Култура
Концерт на Исмет Вејсели, Алба Зеќири и Шкељзен Бафтиари во македонскиот КИЦ во Софија
На 10 април 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се претстави музичкото трио во состав: Исмет Вејсели (вокал – тенор), Алба Зеќири (виолина) и Шкељзен Бафтиари (пијано).
На програмата се композиции од: Паоло Тости, Васил Толе, Астор Пиjацола, Винченцо Белини, Сотир Голабовски, Сони Петровски, Фредерик Шопен, Жил Масне, Џоакино Росини.
Исмет Вејсели е роден во Куманово на 11 април 1998 година, е истакнат соло пејач со забележителна кариера. Своето музичко образование го започнал со изучување на кларинет и соло пеење, а потоа ги продолжил студиите во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, под менторство на тенорот Мустафа Имери. Во текот на средното образование освоил бројни награди, вклучувајќи и последователни победи на државниот натпревар за соло пеење во Македонија. Неговиот талент блеснал и на меѓународната сцена, освојувајќи признанија на фестивали во Србија и Италија.
Исмети го продолжил високото образование на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на реномираната сопранистка доц. Ана Дурловски. Неговата кариера вклучува настапи во Берлин, Германија, рецитал во Тирана, Албанија, како и импресивен концерт во Москва, Русија. Исмети исто така настапил во Кремљ и во Националната опера и балет на Македонија, каде што го направил своето деби додека сè уште бил студент.
Во 2021 година, освоил врвни награди на меѓународни натпревари во Русија и Белград. Важно е да се спомене дека бил примен во Концертанте академијата во Барселона, Шпанија, под менторство на маестро Раул Хименез. Настапил и на Меѓународниот вокален фестивал во Приштина и со Филхармонијата на Косово во Тирана.
Кариерата на Исмет Вејсели продолжува со значајни настапи, вклучувајќи концерт во Њујорк, САД, како и престижен настап на фестивалот Музикферајн во Виена. Бил дел од Словачкиот национален театар, каде што работел со професорката Адриана Гала Кохуткова во Оперското студио и како член на хорот. Минатиот месец го имаше своето деби во главната улога во операта „Гоца е Качаникут“, со што го направи и своето деби во Операта на Косово.
Пред три месеци, дебитираше и во Националната опера во Тирана, Албанија. Покрај тоа, тој е многу активен како концертен пејач, одржувајќи рецитали. Во моментов, се подготвува за серија рецитали низ Македонија со исклучително интересен репертоар.
Алба Зекири е виолинистка родена на 18 февруари 2003 година во Куманово. Основното музичко училиште го завршила во „Панче Пешев“ во Куманово, додека средното музичко училиште во „Илија Николовски Луј“ во Скопје, во класата на проф. Ерхан Шукри.
Под диригентство на проф. Ерхан Шукри се појавува на различни натпревари, освојувајќи две награди: прво место на државниот натпревар по виолина во Скопје и втора награда на меѓународниот натпревар по виолина „Полихимниа“. За време на концертите, двапати се појавува како солист со оркестарот „Арко“.
Во 2021 година се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Љубиша Кировски, каде моментално е студент во трета година. Во текот на овие три години настапила на многу концерти. Како член на оркестарот „Грифон“, под диригентство на Агон Чупи, настапила во Кичево, Тетово и Скопје, а како член на оркестарот „Таденус“ настапувала во Скопје со различни солисти под диригентство на проф. Бехар Весели.
Покрај настапите како дел од различни оркестри, таа е многу активна и со солистички концерти. Во летото 2023 година се појавила во Куманово со концерт во организација на Ш.К.А. „Меликус“, а подоцна како гостин во Скопје на концертот на тенорот Исмет Весели.
Во септември 2023 година, со квартетот „Грифон“ како концерт-мајстор, настапиле со концерт во Даут-пашиниот амам, додека истиот месец настапила соло во Елбасан на долгодишниот фестивал „Средба на лакови“. Во октомври 2023 година, за првпат учествувала на еден од концертите на „Приштина меѓународен вокален фестивал“ во Приштина, Косово.
На 11 ноември 2023 година го одржала својот прв солистички концерт со пијанистот Шкелзен Бафтиари во Уметничкиот културен центар во Скопје, каде што се претставила со многу предизвикувачка програма и каде што резултирала со успешен концерт, кој бил поддржан од Министерството за култура.
