Економија
(Видео) Костова: Срамно се редефинира потрошувачката кошничка, папаја за владата – трошки за народот

Скандалозни се последните најави на Владата со кои сака да ги искриви реалните пресметки на потрошувачката кошничка, кажа денеска на прес-конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
„Власта измислила сама да пресметува колку „чини животот“ на граѓаните и се обидува да го убеди народот дека со 400 евра може да се живее. Ама, граѓаните да не одат на одмор, да немаат можност ниту за кино или театар – тоа било луксуз според власта. Да се живее само за сметки и храна, и тоа од листата на препорачани производи од Владата. За Владата папаја, манго и аспарагус, а за граѓаните само трошки. За граѓаните да биде луксуз одморот, а власта да изнајмува цели авиони на грбот на народот“, вели Костова.
Според неа, целта на Владата е да го замени реалниот показател – минималната синдикална кошничка – со нова, владина креирана „просечна потрошувачка кошничка“, ама не за четиричлено семејство, туку за тричлено.
„Нема веќе „мама, тато, дада и бато“ како што најави премиерот за ПР – сега има само тројца, за бројките да изгледаат подобро. Зошто токму просечна кошничка? Затоа што се споредува со просечна плата, која расте побрзо и се прикажува секој месец. Минималната – еднаш годишно. Така ќе покажуваат „раст на стандард“, но само на хартија. Не и за граѓаните со минимална плата“, истакна потпретседателката на СДСМ.
Костова смета дека новата просечна кошничка ќе ги игнорира реалните трошоци.
„Ќе се сведува само на храна и сметки, без никаква рекреација, култура или достоинствен живот. Она што го содржеше синдикалната кошничка – како минимум за живот – веќе ќе го нема. Не затоа што не е потребно, туку затоа што Владата сака да прикаже помали бројки. А, токму просечната потрошувачка кошничка треба да мери просечен стандард, со реални трошоци за едно семејство, со пристојна исхрана, квалитетни производи, културен живот. Не само гол опстанок. Ова не е економска мерка, туку политичка манипулација. И уште една навреда за интелигенцијата на граѓаните. Бараме власта да се откаже од оваа срамна и скандалозна намера“, кажа Костова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.