Култура
„Жива досада“ – новата претстава на МНТ набргу пред македонската публика, ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта

Денеска почнаа првите читачки проби за претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, во која играат заедно со Гоце Андонов.
Темата на претставата е досадата на децата во денешното време, каде што авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разно-разни обврски, само за да ја избегнат досадата.
Ликовите на децата, Давид и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе.
Костимограф е Валентина Чонкова, а сценограф е Мартин Манев.
Премиерната изведба се очекува кон втората половина на април или на почетокот на мај 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба „Поглед кон далечина обоена сино“ во Центар-Јадро

На 20 септември (сабота) во 12.00 часот ќе биде отворена изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ заедно со Дарко Алексовски во КСП Центар-Јадро.
На оваа прошетка уметникот ќе зборува за развивањето на идеите кои ги собраа различните, досега неизложувани дела во една целина, како и за теориските и референците од историјата на уметноста. Средбата ќе биде од неформален карактер, а публиката ќе има простор да постави прашања и да сподели свои впечатоци.
Автор на текстот и куратор на „Поглед кон далечина обоена сино“ е Славчо Димитров, а изложбата ќе може да се погледне и во текот на следната недела во работни денови помеѓу 10.00 и 16.00 часот.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Култура
„Везилка“ – самостојна изложба на Јана Јакимовска во КИЦ – Скопје

На 24 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје ќе се отвори самостојната изложба на цртежи и слики на академската сликарка Јана Јакимовска со наслов Везилка.
За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише:
Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 23 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Култура
Оскаровци, врвни автори, македонски филмови: „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центарот на филмски случувања

По 46- ти пат „Браќа Манаки“ ќе ја отвори својата врата за светлината на камерата. Овој фестивал е повеќе од традиција, тој е жив организам, пулс на едно општество што сака да биде витално, храбро и отворено за промена, вели организаторот.
-Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече денеска на прес конференцијата во Битола, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Во главната програма не очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин- и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.
-Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек- дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците,, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.
-Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовте студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови за време на фестивалот. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.