Свет
Западен Балкан е далеку пред Украина: Австриската министерка бара да се забрза проширувањето на ЕУ
Австриската министерка за европски прашања, Клаудија Плаколм, член на Австриската народна партија, побара да се забрза проширувањето на Европската Унија. „Во Западен Балкан, конечно, мора да има конкретни чекори што ќе ги почувствува населението“, рече таа во интервју за АПА.
Таа се надева дека ЕУ ќе ги добие првите кандидати за членство во следните неколку години“, а најдоцна до 2030 година. А земајќи ја предвид агресивната трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, таа смета дека Европа мора сама да преземе иницијатива наместо само да се надева.
Плаколм истакнува дека „повеќе од 20 години се зборува за Западен Балкан, но без значителен напредок, бидејќи најчесто соседните земји го блокираат процесот“. Во овој контекст, таа е отворена за можноста за ограничување на правото на вето во рамките на ЕУ.
„Покорисно би било кога би можеле да преземеме некои чекори побргу и да се вратиме на едногласност само на крајот од процесот. Но, сепак мислам дека е важно да се најде договор за клучните прашања и да се води дијалог“.
ЕУ ризикува да го изгуби кредибилитетот на Западен Балкан, предупредува таа.
„Постои опасност дека ако ја пропуштиме европската интеграција, Западен Балкан ќе стане играчка на другите глобални сили“, рече таа веројатно алудирајќи на влијанието на Русија и Кина.
„Се чувствува, особено кога ќе погледнеме назад на демонстрациите во Србија, дека населението е повеќе од кога било подготвено за реформи, за европска интеграција и дека сега, конечно, му требаат конкретни подобрувања. Се гледа дека тоа го поддржуваат младите луѓе, студентите што излегуваат на улица и имаат барања за политичарите“, објасни министерката.
Плаколм се залага за постепена интеграција на понапредните кандидати во ЕУ преку вклучување во програмите на ЕУ.
„Веќе сега можеме да одиме чекор по чекор и да се шириме или да почнеме европски програми во земји што се веќе на вистинскиот пат“, рече таа.
Земјите што ги смета за најнапредни се Црна Гора, Северна Македонија и Албанија. На прашањето дали би можеле да станат членки до 2030 година, таа одговори: „Се надевам, би го сакала тоа“.
За кандидатскиот статус на Украина, вели дека тоа е геополитичка одлука.
„Јасно е дека ја поддржуваме Украина како Австрија и како ЕУ бидејќи на 24 февруари 2022 година беше нападната земја на европска почва. И приближувањето до нашите европски принципи, нашите вредности, може да бидат само од корист. Но, дури и ако војната против руската агресија заврши навргу, Украина нема да биде подготвена да стане членка на Европската Унија преку ноќ“, рече министерката. Таа потсети дека процесот за некои земји траел повеќе од 20 години.
„Во овој поглед, Западен Балкан е далеку пред Украина“.
Плаколм не реагира позитивно на предлогот за членство на Канада во ЕУ, што го предложи поранешниот германски министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, силен противник на идеите на Трамп за анексија: „Веќе има доволно кандидати што чекаат“. Сепак, смета дека ЕУ треба да ги зајакне меѓународните партнерски односи – вклучително и со Канада.
Зборувајќи за сегашните глобални турбуленции, кои, меѓу другото, беа предизвикани од трговската политика на Трамп, Плаколм повика на зајакнување на европската самодоверба: „Важно е Европа да не се повлече, да го зајакнеме стратешкиот суверенитет, да не зависиме од милоста на другите и да нè гледаат како силен глобален играч, а не како пион“.
ЕУ го спореди со „стар брод што стои на море и чека поволен ветер“, додавајќи дека „можеме самите да ги свртиме едрата за да го искористиме ветрот“.
Плаколм го поздравува планот на Европската комисија за зајакнување на европската одбрана.
„Мило ми е што ја преземаме одговорноста да се зајакнеме, особено во однос на одбраната, Австрија, во согласност со својот Устав, ќе ги искористи сите расположливи можности, особено финансиските.
Зборувајќи за буџетот на ЕУ по 2027 година, таа истакна дека Австрија, која во моментот се бори со висок буџетски дефицит, ќе продолжи да се залага за штедлив пристап.
„Нашата позиција останува непроменета бидејќи и нашиот статус како нето-придонесувач во Европската Унија исто така ќе остане непроменет. Затоа, се разбира, се залагаме за внимателна и претпазлива употреба на финансиските ресурси на Европската Унија. Би имало одреден потенцијал за ефикасност и заштеда доколку помалку се губиме во детали и ситници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Европските компании за работа се повеќе ангажираат лица од странство
Европските компании за извршување на своите деловни активности многу често делумно или целосно ангажираат надворешни лица или партнери лоцирани во странство, се наведува истражувањето насловено „Глобални вредносни синџири“.
Во него се посочува дека во периодот од 2021 до 2024 година ваквата пракса, позната како „аутсорсинг“, ја користеле 72,8 отсто од европските претпријатија, кои пренесувале некои од своите деловни функции на субјекти во други земји од Унијата, но и надвор од неа и тоа најмногу во Индија (18,6 проценти) и во Велика Британија (17,1 отсто).
