Климент Охридски; Доградба на детска градинка „8-ми Март“; Доградба на Основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“; Реконструкција на коловоз на ул. „Ѓорѓи Димитров“; Изградба на пат кон манастир „Пеленица“; Изградба на потпорни ѕидови и уредување на речното корито „Мала Рада“.
„Цело време говоревме дека работиме домаќински – ги скративме сите непродуктивни расходи, но истовремено ги зголемивме приходите. Денеска можеме со гордост да кажеме дека поставивме здрави темели и изградивме просперитетна и самоодржлива општина“, потенцираше градоначалникот, додавајќи дека делот на приходите, разликата меѓу работењето денес и она во минатото е драстична.
-Реализираните приходи во консолидираниот Буџет за 2024 година се за 38% повисоки во однос на 2020 година, односно за 287.541.464 денари повеќе. Во 2020 година, претходната власт користеше кредит од 54.451.735 денари, кој сега ние го враќаме. Без тие средства, разликата во нашето работење во 2024 година изнесува 341.993.199 денари повисоки приходи.
Кога на ова ќе се додадат сите скратени непродуктивни трошоци, јасно е зошто денеска имаме најмногу капитални проекти, а истовремено и рекорден број на субвенции и помош за жителите“, истакна градоначалникот, додавајќи дека Буџетот за 2025 година ќе овозможи многу повеќе приходи, со тоа и многу повеќе капитални проекти и субвенции, како и целосна реализација на ветената pрограма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

