Скопје
Скопје ќе биде парализирано поради маршот за 8 Март

Во организација на граѓански иницијативи, денеска во Скопје ќе се одржи протестен марш по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март.
Маршот започнува во 12:00 часот на бул. Партизански одреди, а се очекува да се движи низ централните улици на градот. Процесот ќе го следи Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, која ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Маршот ќе започне на бул. Партизански одреди, по што ќе се движи кон бул. Св. Климент Охридски, потоа десно на бул. Илинден, преку мост Гоце Делчев до Стоковната куќа „Мост“, со продолжување на патот по бул. Филип Втори Македонски. Крајната дестинација е парк „Жена Борец“, а маршот ќе заврши пред Собранието на Република Северна Македонија околу 15:00 часот.
Како резултат на протестот, се очекуваат значителни промени во сообраќајот на поширокото централно подрачје на градот, а граѓаните се поттикнуваат да ги следат указувањата на сообраќајната полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Делови од Кисела Вода и Илинден утре без струја, делови од Центар и Гази Баба без вода

Дел од корисниците на улицата Киро Крстевски Платник во општина Центар утре од 9:00 часот ќе останат без водоснабдување поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од 80 милиметри на улицата Киро Крстевски Платник број 6.
Поради дефект на затворач на водоводна мрежа со пречник од 80 милиметри на улицата 36 бр. 12 во село Трубарево утре од 9:00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од селото Трубарево, општина Гази Баба.
Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на град Скопје, корисниците ќе бидат без водоснабдување се додека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје не завршат со интервенциите.
Дел од корисниците од улицата „Саса“ во населбата Пинтија во општина Кисела Вода утре од 8:30 до 12:00 часот ќе останат без напојување со електрична енергија.
Од 9:00 до 15:30 часот, без струја ќе бидат и корисниците од улицата Христо Татарчев, подулица број „13“ во истата општина, а од 9:00 до 15:00 часот корисниците од улицата 500 на потегот од број 24 до број 45 во село Марино, општина Илинден.
Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на град Скопје, причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија е изведувањето планирани зафати во електродистрибутивната мрежа од страна на екипи на ЕВН Македонија АД.
Скопје
Женското рели денеска ќе ги „размрда“ улиците во Скопје

Женското рели „#женскорели2025“ денеска ќе ги раздвижи улиците на Скопје, во организација на Автомобилистичката федерација на Македонија (АФСМ). Овој настан, кој се одржува по шести пат, ќе биде вистински тест за умешноста и брзината на учесничките, кои ќе се натпреваруваат во две дисциплини: градско возење по однапред зададена рута и брзински испит познат како „гимкана“.
Сите натпреварувачки мора да поседуваат важечка возачка дозвола и да возат со сопствено возило, додека тимот се состои од возач и совозач.
„Веќе шест години преку ова рели ги поттикнуваме девојките и жените активно да се вклучат во автомобилизмот. Овој спорт не е само забава, туку и начин да се промовираат вредности како почитување на сообраќајните правила, внимание и култура на однесување во сообраќајот. Нашиот главен фокус е да испратиме силна порака за еднаквост, позитивен натпреварувачки дух и поддршка меѓу сите учесници“, изјави Кристина Станојковска, потпретседателка на АФСМ.
Настанот е организиран со поддршка на домашни и меѓународни партнери на Автомобилистичката федерација на Северна Македонија, која е дел од Светската автомобилистичка федерација (ФИА).
Скопје
Марш за женски права во Скопје, жените бараат крај на дискриминацијата

Денеска во Скопје се одржа марш организиран од Платформата за родова еднаквост, со слоганот „Нека јадат ружи!“. Поводот беше Меѓународниот ден на жената, кога се истакнаа важни барања за подобрување на правата на жените во општеството.
Организаторите потсетија дека 8 Март не е само ден за симболични гестови, туку и за феминистичка борба за слобода и правда.
„Жените не се безбедни ниту во својот дом, ниту на улица“, беа дел од изјавите на организаторите, кои истакнаа и важноста на борбата за еднакви права во работниот простор, каде што жените се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и дискриминација.
Тие ја нагласија потребата од значајна промена на политиките за родово базирано насилство и повикаа на зголемена вклученост на жените во урбанистичкото планирање, како и на борба против работната дискриминација. „Не ќе молиме полиција и обвинителство да постапуваат навремено, туку ќе продолжиме да се бориме за вистинска заштита на жртвите на насилство“, нагласија тие.
Овој ден беше потсетник за сите жени ширум светот, дека родовата еднаквост е прашање на општествено унапредување, а не само симболички празник.