Топ
Стоматолог уценуван со видео клип за 5.000 евра од двајца напаѓачи

Основното јавно обвинителство во Скопје го истражува случајот на изнуда што се случил на 29 јануари, кога двајца осомничени, еден од нив бил 33-годишен скопјанец, се обиделе да принудат стоматолог да им исплати 5.000 евра.
Според информациите од обвинителството, осомничените дошле во ординацијата на стоматологот по закажан термин и извршиле сериозна закана за да го уценат лекарот.
„Осомничениот му покажал на стоматологот видео клип со наводно компромитирачка содржина и побарал 5.000 евра за да не го објави видеото. Во моментот кога стоматологот започнал да го снима разговорот, осомничениот го забележал и му го одзел телефонот, ја избришал снимката и го натерал стоматологот да излезат од ординацијата“, велат од обвинителството.
Во соопштението се додава дека напаѓачите се обиделе насилно да го внесат стоматологот во автомобил, но тој се одбранил и избегал од нив. Осомничените, по заканата дека стоматологот ќе мора да плати дополнително поради снимката, побегнале во непознат правец.
„Поради сериозноста на настанот, јавниот обвинител предложи да се одредат мерки на претпазливост за првиот осомничен, како што се привремено одземање на патната исправа, забрана за приближување или контакт со оштетениот и обврска да се јавува на надлежен орган“, додаваат обвинителството.
Тековно се преземаат мерки за откривање на идентитетот на вториот осомничен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Разоткриена мрежа на шверцери – купувале цигари на фришоп во Грција и ги пренесувале со цистерна со нафта

Царинска управа преку Секторот за контрола и истраги, откри и спречи криминална шема поврзана со шверц на цигари. Против пет лица, меѓу кои еден возач и еден сопственик на транспортна компанија, до Основното јавно обвинителство поднесена е кривична пријава за сторени кривични дела: криумчарење и прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.
Во моментот кога првоосомничениот, возач на транспортна компанија, се обидел да направи примопредавање на цигарите во количина од 171 штека за што требало да му бидат исплатени кеш средства од 3.735 евра од нарачател на делото, истите се приведени од мобилен царински тим, а цигарите и девизите се запленети.
По преземени предистражни дејствија од Одделението за истраги, при што извршени се и претреси на домовите како и форензичка анализа на мобилните уреди на сторителите, поднесена е кривична пријава.
Истрагата покажа дека организираната мрежа на повеќе наврати го повторува делото – штеки цигари се купувани од грчки фри шоп и истите без да се пријават и за нив да се платат давачки, нелегално се внесувале во државата. Делото го вршат преку користење на товарно моторно возило – цистерна натоварена со нафта.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Еден качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните што дивееја на улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.