Македонија
Левицата со низа мерки за заштита на граѓаните од системската корупција

Огромната трагедија во Кочани, која е незапамтена во поновата историја на Македонија, ги обелодени сите пропусти на корумпираниот систем чија цена за жал се плаќа во човечки животи. Изминатиов период политичката партија Левица, како одговорна опозиција, интензивно работи на сет законски решенија, со цел отстранување на законските аномалии кои ја легализирале корупцијата на одговорните политички фактори.
Дополнително, Левица преку своите советници во општините, веќе побара одговори и документација за состојбата со објектите кои се под надлежност на локалната самоуправа – со цел лоцирање и итно отстранување на незаконитостите. Безбедносните стандарди за заштита од непогоди, како во јавните установи (како училиштата и културните домови), така и во приватните објекти, се сериозна аномалија за која Левица и во минатото реагирала. Сепак, поради приватните интереси за профит на поединци, безбедноста на граѓаните е најдолу на листата приоритети – за луѓето во овој систем да бидат колатерална штета.
„Токму поради тоа, во периодот кој претстои, нашите советници детално ќе ја мониторираат состојбата со јавните и приватните објекти, првенствено со фокус на тоа:
Дали училиштата и општинските установи поседуваат соодветна противпожарна опрема и истата редовно се сервисира?;
Дали училиштата и општинските установи поседуваат важечки Елаборат за заштита на пожари и План за евакуација?;
Дали општините ги реализираат програмите за противпожарна заштита (доколку воопшто ги има)?;
Дали во општината има објекти со издадена лиценца за вршење на угостителска дејност и дали овие објекти ги исполнуваат безбедносните протоколи според Законот за градење и Правилникот за урбанистичко планирање и проектирање?; и
Дали општината поседува техничка документација за секој објект во нејзина надлежност (згради, основни училишта и градинки) за брза евакуација при евентуални пожари поплави или земјотреси?
Во состојбата во кое се наоѓа македонското општество, мора неодложно и одговорно да се лоцираат пропустите и слабостите кои директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Левица преку своите советници во периодот што претстои, како и претходно, ќе алармира за констатираните пропусти и незаконитости, со цел нивно итно санирање и закрепнување на ерозираниот систем во кој тоне македонското општество“, посочуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Извртување на тезите на Ахмети, Македонија е унитарна држава

Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро реагира на, како што ги нарече, „тенденциозните наслови и интерпретации“ во дел од медиумите поврзани со синоќешната изјава на нејзиниот лидер Али Ахмети. Од партијата велат дека се работи за „скандалозна, неодговорна и поттикнувачка злоупотреба и извртување на јасната и недвосмислена порака“ на Ахмети, при што категорично отфрлаат дека станувало збор за повик за поделба на државата.
„Во изјавата беше потенцирано дека целта е Македонија да стане дел од Европската Унија, без притоа воопшто да се спомене поделба. ДУИ останува доследна на својата визија: Македонија да биде унитарна, заедничка и еднаква држава – не поделена, туку секогаш наша заедничка татковина“, стои во соопштението на партијата.
ДУИ упати апел до медиумите за професионално и одговорно известување, кое, како што велат, нема да поттикнува погрешни перцепции и недоразбирања кај граѓаните.
Контроверзии предизвика изјавата на Ахмети дадена од Тетово, во која тој му се обрати директно на премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи што би можело да предизвика евентуалното скршнување од европскиот пат.
„Ако не го продолжи Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија“, пренесе порталот „Тетова сот“.
Најостро реагираше Демократскиот сојуз, кој ја оцени изјавата како „директна закана за територијалниот интегритет на државата и повик за поделба на Македонија“. Оттука го повикаа Јавниот обвинител да отвори истрага против Ахмети за загрозување на уставниот поредок и нарушување на територијалниот интегритет.
Македонија
СДСМ со предлог-резолуција: Уставни измени до февруари 2026 година за да се отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја претстави предлог-резолуцијата со која, како што рече, се дефинираат заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Филипче нагласи дека резолуцијата е потврдена врз основа на сите досегашни стратешки документи, договори и иницијативи на Собранието и Владата, и ја поставува рамката во која сите политички субјекти и институции ќе треба да делуваат во наредниот период.
Особен акцент во документот е ставен на временската рамка за уставните измени, кои се дефинирани како последна пречка за напредок во европската интеграција.
Временска рамка за уставни измени, според резолуцијата:
Од 15 до 25 ноември 2025 година, Владата треба да се изјасни околу поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот – дали останува на истиот текст или предлага нов.
Доколку има нов текст на амандманите, тој треба да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.
Собранието треба да ја започне постапката за измена на Уставот најдоцна до 15 декември 2025 година, кога е предвидено и првото гласање.
Финалното гласање за уставните измени треба да се одржи најдоцна до 10 февруари 2026 година, кога треба да се усвои и Уставниот закон за нивно спроведување.
Истовремено, Владата ќе испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека обврските за одблокирање на процесот се исполнети, заедно со сите подготвени документи (патокази).
Очекувања од ЕУ
Со ова писмо, Владата ќе побара Европската комисија да организира Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија, на која ќе се донесат одлуки за одблокирање на преговорите и отворање на првиот кластер – „Темелни вредности“. Ова, според резолуцијата, треба да се случи не подоцна од 15 февруари 2026 година.
Заштита на националните интереси
Во предлог-резолуцијата се потенцира дека Владата и сите државни институции мора доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Преговорите, се нагласува, треба да се водат на рамноправна и принципиелна основа, во согласност со меѓународното право и со целосно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во согласност со Резолуцијата усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година.
Документот дополнително утврдува дека во текот на преговорите за пристапување, па сè до нивното завршување со потпишување на Договорот за членство, Владата нема да прифати промена на решението за македонскиот јазик утврдено во Преговарачката рамка. Со полноправното членство, македонскиот јазик ќе стане еден од службените јазици на ЕУ, без какви било додавки, објаснувања или фусноти, во согласност со заклучоците на Собранието донесени на 16 јули 2022 година.
Во резолуцијата јасно се нагласува и дека билатералните прашања поврзани со добрососедските договори, кои не се дел од европското право и Копенхашките критериуми, не смеат да бидат услов за отворање и затворање на поглавјата и кластерите во процесот на пристапни преговори со Европската Унија.
Македонија
Потпишан меморандум за соработка меѓу „Алкалоид“ и Институтот за јавно здравје

„Алкалоид“ АД Скопје и Институтот за јавно здравје денеска потпишаа меморандум и договор за соработка, со што се поставуваат темели за долгорочно партнерство во интерес на јавното здравје и благосостојбата на граѓаните.
Преку оваа соработка двете институции ќе обединат експертиза и ресурси со цел унапредување на здравствените практики, развој на заеднички научноистражувачки проекти, како и спроведување активности за превенција, едукација и за примена на современи фармацевтски и аналитички стандарди.
Овој значаен чин претставува потврда на заедничката определба за градење мостови помеѓу индустријата и здравствените институции во насока на поддршка на современите политики, иновации и решенија, кои ќе придонесат за унапредување на квалитетот на живот и јавното здравје во нашата земја.