Македонија
И во Центар ќе се проверуваат сите објекти за да се утврди дали се безбедни од пожари
На итен состанок на Штабот за заштита и спасување на Општина Центар, што се одржал вчера со присуство на инспекциските служби на општината и Командирот на ПС Беко Игор Стаменковски, била разгледана безбедносната состојба во општината и предложени мерки за подобрување на сигурноста и заштитата на граѓаните.
На состанокот, одржан барање на градоначалникот Горан Герасимовски, се анализирала безбедноста на станбените објекти, при што биле утврдени потенцијални ризици и предложени конкретни мерки за зголемување на безбедноста, како и на угостителските објекти и биле дискутирани мерки за подобрување на безбедноста и усогласување со прописите. Исто така се разговарало и за функционалноста на хидрантната мрежа во станбените и деловните објекти, како и за мерките за подобрување на безбедноста на училиштата и градинките.
– Првиот состанок го имавме со директорите на сите општински основни училишта, затоа што безбедноста на децата за наш е најважна. Сите училишта и градинки имаат изработено План за заштита и спасување, Процена на загрозеност на институцијата и за истите имаат добиено позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, што потврдуваме дека имаме темелна основа за континуирана превенција и обезбедување на безбедна средина за нашите деца, истакна Герасимовски, пренесува службата за односи со јавност на Општина Центар.
Инспекторот за домување добил насоки и задолженија во текот на следната недела да закаже состанок со управителите на станбени, станбено-деловни и деловно-станбени згради како и со регистрираните заедници на сопственици, во врска со почитувањето на пропишаните норми и стандарди за домување, особено во делот за заштита и спасување (хидранти, пп апарати, лифт, фасада итн.)
– Ќе се вршат инспекциски надзори, ќе се преземаат инспекциски мерки и ќе се носат инспекциски акти во врска со почитувањето на одредбите од Законот за домување, Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради како и останатата законска како и подзаконска регулатива која е во наша надлежност во однос на Плановите за одржување на станбените згради како и застапеноста на противпожарната опрема и одржувањето на истата. Исто така ќе бидат известени надлежните институции и органи во однос на противпожарната опрема во зградите каде истата не е застапена или е нефункционална. Дополнително, во текот на следната недела ќе закажеме состанок со Подрачното одделение за заштита и спасување – Центар, во однос на заедничка акција односно заедничко постапување на службите, изјави Герасимовски.
Во таа насока, Општина Центар ги потсетува сите угостителски објекти на нивната обврска за преземање на неопходни безбедносни мерки и ги информира дека инспекциската служба на општината ќе продолжи со спроведување на засилени инспекциски контроли.
За таа цел, потребно е управителите на угостителските објекти да извршат безбедносни проверки и да ја подготват следната документација, која ќе биде предмет на инспекциската контрола:
Тековна состојба (не постара од 6 месеци)
Лична карта на одговорното лице
Контакт лице со телефонски број и е-маил адреса
Имотен лист за објектот во кој се врши дејноста
Одобрение за вршење дејност или Известување за започнување со вршење дејност, заверено од Државен инспекторат за труд
Известување за започнување со вршење дејност, доставено до Општина Центар – Скопје
Потврда за работно време издадена од Централен регистар на РСМ
Пријава за работно време и распоред на работното време за угостителските објекти во Општина Центар – Скопје
Заверени нормативи за храна и пијалоци
Одобрение за поставување урбана опрема
Елаборат за поставување урбана опрема
Елаборат за заштита на животна средина
Елаборат за заштита од пожари и доказ за негово спроведување на лице место Оваа документација треба да биде достапна во објектот, а лицата што управуваат или работат во него треба да ја приложат на увид на инспекторите.
– За потребите на инспекциската постапка, документите треба да бидат во фотокопија (оригиналите ќе бидат само на увид). Доколку инспекторите утврдат неправилности, ќе биде издадено Решение за отстранување на недостатоците, кое треба да се реализира во рок од 8 дена, укажуваат од Општина Центар. Нагласуваат дека остануваат посветена на унапредување на безбедноста на сите граѓани и апелираат на соработка од страна на угостителските субјекти за заедничко создавање на побезбедна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.

Македонија
Ако СДС се сомнева за некаков вид на криминал или корупција нека се јават на нивните судии и обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС повторно растура пердуви во јавноста со цел да прикаже некаква поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со некакви фирми и да шири лаги и манипулации, велат од партијата на власт.
„Кога во нивно време, тендерите и набавките беа синоним за криминал и корупција, и по „дифолт’’ одеа кај фирмите на семејствата на Заев и Филипче, денес тоа повеќе не е така.
Сите тендери и јавни набавки кои се спроведуваат се законски, отчетни и транспарентни.
Ги прашуваме СДС, дали човек смее да има фирма/бизнис, да учествува на тендер/набавка и да биде член/симпатизер на политичка партија? Дополнително, дали има некаков вид на криминал или корупција во тендерите? Ако се сомневаат во нешто, нека се јават на нивните обвинители и судии, сигурни сме дека ќе им помогнат“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Дружење, пита со паричка и донација за децата со церебрална парализа во Расадник
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес го посети Клубот на деца со церебрална парализа во населбата Расадник. По повод Стара Нова година, заедно со децата и нивните родители се дружеа во празнична атмосфера и ја одбележаа со делење на пита со паричка, а градоначалничката покрај пакетчиња, им додели и донација, столчиња кои им беа потребни за подобро функционирање на клубот.

Средствата за столчињата се обезбедени преку хуманитарната претстава организирана од Општина Кисела Вода и театарското здружение „Големи, а мали“.

-Особено ми е драго што денес заедно ја одбележавме Старата Нова година и што можевме да ги израдуваме и да им подариме нешто што навистина им е потребно. Општина Кисела Вода ќе продолжи да работи на создавање на услови во кои лицата со церебрална парализа ќе се чувствуваат поддржано, прифатено и вклучено во секојдневниот живот. За нас е важно да ги слушаме нивните потреби, да ги поддржуваме нивните семејства и да обезбедуваме конкретни решенија кои реално го подобруваат квалитетот на нивниот живот- истакна градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.



