Скопје
Огромна гранка падна врз дете во Карпош кое се здобило со повреди на телото
Малолетно дете е повредено предмалку во Карпош откако се откорнала голема гранка од дрво.
„За жал, неодговорноста зема данок. И тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје. Во конкретниот случај е повреден еден малолетник кој случајно поминувал во паркот измеѓу улицата Никола Русински и Карпошево Востание и врз него паднало дрво. За жал малолетникот има повреди на телото. Пренесен е во Ургентен центар“, посочуваат од Општина Карпош.
„Иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на 5 метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните“, додаваат од Општината.
Општина Карпош бара Министерството за внатрешни работи да го документира овој немил настан, да се утврди одговорноста и за истата да се сносат правни последици.
„Општина Карпош уште еднаш јавно предупредува дека вакви немили настани ќе ни се случат и во градинките како резултат на тоа што Владата не одобрува вработувања на негувателки, воспитувачки и технички персонал на сите оние кои веќе заминале во пензија. Уште еднаш апелираме до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро доколку се случи немил настан, па потоа да ги решаваме проблемите и да бараме одговорност. Здравјето и безбедноста на децата немаат цена“, завршуваат од Општина Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