Ангажирањето „аутосорсинг“, според истражувањето, се практикувало за извршување на најразлични задачи, од ракување со операции, па до производство на стоки, кои дотогаш традиционално ги вршеле вработените во самите компании.
Ова, според истражувањето, се прави за да се намалат трошоците на компаниите, да се подобри нивната ефикасност, но и да можат да се фокусираат на други задачи и обврски.
Како главна парична за практикувањето на „аутсорсингот“, компаниите опфатени со истражувањето ги навеле намалување на трошоците за работна сила и тоа 34,1 отсто од нив, по што следува намалување на останатите производни трошоци со 27,8 проценти и фокусирањето на нивната основна дејност со 20,3 отсто.
Кога станува збор за работните процеси што се пренесуваат на субјекти во странство, во 47,4 отсто случаи тоа се административните и управувачките функции, по што следуваат информатичко-комуникациските услуги со 28,7 проценти.
Компаниите опфатени со истражувањето во периодот на кој се однесува анализата ангажирале 52.853 работници во странство, поради што биле укинати 152.023 работни места во нивните матични држави или 0,22 проценти од нивниот вкупен број.
Над една третина од изгубените работни места или 53.577 биле во производниот сектор, по што следуваат 33.818 во административно-управната сфера.
Меѓутоа, изразено во проценти, стапката на загубени работни места е највисока во областа на информатичко-комуникациските услуги и тоа 0,46 отсто, пред секторот на истражување и развој со 0,37 проценти.
Во анализата се оценува дека иако станува збор за прилично мали бројки на загубени работните места, сепак на долг рок не би требало да се занемари нивниот кумулативен ефект.
Со истражувањето биле опфатени компании од 22 земји членки на ЕУ и од Норвешка.
Свет
Москва му одговори на Макрон: Разговори – да, но со љубезни и пристојни луѓе
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Владимир Путин е подготвен за разговори, но само со „љубезни и пристојни луѓе“, одговарајќи на изјавите на францускиот претседател за потребата од дијалог со Москва.
„Нашиот претседател повеќепати истакнуваше дека секогаш е отворен за контакт, но со разбирање дека тоа ќе бидат љубезни луѓе со одредено основно ниво на пристојност“, изјави Лавров, потсетувајќи на острите изјави на Емануел Макрон, кој претходно ја нарече Русија, а лично и Путин, „единствениот злосторник“ во сегашниот конфликт.
Лавров претходно изјави и дека лидерите на Европската Унија се однесуваат непристојно, обидувајќи се да им диктираат на Кина и Индија дали треба да одржуваат контакти со Русија. Тој нагласи дека Москва го почитува правото на сите држави самостојно да ги одредуваат своите партнери, што, како што рече, е целосно во согласност со принципите на суверена еднаквост од Повелбата на Обединетите нации.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дошло време тој и европските лидери повторно да воспостават дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, пишува весникот „Фигаро“.
Фото: Depositphotos
Свет
Зеленски во Варшава: ЕУ донесе клучна одлука за поддршка на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Варшава истакна дека Европската Унија донела клучна одлука за финансиска помош за Украина, и покрај обидите на Русија да ја осуети.
„Русија направи сè за да ја осуети одлуката на лидерите на ЕУ за финансиските потреби на Украина, но во тоа не успеа“, изјави Зеленски.
На заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск, тој нагласи дека Полска има големи заслуги за позитивната одлука на Европската Унија и дека украинскиот народ ѝ е благодарен на полската држава.
„Одлуката што ја донесоа европските лидери сега е најважна. Секако, Русија навистина сакаше да го наруши, откаже или одложи овој состанок. Европа покажа лидерство по ова прашање, што е исклучително важно, заземајќи цврст и решителен став. Ви благодарам што нè поддржувате и што продолжувате да нè поддржувате“, рече Зеленски, обраќајќи му се на Туск.
Како што истакна украинскиот лидер, Полска секогаш била на страната на Украина кога се избирало меѓу исправни и погрешни одлуки.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да му се заблагодарам на полскиот народ за значајната поддршка што ѝ ја даде на Украина од самиот почеток на оваа војна. Сметавме на вашата помош и и понатаму сметаме на неа“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека, и покрај одредени тешкотии, особено поради историскиот контекст на билатералните односи, Украинците и Полјаците мора да се разбираат меѓусебно.
„И ние тоа го правиме и ќе се разбираме уште подобро отколку што се разбираме во денешните односи“, истакна Зеленски.
Сумирајќи ја посетата на Варшава, украинскиот претседател ги оцени како многу важни средбите со својот полски колега Карол Навроцки и со претставници на полскиот парламент. Според него, „најстрашното за Русија е тоа што двете земји стојат заедно“.
„Кога нашите земји се заедно, нема да можат да нè победат. Имаме многу добри односи и одлуки. Ставот што Полска го покажа во контекст на Украина е исклучително важен и дополнително го зајакнува нашето пријателство“, нагласи Зеленски.
По разговорите со Навроцки, Зеленски изјави дека денешната посета на Полска ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји.

