Скопје
Перински во скопско Кучково: Центар за рехабилитација за младите херои излекувани од канцер
Во некогашното основно училиште во скопско Кучково повторно ќе се слуша детски џагор, но не од ученици, туку од деца кои се излекувани од канцер. Денеска и официјално беше промовиран проектот „Приказната продолжува“ за изградба на Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од малигни заболувања, преку реновирање и адаптација на старото основно училиште во Кучково. Објектот наскоро ќе ги отвори вратите за престој на младите борци, благодарение на Министерството за локална самоуправа, финансиската поддршка на Владата на Швајцарија и учеството на Општина Ѓорче Петров, како дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и в.д. директорката на Центарот за развој на Скопски плански регион, Розета Арсовска, го посетија Центарот во кој во завршна фаза е уредување на просториите и хортикултурното уредување на дворот.
Објектот на површина од 650 м² има капацитет за престој на 20 деца со придружба на еден родител во комплетно опремени простории и училници за он-лајн образование, за физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, а има и соби за игра и „мирна соба“ за рехабилитација.
„Овој Центар ќе значи многу надеж, нови можности, нови перспективи за сите оние мали херои коишто се избориле со канцер. Проектот беше инспириран од сите нив поради потребата од помош во периодот на лекување и потоа, а целта е да им дадеме максимум психосоцијална поддршка во процесот на нивната ресоцијализација и повторна интеграција во општеството, по долгиот престој во болничките установи“, истакна градоначалникот Стојкоски кој се заблагодари на сите чинители во реализацијата на проектот.
„Не станува збор само за обичен објект и едно старо училиште, станува збор за еден паметник кој во иднина ќе нѐ потсети дека доколку нешто вистински се сака, се може и дека само зачувана историја е наша лична карта, а влогот во образованието и воспитанието на децата е патот кој води кон вистински систем на човекови вредности“, порача Марија Вук, претседател на НВО САНО, дел од иницијаторите на проектот.
Ова е еден од десетте проекти кои Министертството за локална самоуправа ги реализира со финансиска поддршка на Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, а чија вкупна вредност е 23.574.074,00 денари, од кои 8.435.000,00 денари се обезбедени од Швајцарска агенција за развој и соработка, 10.380.998,00 денари од страна на Министерството, а Општина Ѓорче Петров учествува со 4.758.076,00 денари.
„Ова е наш мал придонес во насока на поддршка за младите борци и искрено се надевам дека во иднина во овој објект ќе се видат многу насмевки, а децата ќе се ресоцијализираат и навистина ќе го градат патот и секој нов ден во насока на подобра иднина за сите нив. Се надевам дека како Министерство, а убеден сум дека и како Влада, ќе можеме да бидеме сведоци на реализација на многу вакви проекти кои ќе донесат подобро утре за сите граѓани“, порача министерот Перински.
Реконструкцијата и адаптацијата на некогашното училиште произлезе и како едно од барањата на граѓаните преку Регионалните форуми на заедниците, организирани од Центарот за развој на Скопски плански регион (ЦРСПР).
„Горди сме на проектот кој произлезе од регионалните форуми организирани од нашиот центар кој на децата ќе им овозможи здравствена, социјална заштита и рехабилитација, како и едукација и ќе им помогне повторно вклучување во образовниот систем на еднакви основи со нивните соученици“, изјави в.д. директорката на ЦРСПР, Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

