Македонија
Медиумите да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди: АВМУ за информирањето за погребите на жртвите од несреќата во Кочани

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги ги потсетува медиумите при информирањето за погребите на жртвите во трагичниот пожар во Кочани да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди.
„Известувањето треба да биде без сензационализам, задолжително треба да се почитуваат личната болка и жалоста на семејствата, роднините и најблиските на загинатите и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста. Во оваа насока се и барањата од жителите од Кочани, кои вчера се обратија директно до Агенцијата, како и преку социјалните мрежи, со апел медиумските работници да се држат понастрана за време на погребите и да не снимаат со дронови. Медиумите да внимаваат при правењето и особено при објавувањето снимки и фотографии со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни.
Генерално, деновиве медиумите покажаа висок степен на професионалност. Имаше неколку случаи на емитување филмови и серии со забавна содржина за што се доставени и претставки до Агенцијата поради што посочуваме радиодифузерите да обрнат поголемо внимание при креирањето на програмската шема. Истовремено, важно е и класичната музика, која се емитува, да биде соодветна на деновите на жалост.
Aпелираат до медиумите да им ја дадат потребната поддршка на своите медиумски работници, кои изминативе денови при извршувањето на своите работни обврски се изложени на исклучителен стрес и со тоа на здравствени ризици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Палчо си запали цигара откако ја закопавме Вања, ја чистеше лопатата за да прикрие траги, сведочеше Манев

Koга завршивме со закопувањето на Вања, Љупчо Палевски ладнокрвно запали цигара и си го отвори телефонот за да види што има на Интернет. Тогаш кажа дека се дигнала врева и се бара Вања, продолжи со сведочењето, Велибор Маневна рочиштето за двојното убиство на Вања и Панче.
„Единствено преместување на телото е кога го стававме во дупката. Ја копавме околу 20 минути. За тоа време, не го мрдавме телото на Вања, сè додека не го ставивме внатре. Пред да го преместиме, беше во вреќа, која ја извади и фрли во колата на Жежовски. Лопатите ги фрливме по пат, кога одевме кон Глумово, со колата на Панче. Лопатата, пред да ја фрли, Палевски ја чистеше. И рачката и металот ги прскаше со ВД-40 за да се скријат трагите. Подзастанаа и Кешишев ги фрли алатите во долот“ рече Манев.
Обвинетиот Манев и денес раскажуваше дека Палевски две недели ја следел потенцијалната жртва за грабнување, висока жена со долга коса, многу слична на Вања Ѓорчевска, освен во годините. Таа живеела во истата зграда, била ќерка на богат фармацевт и имала четириесетина години. Тој тврди дека по два неуспешни обиди, грабнале погрешна личност.
На рочиштето Манев рече и дека Палевски ја одлепил траката од устата на Вања Ѓорчевска, ја сликал со вперен пиштол, а откако ја убил, го спакувал пиштолот, заедно со трите мотороли и наредел на свој послушник да го уништи пакетот.
Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска во судницата на Кривичниот суд стана и го праша Велибор Манев – „Зошто ми го убивте детето?“. На тоа доби одговор: „Не можам да одговорам, тоа треба да го прашате Љупчо Палевски“.
Во врска со тоа дали некој од нив се слушнал со родителите на Вања, бидејќи таа им ги дала нивните телефонски броеви, тој одговори дека тој лично не, а за другите не знае. Прашан и зошто не испратиле слики за откуп, рече дека тоа е прашање за Палевски.
Македонија
Toшковски: Благодарност до граѓаните за достоинственото искажување на почит, а правдата и одговорноста ќе ги стигне сите виновници

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изрази голема благодарност до граѓаните низ целата држава за достоинствено оддавање почит на жртвите, на протестите кои се одржаа во голем број градови во државата.
„Ова покажа дека како општество знаеме да ја споделиме болката со почит и солидарност. Во вакви трагични моменти, гневот и болката се оправдани, но морам да напоменам да внимаваме тие да не бидат инструментализирани. Одговорноста за оваа трагедија ќе ја бараме преку институционални процеси, а не преку сценарија кои можат да ја продлабочат кризата и да не оддалечат од вистината“, истакна министерот Тошковски.
Министерот Тошковски потенцираше дека е јасно дека сите граѓаните се за правдата да излезе конечно еднаш на виделина и да има целосна одговорност за случајот.
„Клучно е таа да дојде преку институционални и правни механизми, а не преку емоции кои определени структури можеби би сакале да ги искористат во насока која не и служи ниту на вистината, ниту на најблиските на жртвите“, рече Тошковски.
Македонија
Забрането е снимање со дронови на повеќе локации, меѓу кои и скопските гробишта

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на дронови дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на следните населени места:
1. Кочани, вклучувајќи ги с. Оризари, с. Тркање и с. Зрновци,
2. Штип со околните места,
3. Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги с. Соколарци и с. Чифлик,
4. Струмица со околните места,
5. Пробиштип со околните места,
6. Македонска Каменица со околните места,
7. Виница, вклучувајќи го с. Митец,
8. Скопје – гробишта о. Бутел, гробишта о. Ѓорче Петров, гробишта с. Горно Лисиче и гробишта с. Горно Нерези.
„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, велат од МВР.
Апелираат до граѓаните во овие денови на неизмерна тага и болка во рамки на загарантираното со Устав право на собирање и одржување на протест, истите да се одржат во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани во државата.