Свет
Северна Кореја ја повлече одлуката за прифаќање туристи по само неколку недели

Северна Кореја повторно забрани влез на туристи, само неколку недели откако западните туристи влегоа во земјата за прв пат по пет години, јавува Би-Би-Си.
Северна Кореја влезе во целосна блокада за време на пандемијата на коронавирус на почетокот на 2020 година, со олеснување на мерките кои започнаа во средината на 2023 година. Во 2024 година ги отвори своите граници за посетители од Русија, но дури минатиот месец им дозволи на западните туристи да влезат во далечниот источен град Расон.
Сепак, неколку туристички агенции сега наведуваат дека патувањата во затворената земја се откажани до понатамошно известување. Пјонгјанг не наведе причина за оваа ненадејна суспензија.
„Штотуку добивме вест од нашите корејски партнери дека Rason е затворен за сите. Ќе ве информираме“, објави вчера на Фејсбук кинеската агенција KTG Tours, специјализирана за турнеи низ Северна Кореја.
Прекин на турнеите најавија и Young Pioneer Tours и Koryo Tours. Young Pioneer Tours на Facebook ги предупреди сите кои планираат патувања во април и мај да не купуваат авионски билети додека не добијат повеќе информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стармер: Ќе играме водечка улога во безбедносните гаранции за Украина

Британскиот премиер Кир Стармер им се обрати на работниците во фабрика за одбрана во Ливерпул.
„Безбедноста и одбраната на нашата земја, на Европа и на Украина се апсолутно најважни во овој момент“, рече тој.
На прашањето за воената поддршка за Украина премиерот изјави дека она што е најважно е траен мир, кој ќе стави крај на војната и ќе гарантира дека Украина може да носи свои одлуки.
„Важно е сите да се фокусираат на тоа. Ако има договор, ќе го браниме договорот“, додаде.
Тој истакна дека владата мора да се фокусира на потенцијалните безбедносни гаранции и додаде дека „Обединетото Кралство ќе игра водечка улога“ во тоа.
„Ова мора да се направи во соработка со САД“, одлучен е Стармер.
Свет
Захарова: Испраќањето мировни сили во Украина дополнително ќе ја ескалира војната

Во Русија портпаролката на Министерството за надворешни работи предупреди дека испраќањето европски мировен контингент во Украина и евентуалниот едномесечен прекин на огнот само дополнително ќе ја ескалира војната.
„Конфликтот неизбежно ќе избувне повторно со обновена сила… Ова е апсолутно неприфатливо“, рече Марија Захарова.
Додаде дека идејата за европските мировни сили во Украина покажува дека европските лидери не научиле ништо од минатото.
Захарова исто така тврди дека секоја европска мировна мисија, доколку се спроведе, само ќе ја продолжи агонијата на режимот во Киев.
Свет
Судот: „Бионтек“ и „Фајзер“ го украдоа патентот на „Модерна“ кога ја развиваа вакцината против Ковидот

Германската биотехнолошка компанија „Бионтек“ и нејзиниот американски партнер „Фајзер“ незаконски ја користеле заштитената интелектуална сопственост на „Модерна“ во развојот на вакцината против Ковидот и мора да ѝ платат компензација, одлучи германскиот суд.
„Бионтек“ и „Фајзер“ ги прекршиле патентните права на „Модерна“ при развивањето на вакцината против Ковид-19, пресуди судот во Диселдорф и мора да ѝ платат соодветна компензација.
Пресудата вклучува и барање „Бионтек“ и „Фајзер“ да дадат информации за профитот од користењето на патентот.
„’Модерна’ со седиште во САД поднесе барања за информации и отштета поради прекршување на нејзините патентни права во развојот на вакцината против Ковид-19. Регионалниот суд во Диселдорф пресуди во корист на ‘Модерна’“, рече портпаролката.
Обвинетите компании тврдеа дека „Модерна“ ја одобрила употребата на патентот во соопштение за печатот во октомври 2020 година. Дозволата, тврдат тие, важела до 5 мај 2023 година кога Светската здравствена организација (СЗО) објавила дека коронавирусот повеќе не е закана за јавното здравје.
Судот, сепак, утврди дека „Модерна“ ја повлекла лиценцата во соопштението за печатот објавено на 7 март 2022 година. Затоа, според судот, германски „Бионтек“ и американски „Фајзер“ ќе треба да плаќаат за користење на патентот 14 месеци по одземањето на лиценцата, а не само од мај 2023 година.
Германскиот суд допрва треба да ја одреди висината на обесштетувањето на „Модерна“. „Фајзер“ и „Бионтек“ имаат право на жалба.