Македонија
Трансплантација на кожа поради степенот на изгореници добија шест пациенти од пожарот во Кочани
На Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје во моментов се лекуваат десет пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од кои на шест веќе им е направена трансплантација на кожа поради степенот на изгореници, информираше денеска директорот на Клиниката, Небојша Настов на заедничката прес-конференција со портпаролите на Владата, Марија Митева и Венера Љатифи Азизи, како и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Како што посочи Настов, шесте пациенти на кои им е направена трансплантацијата се со трет степен на изгореници, додека кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела се очекува да бидат пуштени на домашно лекување. Но, како што рече, ситуацијата е флуидна и може да се смени од час во час.
– Во однос на актуелната здравствена состојба на пациентите од болницата од која што доаѓам, а тоа е Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, во моментов се хоспитализирани 10 пациенти, од кои на шест е веќе направена трансплантација на кожа заради тоа што тие беа пациенти со највисок степен на изгореници, односно трет степен. Кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела според плановите кои што ги имаме, иако морам да повторам дека ситуацијата е многу флуидна и може да се смени од час во час, се планираат првите испусти за дома, рече Настов.
Во врска со пациентите кои се лекуваат во странските држави, Настов посочи дека тие до одредена фаза ќе се лекуваат таму, но, како што рече, во одредена фаза ќе треба да се вратат и повторно да бидат сместени во хоспиталните капацитети во земјава, за што, рече, се прават протоколи и координации како ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани.
– Пациентите кои се лекуваат надвор од земјава до одредена фаза ќе се лекуваат во странските држави кои ни излегоа во пресрет, но во одредена фаза истите тие ќе дојде време кога ќе треба да се вратат во нашата држава и кога ќе треба повторно да бидат сместени во болниците, односно во сите хоспитални капацитети во државата. За таа цел, се прават протоколи и координации меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Службата за општи и заеднички работи на Владата во која координација ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани од болничките установи од странство, рече Настов.
Прашан за тоа каква е состојбата на шесте пациенти кои се лекуваат во странство и се во критична здравствена состојба, Настов посочи дека ќе има информација по денешниот состанок на Кризниот штаб, бидејќи, како што рече, болниците од странските држави за состојбата на пациентите брифираат еднаш дневно.
– Во моментот ги немам тие информации заради тоа што имаме состанок на Кризниот штав од 14 часот, а тогаш обично ги добиваме вестите и верувајте дека болниците еднаш во денот брифираат за состојбата, а не на еден час или пола час. Така што, тие податоци би ги имале по 14 часот, посочи Настов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

