Свет
Песков: Не очекуваме брзи и лесни одлуки на состанокот на руската и американската делегација
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не се очекуваат брзи одлуки на состанокот на делегациите на Русија и Соединетите Американски Држави во Истанбул и изрази надеж дека земјите ќе поминат низ работниот процес доколку ги задржат политичката волја и подготвеноста да се слушаат едни со други.
„Никој не очекува одлуките да бидат брзи и лесни, проблемот на нашата агенда е премногу сложен и запоставен“, рече Песков, пренесува РИА.
Тој рече дека нема потреба да се брза со исходот од средбата.
„Постојат фундаментални договори, кои се постигнати во Ријад за ова прашање. На експертско ниво, денеска е состанокот во Истанбул, нашите дипломати работат на развивање на разбирањето што беше постигнато за време на телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели (Доналд Трамп и Владимир Путин) и договорите што беа постигнати во Ријад меѓу високите делегации“, рече тој.
Oцени дека Трамп покажува подготвеност да ги слуша другите за разлика од претходниот американски претседател Џозеф Бајден.
„Москва го гледа тоа. Ова е суштинската разлика меѓу оваа и претходната администрација во Вашингтон“, рече Песков.
Тој посочи дека Русија и САД имаат широк терен за потенцијална соработка, но дека сè уште нема конкретни преговори.
Зборувајќи за царините што САД имаат намера да ги воведат во Европската Унија, Песков рече дека тие не може да имаат влијание врз Русија.
„Имаме мала трговија со САД, би рекол, најмала можна, така што никакви царини не може директно да влијаат на нас“, рече Песков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа: Фластерите на рацете на Трамп не се поради повреда
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека фластерите кои во неколку наврати беа забележани на рацете на американскиот претседател Доналд Трамп не се резултат на повреда, пренесе Унилад.
Таа на прес-конференција објасни дека Трамп постојано се ракува со голем број луѓе, додавајќи дека Овалната соба „е како Гранд Централ станица“. Ливит наведе и дека претседателот секојдневно зема аспирин, што може да придонесе за појава на модринки.
Објаснувањето предизвика реакции и дополнителни прашања во јавноста, но од Белата куќа инсистираат дека здравјето на претседателот е добро. Лекарот на Белата куќа на 1 декември соопшти дека 79-годишниот Трамп е во „одлична општа здравствена состојба“ по извршен систематски преглед.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на Советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година, и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
Си-ен-ен објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. „блек бокс“ предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за предупредување кое се користи за истакнување на сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот, наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни проценки што ги пренесува Си-Ен-Ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле околу 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување на „блек бокс“ предупредување без јавно достапни докази може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и HHS ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос

