Свет
Полска планира воена обука за секој маж, се разгледува и нуклеарна опција

Полскиот премиер Доналд Туск објави дека неговата влада работи на план за задолжителна воена обука за секој возрасен маж во земјата, како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа.
Туск рече дека има потреба од армија од 500.000 војници, во која ќе има и резервисти, пишува Гардијан.
„Ќе се обидеме да имаме подготвен модел до крајот на оваа година, така што секој возрасен маж во Полска ќе биде обучен во случај на војна“, рече Туск за време на говорот за безбедноста пред полскиот Парламент.
Минатата година полската влада соопшти дека армијата има околу 200.000 војници, со цел оваа година таа бројка да се зголеми на 220.000, а долгорочно да достигне 300.000 војници.
Туск предложи Полска да ги истражи „нуклеарните опции“.
„Мораме да бидеме свесни дека Полска мора да се потпре на најсовремените можности, вклучувајќи нуклеарно оружје и современо неконвенционално оружје“, рече тој.
Туск: Уште една трагична ноќ во Украина
Полскиот премиер Доналд Туск ги коментираше нападите во Украина што Русија ги изврши минатата ноќ во кои, според последните информации, загинаа најмалку 20 луѓе.
„Еве што се случува кога некој ги смирува варварите. Повеќе бомби, повеќе агресија, повеќе жртви. Уште една трагична ноќ во Украина“, напиша тој на „Х“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) „Таа е неверојатна, ама не сакам да влезам во неволја“- Трамп за сопругата на британскиот премиер

Американскиот претседател Доналд Трамп упати пофалби за Викторија Стармер, сопругата на британскиот премиер Кир Стармер, за време на средбата на двајцата државници во Тернбери, Шкотска.
Иако звукот од гајдите го надвладеа Трамп, се слушна како американскиот претседател вели: „Сакаме да го усреќиме премиерот.“
Говорејќи за Викторија Стармер, Трамп додаде:
„Таа е почитувана личност низ целите Соединети Американски Држави. Не знам што работи тој, но таа е многу почитувана, подеднакво почитувана како и тој. Не сакам да кажам повеќе, ќе влезам во неволја. Но, таа е многу, таа е прекрасна жена и многу е почитувана“, пренесува Express.
🚨🇬🇧🇺🇸 Trump welcomes Britains most hated Prime Minister ever & all round Global Communist Keir Starmer along with his estranged Wife to his Residence in Turnberry, Scotland pic.twitter.com/3T9a4oB4hh
— Concerned Citizen (@BGatesIsaPyscho) July 28, 2025
По долгиот разговор помеѓу премиерот и претседателот на врвот од скалите, Трамп се сврти да одговори на новинарските прашања додека гајдите продолжија да свират гласно.
Меѓу другото, едно прашање се однесуваше на царините на виски.
„Ќе разговараме за тоа, не знаев дека вискито е проблем. Не сум голем љубител на виски, но можеби треба да бидам“, рече Трамп.
За време на кратката средба пред официјалниот разговор, лидерите се осврнаа на теми од нелегална миграција до војната во Газа.
Свет
Американскиот потпретседател: Бајден, Обама и Буш го прикриваа случајот Епштајн

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денес изјави дека претседателот Доналд Трамп сака целосна транспарентност во случајот со Џефри Епштајн.
Тој додаде дека поранешните претседатели Џо Бајден, Барак Обама и Џорџ В. Буш „го прикриле овој случај“.
„Претседателот (Трамп) му наложи на државниот обвинител да ги објави сите веродостојни информации и, искрено, да пронајде дополнителни веродостојни информации поврзани со случајот Џефри Епштајн. Тој е неверојатно транспарентен во врска со овие работи, но дел од тоа бара време“, изјави Венс при обраќање во Кантон, Охајо, пренесува „Си-ен-ен“.
Венс додаде дека „постојано“ е во контакт со државната обвинителка Пем Бонди, која во моментов, како што рече, „вредно работи на ова прашање“.
Тој посочи дека администрациите на Обама и Буш биле „млаки“ во однос на Епштајн, кого го нарече посрамен финансиски магнат и „педофилски олош“.
„Ниту целосно го истражија случајот, ниту покажаа некакво вистинско интересирање за него, а сега Доналд Трамп бара од своето Министерство за правда да покаже целосна транспарентност – и некако тоа станува критика за Трамп, наместо за Обама и Буш“, рече Венс.
Во времето на администрацијата на Буш, американскиот обвинител Алекс Акоста – кој подоцна служеше и во првата администрација на Трамп како министер за труд – одби да го гони Епштајн, што му овозможи да избегне федерални обвиненија.
Свет
Трамп тврди: Моето претседателство спречи шест големи војни

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговото присуство во Белата куќа, односно тоа што е на позицијата претседател на САД, спречило избувнување на шест големи војни низ целиот свет, вклучувајќи и потенцијален вооружен конфликт меѓу Индија и Пакистан.
„Да не бев тука, ќе имавте шест големи војни во моментов. Индија ќе се бореше против Пакистан“, рече Трамп во Шкотска, пред средбата со британскиот премиер Кир Стармер, тврдејќи дека неговата администрација одиграла клучна улога во деескалацијата на кризите во неколку глобални жаришта, пишува Гардијан.
Како пример, тој го наведе спорот меѓу Тајланд и Камбоџа, за кој посочи дека благодарение на неговата интервенција, вклучително и заканата за прекин на трговските преговори, е постигнато примирје.
Трамп, исто така, посочи на придонесот на неговата администрација за намалување на тензиите и поддршка на мировните напори меѓу Руанда и Демократска Република Конго.