На 6 декември 2023 година се појавила како солист со камерниот оркестар „Солисте ФМ“ под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, со „Пролет“ од Астор Пијацола, во големата сала на Скопската филхармонија, во рамките на годишниот славенички концерт на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Во 2024 година повторно настапила со рецитален концерт во Куманово и концерти во Скопје. На 26 октомври 2024 година се појави на концерт во Загреб, Хрватска.
Шкелзен Бафтиари дипломирал со Кум Лауде во ФМУ при Унивезитетот Св. Кирил и Методиј- Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески. Основното и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје, во класата на проф. Ќудмила Романова. Пијано почнува да учи и од 10 година возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ ” Тодор Скаловски- Тетоец”- Тетово. Добитник е на повеќе меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград, Белград. Одржувал солистички концерти во Тетово, Скопје, Струга, Приштина Тирана, Софија, Охрид( Охридско лето). Настапувал како солист во Лондон Сити Филхармоник, Македонска Филхармонија, Симфонискиот Оркестар на ФМУ, Косовка Филхармонија, Симфонискиот оркестар на Албанската РТВ. Покрај поголемиот број на снимки за радио и ТВ редовно, учествувал на семинарите под раководство на проф. Борис Романов што се одржувале секоја година во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Култура
„Пинокио“ премиерно во Битола
По повод новата премиера „Пинокио“ од Карло Колоди, денес се одржа прес-конференцијата во Битолскиот театар. Се работи за приказна што и по повеќе од еден век нè потсетува дека патот до тоа да станеш „вистински“ минува низ искушенија, грешки и храброст. На прес конференцијата присутните ги поздрави и ги информираше за програмата за 2026., директорот на НТБ Битола Васко Мавровски.
„Министерот за култура и туризам за одредени национални установи кои во изминатата година покажале исклучителни ре-резултати во работењето, донесе Одлука за избор на национални установи на кои работењето во 2026 година ќе се финансира со делегиран буџет. Доделени средства за работа се вкупно шест милиони четиристотини педесет и осум илјади денари, од коишто, имаме дел за меѓународна соработка, дел за проекти за оваа година и една мала ставка за одржување на објектот. Со одлука на Управен одбор, по предлог програма на директорот, која претходно е потврдена од страна на Уметничкиот совет, се донесе одлука да се работат девет проекти, во делот на реализација на театарски претстави, три гостувања и делот за одржување на објектот.
“Пинокио” од авторот Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски – износ 1.250.000 денари, “Пламенка” од авторот Петре Димовски, во режија на Софија Ристевска Петрушева – износ 0 денари, бидејќи тоа е копродукција со независна сцена, финансирана од Министерството за култура.
“Не се дотерувај за вечер” од авторот Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски – износ 590.000 денари, “Госпоѓа Бовари” од авторот Густав Флобер, во режија на Дејан Пројковски — износ 100.000 денари, “Кориолан” од авторот Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел — износ 1.600.000 денари, “Господин Благородник” од авторот Молиер, во режија на Благој Мицевски – износ 368.000 денари, “Битола Шекспир Фестивал” во организација на НУ Народен театар Битола — износ 460.000 денари, “Ни треба пејачка” од авторот Кен Лудвиг, во режија на Ненад Витанов — износ 1.100.000 денари, “Новогодишен сон” од авторот Јулијана Мирчевска, во нејзина режија – 0 денари. Тоа ќе биде претстава која ќе ја финансираме од сопствени средства и се надевам дека ќе бидеме дел од Зимската приказна на Општина Битола и со тие средства ќе успееме на некој начин да ја оформиме претставата во однос на сценографија и на костими“.
Тука се и неколку меѓународни гостувања.
„Гостување со “Кориолан” од авторот Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, во Верона, Италија на “Verona Shakespeare Fringe Festival” – износ 482.000 денари. Ова дело за прв пат се поставува во ваква форма во Македонија, чија премиера ќе се случи на Охридско лето.
Гостување со “Ричард ІІІ” од авторот Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски, во Тарговиште, Романија на “The 14th edition of BABEL International Performing Arts Festival” – износ 304.000 денари. Гостување со “Едмонд” од авторот Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски, во Подгорица, Црна Гора на “Festival of International Alternative Theatre – FIAT” -— износ 164.00 денари“.
