Црна хроника
Кривично ќе се гонат полицаец и началник од кумановската полиција за неколку дела
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против А.Ј. и Д.Ј., двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1, „фалсификување исправа“ по член 378 став 1 и „спречување на докажување “ по член 368 став 1 од Кривичниот законик.
Првопријавениот А.Ј.. – полициски службеник во СВР Куманово, наместо да поднесе кривична пријава против лице од Скопје за кривично дело „фалсификување на исправа“ поради извршена промена на идентификационен број на шасија на патничко возило „бмв“, кое било одземено од полициски службеници на граничен премин Табановце, на 25.12.2024 изготвил потврда за вратени предмети и на лицето од Скопје му го вратил одземеното возило, сообраќајната дозвола и клучот од возилото. На 06.02.2025 првопријавениот сочинил и потпишал известување до ОЈО Куманово, кое го потпишал и одобрил второпријавениот Д.Ј. – началник на првопријавениот, каде доставиле потврда за вратени предмети, во која првопријавениот внел податоци за наведеното возило со променет идентификационен број на шасија и на тој начин овозможиле противправна имотна корист за друг во износ од 7.640 евра или во денарска противвредност од 469.860 денари.
Исто така, на 18.08.2023 првопријавениот доставил известување до ОЈО Куманово, кое го одобрил второпријавениот во својство на началник на Одделението за криминалистичка полиција, а во врска со пријавено кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик, кое се случило на 15.06.2023 од сторител од Куманово. Имено, при преземање мерки за расчистување на делото била пронајдена една пушка и бил сочинет записник и фото документација. Првопријавениот не известил надлежен јавен обвинител и во наведеното известувањето до ОЈО Куманово не ја доставил пушката, записникот за пронајдени предмети и не побарал наредба од јавниот обвинител за вештачење на пронајденото оружје, со што од страна на ОЈО Куманово овозможил да биде запрено гонењето на сторителот, односно пријавените службени лица злоупотребувајќи ја својата положба со неизвршување на својата службена должност, спречиле докажување на предметното кривично дело, со што потешко ги повредиле правата на оштетените пријавители на кривично дело „предизвикување општа опасност“. спречил докажување на предметното кривично дело и ги повредиле правата на оштетените.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе бидат суспендирани од своето работно место до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
На „Богородица“ откриени службени пиштоли украдени од обезбедувањето на ЈП „Паркови и зеленило“
Девет службени пиштоли биле украдени на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје. Оружјето е пронајдено во автомобил „Шкода октавија“ сопственост на правно лице од Прилеп при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против жител на Прилеп кој на 14 јануари го изнајмил возилото од компанијата и со него се обидел преку граница да ги пренесе полуавтоматските пиштоли, скриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот.
По сериските броеви е утврдено дека станува збор за оружјето кое претходно било украдено од службените простории на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и регистрирано како службено оружје на обезбедувањето во скопското претпријатие.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик
Црна хроника
Им се заканувал на сопругата и ќерките дека ќе ги убие и запали: откриено автоматско оружје по пријава за семејно насилство во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 13 јануари, во својот дом во Чучер Сандево, неовластено држел автомат STEN MKII кое на граѓаните им е целосно забрането, како и 71 куршум муниција со калибар 9 mm Para соодветна за испалување од тоа автоматско оружје.
Оружјето и муницијата биле пронајдени во домот на осомничениот, откако неговата сопруга за тоа ги известила полициските службеници кои дошле во домот по пријава дека осомничениот и се заканувал нејзе и на нивните две ќерки родени 2006 и 2010 година дека ќе ги убие.
Најпрво закани упатувал кон жената дека ќе ја запали, а потоа ја искршил покуќнината и со нож им се заканил и на ќерките. Поради ваквите дејствија со кои предизвикал чувство на загрозување и страв кај оштетените, тој е осомничен и за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Црна хроника
Провала во финансиско друштво во Карпош, одземени пари
Во текот на ноќта со употреба на сила било влезено во финансиско друштво во трговски центар во Карпош, при што биле одземени пари.
Случајот е пријавен во СВР Скопје и се преземаат мерки за негово расчистување.

