Свет
Зеленски: Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии како руски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии како руски.
„Нема да признаеме ниту една територија окупирана од Русија. Тоа е факт. Нашиот народ се бореше за ова, нашите херои ги дадоа своите животи… Значи, никој нема да го заборави ова. Кога велам дека никој нема да заборави, тоа се нашите главни црвени линии“, рече Зеленски на прес-конференција.
Тој истакна дека државата нема да дозволи никој да го заборави ова злосторство против Украина. Украинскиот лидер нагласи дека доколку Русија ги отфрли предлозите изнесени за време на средбата на украинската и американската делегација во Џеда, Киев смета на силни американски чекори за притисок врз Русија.
„Колку што разбрав, можеме да сметаме на силни чекори од САД кон руската страна. Се уште не ги знам деталите, но зборуваме за санкции и зајакнување на Украина“, рече Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Елина Валтонен: Финска ќе биде дел од коалицијата да и пружи помош на Украина

Финска дефинитивно ќе биде дел од секоја коалиција што може да помогне во поддршката на безбедноста на Украина, изјави денеска финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен за британскиот Радио Тајмс.
„Дефинитивно сме дел од коалицијата на подготвените и го разгледуваме збирот ресурси и способности што треба да ги донесеме на маса за да и помогнеме на Украина да ја обезбеди својата безбедност“, рече таа, според Ројтерс.
Како што истакна таа, мора да се обезбеди и остатокот од Европа.
Свет
Брисел: Почестени сме од желбата на Канаѓаните да влезат во ЕУ, но тоа не е остварливо

Брисел е почестен од резултатите од истражувањето кое покажа интерес на Канаѓаните за влез во Европската унија, изјави денеска Пола Пињо, портпарол на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но нагласи дека идејата не е остварлива.
Истражувањето, спроведено на крајот на февруари од истражувачката компанија „Абакус Дата“, покажа дека 44 отсто од канадските испитаници веруваат дека нивната земја треба да се приклучи на ЕУ, додека само 34 отсто се против идејата, објави Политико.
Прашањето за општа поддршка за пристапување во европскиот блок наиде на одобрување од 46 отсто од испитаниците.
Свет
Поранешен советник на Путин: Русија стравува од едно сценарио во прекинот на огнот

Владимир Путин најверојатно планира да одговори на предлогот за прекин на огнот со свое барање, изјави неговиот поранешен советник Сергеј Марков.
Зборувајќи за SkyNews, Марков рече: „Русија стравува дека периодот на прекин на огнот ќе се искористи за целосна милитаризација на украинското општество од страна на НАТО“.
Поради ова, тврди тој, Путин најверојатно ќе бара ембарго за испорака на оружје на украинската армија од други земји.
Но, кога еден новинар го прашал за можноста за испраќање мировници од европските земји, Марков се насмеал.
„Британските и француските трупи се дел од војната“, рече тој, додавајќи дека мировниците обично се од неутрални земји.
„Сите војници од европските земји би се сметале за окупатори, а руските војници би ги убиле сите бидејќи дошле да ја ослободат Украина.
Тензиите се зголемија кога беше прашан дали Русија ќе ги смета британските мировници за непријатели и учесници во војната.
„Да, затоа што Британија е учесник во војната“, одговори Марков, мислејќи на воената помош што Обединетото Кралство и ја дава на Украина.