Износот за одржување на објектот е 150.000 денари кои ќе бидат потрошени за четириесет сијалици за рефлектори. На прес конференцијата беше истакнато и пронаоѓањето на оригиналната завеса подарок од српската кралица за тогашниот Битолски градски театар. Токму првата претстава на македонски јазик Ѓоре Магаревски се одвивала со таа црвена завеса зад актерите.
Најновата премиера — претставата за деца „Пинокио“во режија на Деан Дамјановски, ќе биде изведена на 28 февруари во 18 часот. Пред точно 30 години актерката Валентина Грамосли беше Пинокио, а oваа година Пинокио е актерот Никола Стефанов. За новата претстава Мавровски истакна:
„Мислам дека имаме уште еден голем спектакл во којшто вложивме многу средства, народни пари од страна на Министерството за култура и мислам дека целосно ја оправдавме посветеноста на работата со деца и за деца, бидејки овој театар е Народен театар и овој театар треба да создава што е можно повеќе поквалитетни, поспектакуларни претстави. А Пинокио е пример за тоа како и останатите театри во државата треба да вложуваат и да создаваат театар посветен на децата“.
Режисерот истакна дека последната соработка со Битолкиот театар била пред 5 години.
„ Тоа беше претставата „Сомнително лице“, исто една претстава којашто е сè уште на репертоарот и којашто, еве, како што ми кажува директорот, е секогаш полна и има интерес кај публиката. Мене ми е многу драго дека успеавме, да се договоривме со директорот дека овој проект треба да го има овде и дека ќе биде значаен. Овој пат направивме една таква синтеза или симбиоза меѓу возрасни, професионални актери и луѓе коишто го сакаат театарот. Некои од нив веројатно и ќе бидат еден ден на овие штици, млади луѓе кои безрезервно се втурнаа во оваа наша авантура. Можам да кажам дека процесот на работа беше доста интересен, пред се интересен и мислам дека со екипата многу добро се сработивме.
Претставата носи една интересна порака за изборите кои ги правиме во животот, за тоа дека секогаш, секојдневно сме поставени пред некакви избори и дека некогаш правиме погрешни избори, но никогаш не е доцна човек да се врати на вистинскиот пат“.
„Пинокио“, актерот Никола Стефанов истакна:
„Мислам дека оваа улога е нешто што ќе ми остави длабока трага во мојот актерски живот. За мене Пинокио не е кукла која станува момче, туку е совест која станува гласна. Мислам дека преку Пинокио децата ќе добијат поракат дека со пократкиот пат во животот е искреноста, смелоста, а доколку се занимаваат со поинакви или како да речам лоши работи, патот знае да стане подолг. Направивме забавна и поучна претстава која ќе биде интересна и за млади и за стари“.
Актерка Валентина Грамосли додава:
„Пред триесет години бев Пинокио, а сега Штурецот. Пред триесет години бев една наивна кукла која што оживува и е втурната во животот, а сега Штурецот, којшто треба таа кукла да ја води. И навистина е многу тешко да се биде совест на една дрвена кукла, во смисла, тешко е да се биде совест на едно дете кое што не е расипано, туку е чисто и влегува во животот. Како што кажавме, како што веќе спомнаа, многу е важно да се избере точно. Доколку секој од нас во животот има еден штурец кој што ќе биде негова совест, мислам дека животот и светот ќе биде многу, многу подобар“.
Покрај нив во претставата се и: Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски. Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски. Тон мајстор Александар Димовски, светло мајстор Игор Мицевски, суфлер Мирјана Христовска, инспициент Оливер Петровски.
На прес конференцијата беа и децата од Театарска школа „Бабец“, кои учествуваат во претставата и несебично, со вистинска посветеност и изненадувачка професионалност ги носат своите улоги: Софија Наумовска, Ана Анѓелевска, Веда Мавровска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана, Марија Каранфиловска, Лина Христовска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски.
Тие се дел од целиот процес – од првата проба до денес – растејќи заедно со приказната и внесувајќи ѝ искрена детска енергија што не може да се одглуми, туку само да се живее.
Официјално беше најавена и соработката со добро познатиот македонски илустратор Михајло Димитриевски, кој оваа година се потпишува зад дизајнот на рекламниот материјал и визуелниот идентитет на претставата, како и зад уникатниот дизајн на билетите. Со неговиот препознатлив стил, „Пинокио“ добива дополнителна визуелна магија уште пред да се крене завесата.

