Свет
Буданов: Третата светска војна почна

Третата светска војна веќе е во тек бидејќи руско-украинската војна ги вклучи повеќето развиени земји во светот, изјави денеска шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирило Буданов, пренесува „Укринформ“.
„Ова е филозофско прашање. Зависи како гледате на тоа. За мене, тоа е трета светска војна, вклучено е апсолутно мнозинство од најсилните и најразвиени земји во светот, тоа е само факт“, рече Буданов на новинарско прашање дали војната во Украина може да се смета за трета светска војна.
На прашањето на новинарите што може да му помогне на украинското општество да го подигне моралот, тој рече дека се потребни победи.
„Одговорот можеби е малку непријатен, но овој одговор постои илјадници години. Уморното општество оживува и се буди само кога има победи. Кога нема победи, што и да направите нема да помогне. Значи, потребни се победи, дипломатски, воени, социјални, политички, но – победи“, рече Буданов.
Украинскиот портал наведува дека претходно и поранешниот врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, изјавил дека војната може да се смета за трета светска војна, особено откако Северна Кореја и Русија „директно влегоа во војната како сојузници на Русија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Протести на Алјаска: „Не го сакаме Путин тука“

„Не го сакаме Путин тука. Нека ги повлече своите трупи од Украина. Алјаска стои со Украина“, велат демонстрантите во Анкориџ кои се собраа на улиците пред средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
🇺🇸🇺🇦 Happening right now: a big pro-Ukrainian rally in Anchorage ahead of the Trump-Putin meeting. “Ukraine and Alaska — Russian never again.” pic.twitter.com/Zx2VKVYW9G
— Ostap Yarysh (@OstapYarysh) August 15, 2025
Во Алјаска беа организирани 16 протести против средбата Трамп-Путин, а во Анкориџ, најголемиот град во оваа федерална држава, на улиците се собраа неколку стотици луѓе, објавува „Анкориџ дејли њуз“. Тие носеа украински и американски знамиња.
фото: принтскрин
Свет
Русија: Се надеваме на продолжување на конструктивните разговори со САД

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва се надева на продолжување на „корисните и конструктивни разговори“ со САД.
Лавров рече дека очекува разговорите да продолжат денес во Алјаска. „Никогаш не правиме планови однапред. Знаеме дека имаме аргументи, јасна и разбирлива позиција и ќе ја презентираме“, рече Лавров.
Тој додаде дека многу веќе е постигнато за време на посетата на Стив Виткоф, кој зборуваше во име на претседателот Трамп, и дека за тоа зборувал и претседателот Путин. „Се надевам дека ќе го продолжиме овој конструктивен разговор“, заклучи Лавров.
Свет
Белата куќа го објави распоредот за средбата Трамп-Путин

Белата куќа го објави распоредот за средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Во 6:45 часот наутро по источно време (11:45 часот наутро по македонско време), американскиот претседател треба да ја напушти Белата куќа за Анкориџ, Алјаска, каде што ќе се одржат разговорите.
Средба
Трамп и Путин треба да ги започнат своите разговори околу 11:00 часот наутро по локално време (21:00 часот по македонско време). Тие ќе се сретнат приватно, со присуство само на нивните преведувачи.
Враќањето на Трамп
Американскиот претседател планира да го напушти Анкориџ и да се врати во Белата куќа околу 17:45 часот по локално време (03:45 часот по македонско време).