Македонија
Бугарија испрати јасна политичка порака дека не се посветени на изградбата на Коридорот 8, вели Николоски, кој алармирал во банките за пренамената на средствата
Министерот за транспорт и врски Аленсандар Николоски утрово алармирал во двете банки со кои земјава има потпишано договори за кредит од 350 милиони евра за изградба на железничкиот Коридор 8 дека доколку не се користат средствата, тоа ќе биде по вина на Бугарија. Писмата ги испратил со цел да го заштити финансискиот интерес на државата, која доколку не ги користи одобрените пари, ќе треба да плаќа резервации.
„Со жалење ја примив информацијата што стигна вчера, а која веќе е и официјален документ усвоен од бугарската влада, со кој Бугарија одлучи да ги тргне средствата што претходно беа предвидени за реконструкција на делот на пругата од Софија до Ѓуешево. Имајќи предвид дека има пруга, но таа е во очајна состојба и практично не може да се користи, не треба само да се изведе клучка и да се изгради тунелот со Бугарија, туку многу побитно – да се направи реконструкција од Софија до Ѓуешево со цел Скопје и Софија да се спојат. Имајќи предвид дека донесоа одлука средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност на изградбата на желеничкиот Коридор 8“, рече министерот Николоски.
Според него, со овој потег на Бугарија паднала во вода целата пропаганда водена изминативе седум месеци против нашата Влада, против него и против премиерот дека се против поврзување со Бугарија.
Николоски вели дека останува силно посветен на железничкиот Коридор 8 и оти во овој момент активно се работи на втората секција во должина од 34 километри, која оди од Бељаковце до Крива Паланка.
„Остануваме посветени на дијалог со Бугарија за изнаоѓање заеднички прифатливо техничко решение за тунелот што треба да ги спојува двете држави и за изградба на третата секција. Сметаме дека Коридорот 8 е исклучително значаен не само за Македонија туку за целиот регион и за цела Европа. Тоа е НАТО-коридор, коридор што е втор најзначаен за НАТО и нашата посветеност останува“, вели министерот Николоски.
Освен банките, тој за новите случувања во врска со железничкиот Коридор 8 испратил писма и до европската делегација и до европската транспортна заедница. Очекува дијалогот со Бугарија да продолжи, а последниот чекор за средба извести дека го направил на 7 март кога преку Министерството за надворешни работи испратил формално писмо до бугарската влада, до бугарското Министерство за транспорт и до сите одговорни. Формирал и работна група на највисоко ниво, во која членува и самиот тој, и очекува и Бугарија да постапи исто за железнички да се поврзат Скопје и Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

