Македонија
АЦВ: Прекршувањето на правилата под изговор не сме знаеле е неприфатливо, вчерашните управувачи со дронови не се регистрирани оператори
Агенцијата за цивилно воздухопловство соопшти дека синоќешното медиумско снимање со дрон на собирот на плоштадот Македонија во Скопје, на кој се изрази масовно незадоволство од трагичниот настан во Кочани, го прекршил правилникот за летала без екипаж, стапен во сила на 1 јуни 2024, со одложена примена од 1 јануари 2025.
„Во текот на 2024 година од страна на АЦВ се преземени низа активности за информирање на јавноста, особено на корисниците на летала без екипаж, вклучувајќи ги и медиумите, за стапување во сила на новата регулатива, при што како завршен настан на промотивната кампања на 14 декември во Домот на АРМ беше организирана работилница на која сите заинтересирани можеа да ги добијат потребните податоци директно од вработените во Агенцијата за цивилно воздухопловство, кои работат на оваа проблематика.
Дополнително, сите информации во врска со начинот и правилата за оперирање со летала без екипаж во македонски воздушен простор 24/7 се лесно достапни на веб-страницата на Агенцијата (www.caa.gov.mk) и/или на www.drone.gov.mk.
Оттаму, прекршувањето на правилата под изговор не сме знаеле е неприфатливо, велат од АЦВ.
Од таму додаваат дека забраната за директно надлетување над луѓе е стара веќе 10 години и таа е предвидена уште со уредбата за условите под кои летало без екипаж може да лета во македонски воздушен простор, донесена од тогашната влада во 2015 и 2017, а во член 4 предвидено е дека: „далечинскиот пилот леталото ќе го управува на безбедно растојание од луѓе и дека нема да лета директно над луѓе – собири на луѓе”
„Во конкретниот случај, со оглед дека Агенцијата за цивилно воздухопловство ја применува истата оваа регулатива како и другите европски држави, со ограничувањата што се пропишани требало да се запознаени како македонските така и странските оператори на летала без екипаж.
При вчерашните настани лицата што управувале со дронови морало да бидат регистрирани оператори на дронови и да поседуваат потврда за регистриран оператор на дрон издадена од АЦВ. Тие никако не смееле директно да ја надлетуваат групата, односно собирот на луѓе, бидејќи во ниедна категорија на операции со дронови (А1, А2 или А3) не е дозволено директно да се надлетуваат собири на луѓе.
Лицата што управувале со дронови морало да поседуваат сертификат за оспособеност за далечински пилот (А1/А3 или А2) издаден од АЦВ.
Операторите на дронови единствено би имале право да летаат во близина на луѓе (без директно надлетување луѓе) доколку поседуваат оперативно одобрение за оператор на дронови, во посебна категорија, издадено од АЦВ. Оперативното одобрение се издава во управна постапка, која вклучува детаљна проверка на операторот и на системот за управување со безбедноста на летот опишан во оперативниот прирачник на операторот, кој се доставува на одобрување до АЦВ. Притоа далечинските пилоти мора да поседуваат сертификат за оспособеност во категорија на операции А2“, објаснуваат од Агенцијата.
Во соопштението се вели дека покрај инспекторите од Агенцијата за цивилно воздухопловство, надзор врз операциите со летала без екипаж може да вршат и полициски службеници.
Новинарски екипи од ТВ „21“ и на „Ројтерс“ синоќа беа повикани на разговор во полиција поради немање соодветна дозвола за снимање со дрон на собирите на плоштадот во Скопје по повод трагедијата во Кочани, а по разговорот, беа пуштени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дрога чувана под шанк во кафеана: четири лица под истрага за илегална препродажба на марихуана и хашиш во Валандовско
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничен кој во временскиот период од октомври 2025 година до 23.01.2026 година, во угостителски објект во валандовското село Јосифово, неовластено заради продажба држел 121,40 грама марихуана, 751,99 грама хашиш и 37,44 грама мешавина од хашиш и марихуана.
Дрогата била спакувана во најлонски и книжни омоти ставени во пластична кофа со капак под работната иноксна маса во објектот. Полициски службеници пронашле и една пластична вага со остатоци од наркотична дрога.
Од тие причини постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За истото кривично дело се осомничени уште 3 лица, кои меѓусебно препродавале наркотична дрога марихуана во непосредна близина на плантажи со лозје во Јосифово. На 21 јануари едниот осомничен продал 679,97 грама марихуана на вториот осомничен, а тој потоа неовластено ја држел во штала.
Следниот ден дрогата ја однел кај третото лице во селото Пирава, кое требало да ја препакува и да посредува во купопродажбата на марихуаната на крајни корисници – зависници. При претресите полициски службеници ја пронашле дрогата, како и уште дополнителни 65,13 грама марихуана, 110 семки кои потекнуваат од растението канабис и вага со остатоци од наркотична дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени дилери.
Македонија
Комисијата за одбрана и безбедност со претставници на Израел: нагласена важноста на соработката за зајакнување на националната и регионалната безбедност
Комисијата за одбрана и безбедност денеска одржа работна средба со претставник на Министерството за одбрана, Елај Калиф, и амбасадорката Вивиен Аисен на Државата Израел, на која се дискутираше за соработката во областа на одбраната и безбедноста. Посебен акцент беше ставен на соработката во рамките на НАТО, како и на размената на искуства и добри практики од областа на одбраната.
Претставникот на Министерството за одбрана на Државата Израел ги презентираше глобалните безбедносни тенденции кои влијаат врз Израел, како и можностите за соработка со земјите од Балканот и Балтикот. Во тој контекст, беше истакната потребата од започнување структуриран дијалог во областа на одбраната и безбедносната поддршка.
Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски, ја нагласи претходната соработка со Центарот за обука на пилоти, посочувајќи ги придобивките и значењето на оваа соработка за унапредување на одбранбените капацитети.
Пратениците, во своите излагања, ја потенцираа суштинската важност на соработката со Државата Израел во областа на одбраната, како значаен елемент за зајакнување на националната и регионалната безбедност и стабилноста на Балканот.
Македонија
Појава на магла на Стража, државните патишта проодни и безбедни за сообраќај
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот премин Стража.
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

