Македонија
Почна спроведувањето на симулациската вежба за справување со болеста чума кај малите преживари
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO) денес почна со реализација на активностите во рамките на симулациската вежба за болеста чума кај мали преживари, која ќе се одржи од денес до четврток. Цел на вежбата, на која учествуваат претставници од АХВ, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ветеринарната комора на РСМ, Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската Унија и членовите на Сојузот на здруженијата на одгледувачите на овци „Модерен овчар“, е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
а Факултетот за земјоделски науки и храна денес се одржува првиот теоретско-практичен дел од симулациската вежба, а утре во с. Брњарци, општина Гази Баба, ќе се одржи теренскиот дел од вежбата.
„Ги информираме јавноста и месното население од село Брњарци и околните населени места дека теренските активности што ќе бидат преземени утре се исклучиво во рамките на предвидените за реализација на симулациската вежба. Не станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари, туку само вежба за превенција и оценка на ефикасноста на постојниот систем за заштита од болеста“, рече директорот на АХВ, Оливер Миланов, на отворањето на симулациската вежба.
Болеста, истакна тој, од минатата година е присутна и во регионот и во Европа и таа кај нас како институција го вклучи алармот сериозно да се посветиме на нејзина превенција. Во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна лани одржавме серија работилници во земјата со одгледувачите на ситен добиток и заедно алармиравме да се зајакнат биосигурносните мерки на фармите.
„Во рамките на оваа вежба практично и теренски ќе бидат споделени најдобрите практики и искуства за справување со болеста, која и сега, дури и на големите развиени економии, им создава сериозно големи удари врз добиточниот фонд и предизвикува големи економски штети“, рече Миланов.
Како држава засега успеваме да го спречиме ширењето на болеста кај нас за што, потенцира тој, изразувам благодарност и до одгледувачите на добиток, нивните здруженија и до науката.
„Заедно успеваме засега да се одбраниме од болеста која многу бргу и многу лесно во услови на динамична економија во европски и светски рамки може да ја афектира и нашата земја. И досега ја потврдивме исклучителната и блиска, но професионална соработка, со сите вклучени во системот за заштита од појава и спречување од ширење на болеста чума кај малите преживари како болест од А-категорија, која бара спроведување исклучително високи стандарди и мерки за заштита“, истакна тој.
Миланов изрази благодарност до европските експерти, кои на вежбата ќе ги споделат искуството и најдобрите практики за справување со болеста чума кај малите преживари, но и уверување дека во иднина биосигурносните мерки на фармите ќе бидат подигнати на уште повисоко ниво.
По спроведувањето на вежбата, ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај малите преживари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

