Свет
Аеродромот „Хитроу“ цел ден ќе биде затворен поради прекин на струјата предизвикан од пожар на трафостаница

Лондонскиот аеродром „Хитроу“ денеска ќе биде затворен до полноќ по прекин на електричната енергија предизвикан од пожар во блиската електрична трафостаница што го снабдува, соопшти управата на аеродромот.
„За да ја заштитиме безбедноста на нашите патници и колеги, немаме друг избор, освен да го затвориме ‘Хитроу’ до 23,59 часот на 21 март 2025 година“, рече портпаролот, според Би-би-си.
Во соопштението се советуваат патниците да не доаѓаат на аеродромот и да се јават во своите авиокомпании за дополнителни информации.
Десет противпожарни возила и 70-ина пожарникари се борат со пожарот во трафостаница во Хејс, кој е дел од Лондон.
Помошник-началникот Пат Голбурн рече: „Ова е многу значаен инцидент и нашите пожарникари неуморно работат во тешки услови за да го стават пожарот под контрола што е можно побргу“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Франциско денеска беше отпуштен од римската болница Гемели

Папата Франциско денеска беше отпуштен од римската болница Гемели по повеќе од пет недели престој, јави ДПА. Папата денеска го имаше своето прво појавување во јавноста по пет недели, мавтајќи од балконот на болницата пред да ја напушти установата.
На 14 февруари, 88-годишниот понтиф беше примен во болница со тешка респираторна инфекција. Од неговата хоспитализација, Ватикан објави само една фотографија од папата – и тоа само одзади, пред олтарот во капелата на десеттиот кат од клиниката.
Неизвесно е дали тој ќе може да учествува на прославата на Велигден следниот месец.
Свет
Турскиот суд нареди градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу да биде задржан во притвор

Турскиот суд нареди градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, водечки противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, да биде задржан во притвор, јавија турските медиуми.
Имамоглу, клучна опозициска фигура, беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група.
Приведувањето на Имамоглу, предизвика масовни протести, и покрај тоа што властите ги зајакнаа безбедносните мерки на бројни централни улици и ги забранија сите собири и демонстрации во градот до 26 март.
Наредбата на судијата за притвор денеска дојде во врска со обвинението за корупција.
Регион
Двајца од тешко повредените во Кочани кои се во Белград дишат со машина, на дел од хоспитализираните ќе им се пресадува кожа

Седумнаесет лица повредени во пожарот во Кочанисе лекуваат во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград од кои две се на механичка вентилација, а двајца се оперирани, изјави др Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС.
Стојичиќ нагласи дека пациентите се во добра состојба и постоперативно е без проблеми.
„Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи успешно се опоравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега“, изјави тој за РТС.
Тој наведе дека кај пациенти кои веќе се оперирани, процедурата опфаќа отстранување на девитализирано ткиво и покривање со автотрансплантација, што значи дека нивна сопствена кожа се зема од други региони и се пресадува на изгорените места. На еден пациент ќе му биде извршена нова операција за околу пет денови (на другата рака).
Според него, за оние на кои им претстои операција, нема да бидат потребни донатори на кожа.
Што се однесува до опоравувањето на оние кои биле оперирани, Стојичиќ истакна дека конечниот резултат обично се забележува за 14 дена, а потоа следи фаза на опоравување со помош на физикална медицина.