Топ
МВР го објави идентитетот на загинатите во тешката сообраќајка

На 18.04.2025 во 20.40 часот во ОВР Кичево e пријавено дека на магистралниот пат Кичево-Гостивар, кај место викано „Сеферов бунар“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од З.Д.(64) од Битола, патничко возило „форд“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.Р.(63) од село Горно Страгомиште, кичевско и патничко возило „опел“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Х.Е.(38) од Гостивар.
„На местото на настанот починале возачите З.Д. и Х.Е., а сопатничката од патничкото возило „опел“ Б.Е.(38) од Гостивар, била пренесена во Медицинскиот центар Кичево, каде починала. Од страна на лекар констатирана била смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се предадени за обдукција. Во несреќата со телесни повреди се здобиле возачот А.Р. и неговата сопатничка А.А.(67) од село Колари, кичевско, сопатникот од возилото „мерцедес“ Д.С.(37) од Кичево и сопатниците од патничкото возило „опел“- тројца малолетници од Гостивар и Р.Е.(60) од селото Шутово, кичевско, констатирани во медицински установи во Кичево и Скопје“, велат од МВР.
На местото на несреќата извршен е увид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До понеделник посвежо време со повремени врнежи, локлно поројни со грмежи и ветер

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.
Македонија
(Видео) Нов пожар го труе Скопје: Намерно запалена депонија во Арачиново

Вечерва е подметнат пожар во депонијата близу Арачиново покрај стариот пат кон Куманово, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Од таму велат дека оваа депонија има ограда и влезна врата. Скопските пожарникари ја затекнале вратата на депонијата отворена, во депонијата имало фрлена поголема количина на пакуван сончоглед кој горел со силен пламен но и други горливи производи.
Најверојатно намерно запалениот сончоглед предизвикал опожарување на дел од депонијата.
Поради насоката на струењето на воздухот смрдеата од пожарот во оваа депонија најверојатно се чувствува во делови од Скопје.
Од ДЗС велат дека гаснењето ќе биде сложено бидејки обемот на зафатената површина е голем што го компликува гаснењето со вода или пена. Затоа се прави проценка на неопходноста од затрупување и на оваа депонија која е под надлежност на Општина Арачиново.
Македонија
Мицкоски од Струмица: По 7 години кочење, започнува доизградбата на стариот театар

По седум години кочење, започнува доизградбата на стариот театар во Струмица, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините, се сеќавате Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднесе тогаш проект, односно поднесе еден проект којшто не ги исполнуваше условите. Додека пак сега во вториот повик поднесе неколку проекти, улици генерално за асфалтирање и реконструкција и сите тие проекти беа одобрени од страна на Владата и ќе ги финансираме во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.
Како Влада, додаде тој, сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини.