Македонија
На седницата на улица ССМ изгласа функционерите да бидат на минималец, ако не ја почитуваат одлуката, можен е генерален штрајк
На ист начин како што Владата без работниците одлучи за покачување на минималната плата на 400 евра, место на 500, како што бараа работниците, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), денес, на седницата што се одржуваше на улица, на три локации, донесе одлука функционерите да бидат ставени на минимална плата до наредното законско усогласување на минималната плата. Одлуката ја донесоа на јавната седница што почна пред Работничкиот дом, каде што го утврдија дневниот ред, продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а заврши пред Владата.
„Непочитувани функционери, тргнавме 300 од пред Работничкиот дом, дојдовме 1.080 пред Влада, толку колку што има функционери. Еден на еден. Со време повлечете ја незаконската одлука за утврдување на висината на износот на минималната плата. Со време намалете си ги вашите плати на минималната да почувствувате макар и една година колку им е тешко на работниците. Запрете ги нападите врз синдикатите, на таков начин не се води демократија. Денеска сме тука да ви упатиме последна порака, не може да се одлучува за нас без нас. ССМ пред две години организира генерален штрајк во целиот јавен сектор. На чекор сме до генерален штрајк во целата држава. Ќе дојдеме и 3.000, ќе дојдеме и 30.000. ССМ ви донесе одлука – сите на минималец. Доколку не ја почитувате, можен е генерален штрајк, а доколку не ги зголемите платите на работниците, возможни се протести“, порача пред Владата, Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, и побара таа да ја повлече одлуката за зголемување на минималната плата за 1.890 денари.
Неговиот говор беше проследен со аплаузи и силни извици на поддршка, кои прераснаа во долги свирежи кога ја испрати последната порака.
„За крај ќе дозволите да упатам една порака иако знам дека не сте на работа во Владата, за жал. Од нашиот труд е вашиот луксуз. Тоа што го предложив вчера, го предлагам и денес. Христијан и Слободан на минимална плата. Најмалку 500 евра минимална плата во Македонија и 100 евра зголемување на сите други плати. Дојдете да живеете како нас, а ние ќе живееме како вас. Или ние 2.500 евра плата или вие 500 евра. Сами изберете. Немојте да заборавите дека работникот ве избира и дека многу лесно, како претходните, од удобната функционерска фотелја ќе се симнете на тврдо работничко столче“, рече Трендафилов.
Потпретседателот на ССМ, Трпе Деаноски, рече дека сегашната Влада е прва во историјата на државата по многу нешта.
„Вие сте првата Влада во историјата на Македонија што донесе одлука за минимална плата, без учество на синдикат, првата Влада во историјата на Македонија која смислено му ја одзеде репрезентативноста на ССМ само да нема Економско-социјален совет, првата Влада во историјата на Македонија, која 129.000 вработени во јавен сектор, кои зависат од минимална плата, ги остави да ги изедат газдите од приватниот сектор“, рече Деаноски.
Пред Стопанската комора на Македонија раководството на ССМ им се обрати на работодавците.
„Денеска е последниот ден кога ќе кажам почитувани работодавци, а не газди. Денеска сме тука пред вас да ви подадеме рака да ги зголемите нашите плати за нашите работници да останат во Македонија. Да не бидете најголемите виновници за иселувањето на работниците од Македонија во наредниот период, да не бидете виновни за работничкиот егзодус“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Пред Собранието, пак, ССМ донесе едногласна одлука да ги намали луксузните пратенички плати на минимална плата сè додека не ја зголемат минималната плата на 500 евра.
„Вашите плати, сега 79 % зголемени, не ги заслужувате и затоа дојдовме тука, поради фактот дека вие не одлучувате за нас, ние ќе одлучиме за вас“, рече Трендафилов пред Собранието и лично праша дали пратениот што најмногу ја критикува синдикалната борба, Бране Петрушевски, е на работа денес.
ССМ ја заврши јавната седница со порака до власта да ги симнат розовите очила, да слушаат вести и да читаат коментари на социјалните медиуми оти никој не е задоволен од она што го прават.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.

