Скопје
Општина Кисела Вода воведува финансиска поддршка за пензионерите
Општина Кисела Вода продолжува со својата заложба за подобрување на животниот стандард на своите повозрасни жители, воведувајќи за прв пат еднократна финансиска поддршка за најранливите категории пензионери.
Со оваа мерка, финансиска помош ќе добијат сите пензионери кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија и се жители на општина Кисела Вода, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари според јануарскиот чек за 2025 година. На секој од нив ќе му бидат доделени 2.500 денари како еднократна финансиска поддршка. Општината дополнително ќе го покрие и персоналниот данок, кој не е пресметан во овие средства. Оваа помош ќе се доделува се до исцрпување на предвидените средства, кои во буџетот на Општина Кисела Вода за оваа намена изнесуваат 7.000.000 денари.
-Со воведувањето на оваа финансиска поддршка, Општина Кисела Вода директно помага онаму каде што е најпотребно. Нашите највозрасни жители, пензионерите, заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а ние како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ да им го олесниме секојдневието. Оваа мерка е уште еден чекор во континуираната грижа за повозрасните сограѓани, со која даваме конкретна финансиска помош, но и јасна порака дека тие не се заборавени- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека оваа иницијатива е само еден дел од севкупната поддршка што Општина Кисела Вода ја обезбедува за своите највозрасни жители.
-Во изминатиот период воведовме бесплатен транспорт за пензионерите до здравствени и административни институции, проектот ‘Итно копче’ кој овозможува брза реакција во итни ситуации, како и програмата за грижа и нега на повозрасните лица. Сите овие мерки се резултат на нашата посветеност да создадеме општина во која секој пензионер ќе има подобар квалитет на живот. Ова не е еднократна акција, туку дел од долгорочна стратегија за подобрување на условите за нашите сограѓани, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

