Свет
Кац до Хамас: „Не правете грешка, портите на пеколот ќе се отворат“
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска му се закани на Хамас дека „портите на пеколот ќе се отворат“ доколку терористичката група наскоро не ги ослободи израелските заложници.
Говорејќи на настанот по повод 33-годишнината од смртта на поранешниот премиер Менахем Бегин, Кац рече дека и покрај постојаното прекршување на договорот од страна на милитантната група Хамас и отфрлањето на рамката понудена од специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, Израел одговорил на барањето на посредникот за Израел, да дозволи уште неколку дена преговори, објави Тајм.
Како што рече, во меѓувреме Израел ја запре испораката на хуманитарна помош за Газа.
„Хамас не треба да погреши, ова е само почеток. Доколку Хамас наскоро не ги ослободи заложниците, портите на Газа ќе бидат заклучени и портите на пеколот ќе се отворат“, нагласи тој.
Израелската влада вчера го запре влезот на хуманитарна помош во Појасот Газа, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху одби да ги започне преговорите за втората фаза од договорот за прекин на огнот.
Договорот стапи на сила на 19 јануари, а во првата фазам Хамас ослободи 30 заложници, додека стотици палестински затвореници беа ослободени од израелските затвори.
Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, планира да се врати во регионот во наредните денови за да се вклучи во продолжување на првата фаза од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа или договор за втората фаза, објави денеска Стејт департментот.
„Специјалниот пратеник Виткоф планира да се врати во регионот во наредните денови за да најде начин да ја продолжи првата фаза или да премине во втората фаза“, рече портпаролот на Стејт департментот, пренесе Ројтерс.
Портпаролот повтори дека американскиот претседател Доналд Трамп и американскиот државен секретар Марко Рубио инсистирале заложниците „мора веднаш да бидат ослободени, вклучително и американските заложници“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италија и официјално го прогласи фемицидот за кривично дело казниво со доживотен затвор
Италијанскиот парламент одобри нов закон со кој формално се воведува фемицидот во кривичниот законик на земјата, казнувајќи го со доживотен затвор.
Гласањето се совпадна со Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, ден одреден од Генералното собрание на ОН.
Поддржан од конзервативната влада на премиерката Џорџија Мелони, законот реагира на низа убиства и друго насилство насочено кон жените во Италија. Исто така, вклучува построги мерки против родово базирани злосторства, како што се следење и порнографија за одмазда.
Случаите со висок профил, како што е убиството на студентката Џулија Чечетин во 2023 година, предизвикаа широко јавно негодување и дебата за причините за насилство врз жените во патријархалната култура на Италија.
„Го удвоивме финансирањето за центри против насилство и засолништа, промовиравме телефонска линија за итни случаи и имплементиравме иновативни активности за образование и подигање на свеста“, рече Мелони.
„Ова се конкретни чекори напред, но нема да застанеме тука. Мора да продолжиме да правиме многу повеќе, секој ден“,додаде таа.
Италијанската агенција за статистика Истат регистрираше 106 фемициди во 2024 година, од кои 62 се извршени од партнери или поранешни партнери.
фото: ЕПА
Регион
(Видео) Тепачка во Белград: опозицијата се судри со полицијата
Откако полицијата повторно ги блокираше пратениците од опозицијата кои се обидуваа да влезат во зградата на парламентот во Белград, пред зградата избувна стампедо и физичка пресметка.
Пратениците од опозицијата се обидоа да поминат низ таканаречениот Чациленд, шаторска населба пред влезот, повикувајќи се на вчерашното ветување на претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, дека ќе им биде дозволено да го сторат тоа, објавува Нова.рс.
Ćacilend upravo pic.twitter.com/XyAbgYkNsn
— Stranka slobode i pravde (@SlobodaIPravda) November 26, 2025
Ескалацијата се случи кога претставниците на Националното движење на Србија, Ѓорѓе Станковиќ и на Зелено-левичарскиот фронт, Богдан Радовановиќ, се обидоа да го отстранат шаторот поставен на самите скали пред парламентот, по што беа нападнати од луѓе од протестниот камп и полицијата.
Ова е втор ден по ред како има инциденти на влезот во парламентот. Вчера полицијата се судри со претставници на партијата Србија центар (Срце), предводена од Здравко Понош, кои исто така се обидоа да влезат на главниот влез преку Чациленд.
Токму по овој инцидент, пратениците од опозицијата, на средба со претседателката на Парламентот, Ана Брнабиќ, побараа оградата околу шаторската населба да се помести за да имаат непречен пристап до своите работни места.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера на прес-конференција изјави дека ќе има иницијатива „во врска со шаторите“. Иако не разјасни за што станува збор, неговата изјава сугерираше дека кампот наскоро би можел да биде отстранет.
фото: принтскрин Икс
Регион
Сијарто: Унгарија ќе ѝ помогне на Србија во снабдувањето со енергенси и ја поддржува нејзината интеграција во ЕУ
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Белград изјави дека Унгарија нема да ја остави Србија без енергенси и дека денес ќе бидат утврдени техничките детали за помошта во снабдувањето. Тој нагласи дека Србија секогаш можела да смета на Унгарија во енергетската соработка.
Сијарто оцени дека и Србија и Унгарија ја плаќаат цената на војната во Украина, иако немаат одговорност за конфликтот, и повтори дека војната „не може да се реши на бојното поле“. Тој рече дека двете земји силно се залагаат за усвојување на мировниот план предложен од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Унгарскиот министер изјави дека интерес на Европската унија е Србија што побрзо да стане членка и дека одредени земји го блокираат тој процес, додека, како што рече, истовремено ја туркаат Украина кон членство.
Тој додаде дека Унгарија ќе ѝ помогне на Србија и економски и енергетски, предупредувајќи дека намалувањето на снабдувањето преку гасоводи може да доведе земји во ранлива позиција.

