Македонија
ССМ на состанок во Владата: Дојдовме да им кажеме на функционерите дека треба да живеат на минималец ако не ги зголемат платите

Делегација од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) точно напладне влезе на состанок со претставници од Владата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека не знае зошто сега се состануваат, но истакна дека има пораки што ќе им ги пренесе на владините претставници.
„Добивме повик од Владата дека денес треба да одржиме состанок. ССМ дојде денеска да ја праша Владата до кога планира работниците да чекаат зголемување на платите. Иако немаме информација за што точно ќе биде состанокот, гледаме дека и колеги од други синдикати, кои, за жал, избегаа од камерите, ќе присуствуваат на состанокот. Дополнително, ќе им кажеме на владините функционери дека едногласно донесовме одлука на јавната седница на органите и телата на ССМ, доколку не ги зголемат и минималната плата и платите на сите работници и доколку 12,6 % не се зголемат платите во јавниот сектор, дека ќе треба да поживеат и тие на минималец“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов, и најави ново известување по завршувањето на состанокот.
Пред точно една недела ССМ, за да го искаже револтот од тоа што Владата без синдикалните претставници ја зголеми минималната плата на 400 евра место на 500, какво што беше барањето на синдикатите, на јавна седница, која се одржа пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата изгласа платите на функционерите да се намалат на 500 евра сѐ до новото покачување на минималната плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ново поглавје во неврохирургијата: На Клиниката во Скопје првпат изведена операција на мозок со помош на системот за стереотаксија

Mинатата недела на Клиниката за неврохирургија првпат се изведе операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy).
„Испишуваме ново поглавје во неврохирургијата. Големо е задоволството кога имаме развој во јавните здравствени установи, преку воведување нови методи. Станува збор за минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа“, појасни министерот за здравство, Азир Алиу.
За да се дојде до овој резултат, претходеа подготовки со тим на експерти од Бразил, предводени од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло, како и инженерот Антонио Мартос Калво.
Работниот тим што ја изведе оваа значајна интервенција се состои од д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).
„Посебна благодарност до тимот од неврохируршките сали и од одделот за континуираната подршка во тек на работниот процес, како и до Клиниката за радиологија за безрезервната и трпеливата подршка во процесот на организација на работниот процес. Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невро-дегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти согласно досегашната пракса се упатува на лекување во странство“, појаснува директорот на Клиниката за неврохирургија, кој е дел од тимот, д-р Љуљзим Агаи.
Македонија
Андоновски на министерскиот состанок на ЕУ: Македонија ја гради иднината на вештачката интелигенција дома со Европа како партнер

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на панелот посветен на вештачка интелигенција и иновации во рамки на министерскиот состанок за земјите од Западен Балкан, организиран од Европската комисија и еврокомесарката Екатерина Захариева.
Во своето обраќање, Андоновски порача дека Македонија го трансформира пристапот кон иновациите, од фрагментиран систем во интегриран, ефективен и европски усогласен модел. Тој го претстави INOVA, националниот механизам за иновации и претприемништво, кој обединува три министерства – за дигитална трансформација, економија и образование – во една унифицирана структура што овозможува реални резултати на терен.
„Иновацијата веќе не е само технолошко прашање – таа е економско, општествено и стратешко прашање. Со INOVA, обезбедуваме кохерентност, интеграција и инклузивност на сите нивоа,“ изјави Андоновски.
Како дел од новата инфраструктура, беше истакнат и INNOFEIT EDIH – првиот Европски центар за дигитални иновации во Македонија, кој преку Програмата Дигитална Европа обезбедува поддршка за мали и средни претпријатија во форма на пристап до капацитети за вештачка интелигенција, дигитални близнаци, менторство и обука.
Посебен акцент беше ставен на новата Национална фабрика за вештачка интелигенција – ВЕЗИЛКА, финансирана преку програмите Horizon Europe и EuroHPC, која ја поврзува Македонија со европската AI мрежа, вклучувајќи пристап до суперкомпјутери, заеднички податочни простори и обуки за клучни сектори.
„Како што рече претседателката фон дер Лајен – ‘иднината на вештачката интелигенција треба да се создаде во Европа’. Од Скопје, би додал – ‘понекогаш таа иднина треба да се создаде токму тука, дома – но со Европа како наш партнер и со европските вредности како наш водич’,“ заклучи Андоновски.
Настанот собра министри и високи претставници од земјите од Западен Балкан и ЕУ, кои дискутираа за регионалната и европската соработка во полето на дигиталната трансформација, иновациите и примената на вештачката интелигенција.
Македонија
Муцунски – Спиропали: во фокусот инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари телефонски разговор со министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
Двајцата соговорници изразија задоволство од одличната билатерална соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување во сите области од заеднички интерес. Во таа насока,Муцунски ѝ упати покана на министерката Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката.
Во телефонскиот разговор стана збор и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон Европската унија. Во тој контекст, беше потенцирано значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8 како проект од регионално значење.
Воедно, беше нагласена важноста на негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.