Македонија
Клековски: Состојбата на пациентите се подобрува, но уште постои ризик од инфекции
Состојбата се подобрува, се намалува бројот на критични пациенти, но далеку сме од моментот на опуштање. Борбата не е завршена, затоа што сега почнува ризикот од инфекции и допрва претстои можно влошување на состојбата, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
-Нема опуштање – затоа што како се намалува ризикот од акутните изгореници и респираторни повреди, почнува да расте ризикот од инфекции. Така што, борбата не е завршена, таа допрва претстои и можно е пациенти кои биле во добра состојба да им се влоши состојбата поради ризик од инфекција. Оваа борба ќе биде долга и нема да биде решена ниту за една, ниту за две недели, рече Клековски на прес-конференција, посочувајќи дека за двете состојби се прави мониторинг и редовни токсиколошки и микробиолошки анализи и во земјава и во болниците во странство.
Посочи дека сите 54 повредени пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјава се во стабилна состојба, а од 115-те во странство – шест се критични. Соопшти и дека вчера биле хоспитализирани шест нови пациенти – пет на Токсикологија и еден со комбинирани – респираторни проблеми и изгореници.
Во понеделник се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Тимови од Израел и Велика Британија, рече, помагаат да се направи планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман во земјата.
Нагласи дека болничкото лекување во странство е гарантирано бесплатно и сто отсто на сметка на државата во која е хоспитализиран пациентот и дека се што се појавува во јавноста во врска со некакви трошоци за лекувањето е дезинформација.
Клековски информираше дека ФЗОМ им дал насоки на матичните лекари за отстранување на ограничувања во пропишување на лекови и боледувања за засегнатите во пожарот во Кочани и за нивните семејства, со оглед на тоа што досега не биле предвидени вакви ситуации освен за заразни болести.
-Имаме полна соработка со матичните лекари кои доста помагаа во управување со севкупната ситуација, додаде Клековски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата
СДСМ денеска на прес-конференција преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рекоа, внимателно планирана операција за рехабилитација и враќање во земјата на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО. Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава“, рече таа.
Според неа, првиот сигнал е можната промена на политичките околности во Унгарија и губењето на, како што рече, политичкиот штит што му овозможувал заштита од екстрадиција.
Вториот чекор, според СДСМ, е укинувањето на потпретседателските позиции во ВМРО-ДПМНЕ, што Цветановски го оцени како стратешки потег за елиминирање на внатрешната конкуренција и подготовка на теренот за враќање на Груевски на чело на партијата.
Третиот елемент, како што посочи, е нападот врз предметите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство и, според неа, обид за дискредитација на СЈО и пресудите поврзани со поранешниот премиер.
Како четврта точка, Цветановски ја наведе изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот.
„Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото“, истакна Цветановски, додавајќи дека, според СДСМ, се носат правосудни закони што не се во согласност со препораките на ЕУ и се вршат кадровски поставувања во обвинителството блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие ставови.
Македонија
„Сите сме под стрес“: сопругата на пејачот Даниел Кајмакоски разговараше со медиумите по киднапирањето
Сопругата на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, Марина, се огласи еден ден по неговото киднапирање .
Имено, ноќта меѓу сабота и недела пејачот бил киднапиран од двајца мажи во Белград, а со брза и ефикасна реакција на полицијата – поминал неповреден.
„Што да ви кажам, сите сме под стрес. Даниел сега е добро, се опоравува и е тука со нас, а што се однесува до целиот случај, не смееме ништо да зборуваме поради истрагата“ истакна сопругата на пејачот.
Сè е препуштено на адвокатот, а јас ги молам сите за разбирање – кратко изјави Марина за „Блиц“.
Во меѓувреме, соседите во Рума зборуваа за киднапирањето и што се случувало кобната ноќ.
Милка Ј., чие домаќинство се наоѓа во близина на местото каде што киднаперите го напуштиле возилото, откри детали од агонијата низ која поминала кога нејзиниот сопруг среде ноќ излегол да го провери имотот.
„Мојот сопруг ги слушна кучињата како силно лаат и излезе да ја провери шталата, за да се увери дека никој не се крие внатре. Јас му довикувам: „Каде одиш, ќе те удрат со нешто по глава и ќе те убијат!“ Се плашам, ние не сме оградени. Да сакале, можеле со нога да ја скршат вратата и стаклото. Фала му на Бога што не го направија тоа! Овде има четири напуштени куќи, можеле каде било да се сокријат, но полицијата сега го прегледа сето тоа – раскажува потресената Милка и додава дека полицајците пристигнале до нивната куќа рано наутро“, рече таа, а пренесе „Курир.рс“.
„Разговараа со мојот сопруг, го прашаа дали сме виделе сомнителни лица. Кога ги видов, прво помислив дека соседите тргнале на лов, затоа што видов пушки… дури подоцна сфативме што се случува“, додаде.
Кајмакоски беше киднапиран ноќта кон неделата од страна на две лица кои по настап во Белград присилно го внеле во своето возило. По полициската потера, и ударот на автомобилот во банкина, полицијата го пронајде Кајмакоски, додека киднаперите кои побегнале се’ уште не се најдени.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)

