Топ
Деветнаесетгодишно момче загина откако со БМВ излета од пат

Момче на 19-годишна возраст од село Миравци, загина утрово околу четири часот кога со автомобил БМВ, што го управувало, излетало од коловозот на регионалниот пат меѓу селата Миравци и Давидово, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи – Струмица.
Во соопштението се наведува дека момчето починало на местото на несреќата, а смрт констатирал лекар на Итната медицинска помош.
Бил извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР – Гевгелија, а по наредба на јавен обвинител, телото на момчето е дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски од Струмица: По 7 години кочење, започнува доизградбата на стариот театар

По седум години кочење, започнува доизградбата на стариот театар во Струмица, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините, се сеќавате Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднесе тогаш проект, односно поднесе еден проект којшто не ги исполнуваше условите. Додека пак сега во вториот повик поднесе неколку проекти, улици генерално за асфалтирање и реконструкција и сите тие проекти беа одобрени од страна на Владата и ќе ги финансираме во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.
Како Влада, додаде тој, сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини.
Македонија
Сиљановска-Давкова во ОН: Руската агресија директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста

Потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки геополитички раседи. Еден од најактивните е во Украина, каде веќе три и пол години беснее војна. Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Таа изрази и загриженост и за неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија, земји-членки на НАТО.
„Ја поддржавме Заедничката изјава од 12 септември и повикуваме на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија за намалување на тензиите и зачувување на мирот“, рече претседателката.
Според неа, геополитичката раседна линија минува и низ регионот на Западен Балкан.
„Процесот на македонското пристапување кон Европската Унија веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на објективните копенхагенски критериуми, туку поради субјективни, националистички причини. Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова, наметната промена на Уставот. Уставот како lex superior и општествен договор меѓу граѓаните, во Русоова смисла на зборот, е највнатрешното прашање на секоја држава. Нашиот устав предвидува четири предлагачи на измени: претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници и 150.000 граѓани. Јасно е дека овластен предлагач на амандмани не може да биде наш сосед, ниту Европската Унија“, рече Сиљановска – Давкова.
Таа укажа дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои бевме убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција.
„Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Се согласувам, но напоменувам дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за уставни измени. Конечно, со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како „единство на различности“ и се обврзува да ги почитува „културната и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?“, праша таа.
Сиљановска – Давкова предупреди дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западниот Балкан не е само политичко, туку е безбедносно прашање.
„Со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворена врата за влијание на трети геополитички центри на моќ, иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив. Зарем треба да се најдеме на дневниот ред на Советот за безбедност, за ЕУ да го деблокира нашето проширување? Ако Европската Унија сака да биде геополитичка унија, таа не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум. Kако што укажа претседателката на Европската комисија, Европската Унија мора час поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да ја заврши ре-унификацијата на Европа и повторно да стане силен геополитички фактор“, рече претседателката.
Македонија
Ресенчани алармираа: Преспа има годишно по 250 новозаболени од карцином, се бори со стерилетет и проблеми со тироидна жлезда, а тоне во ѓубре

На Преспа и’ треба заедничка акција која ќе тргне од граѓаните, а ќе ја продолжат институциите и од локаната и од централната власт за да се дојде до почиста животна средина која, пак, значи здравје за сиот жив свет, е заклучокот од денешната панел-дискусија „Здрава средина, здрав живот“ во Ресен организирана по повод Меѓународниот ден за животна средина и здравје 26 септември. Учесниците на дискусијата без задршки зборуваа за проблемите кои ги предизвикува колективната негрижа за животната средина. Директорот на болницата за респираторни заболувања, Благоја Китановски, даде загрижувачки податоци за бројот на заболени од карцином во Преспа.
„Има благо зголемување на бројот на заболени од карцином иако бројката на новозаболени од овој регион не го надминува просекот на ниво на Републиката. Ние имаме годишно 250 новозаболени од карцином. Таа бројка беше поголема во претходната година оти за време на ковид-кризата не се правеше дијагностика. За надминување на оваа состојба ние правиме редовни скрининзи за рак на дојка и колоректален карцином кои се малигни заболувања карактеристични за овој регион“, рече директорот Китановски.

Ресенчани без задршки зборуваа за проблемите
Неговиот став е дека вината за состојбата со заболувањата подеднакво ја дели човечкиот фактор со негрижата за животната средина и климатските промени кои го намалуваат водостојот на езерото, го менуваат живиот свет во езерото, а од таму и на луѓето.
Билјана Стојаноска, која учествуваше на панел – дискусијата како претставничка на аптекарите, го дополни директорот Китановски со уште позагрижувачки податоци.
„Имаме податоци што не смееме да ги игнорираме. Моето децениско аптекарско искуство покажува дека како никогаш досега во Ресен продаваме лекови за карцином, тироидна жлезда, за стерилитет, за алергии. Како фармацевти нема да останеме неми, ќе нудиме едукација и совети за секој што сака да живее поздраво“, рече Стојаноска.
Таа со личен пример, потврди дека не е мала бројката на заболени од карцином во овој регион. Пред десет години и бил дијагностициран рак на тироидна жлезда, го излекувала, а сега има рецидив овој пат на дојка.
„До кога е молчиме за ова“, јавно праша Стојаноска на панел дискусијата.
Давид Здравески во име на Институтот за јавно здравје најави редовен мониторниг на воздухот, водата, храната, почвата и бучавата во Преспа.
„Наша должност и обврска е откога ќе ги добиеме потребните анализи, врз основа на годишните извештаи и епидемиолошки испитувања да дадеме препораки кои обврска има да ги спроведе локалната самоуправа. Тоа редовно го правиме, а така и ќе продолжиме, останува граѓаните да ги почитуваат“, рече Здравески.
Една од главните препораки за ресенчани од Здравески е да носат респираторни маски не само кога одат во овоштарниците за прскање туку и кога го подготвуваат материјалот за прскање.
Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод Охрид кажа дека Преспанско Езеро забрзано старее во споредба со останатите природни езера што се гледа преку прекумерно цветање на алгите во езерото, процес за кој во голема мера придонесува прекумерната употреба на пестициди кои преку реките и подземните води завршуваат во езерото.
„Промените кои ги предизвикуваат се зголемена продукција на фитопланктон, цветање на алгите. Сериозно е тоа што многу често има токсични алги кои го загрозуваат животот во езерото но понатаму и на луѓето преку исхраната со риба“, рече директорката Тасевска.
На панел дискусијата како претставник на општината присуствуваше Ајман Ал Мала од секторот за животна средина. Тој за следната година најави измена на низа закони за животната средина, но нагласи дека промената треба да почне од секој од нас.
„Доста веќе се организира чистење диви депонии, Тоа треба да се укине. Треба да тргне секој од себе, од дома, од семејството, па понатака да дејствуваа и институциите“, рече Ал Мала.
Тој детално зборуваше за сите акции кои Општина Ресен во моментов ги презема за расчистување на депониите, за селектирање на отпадот и за најавеното компостирање.
Панел-дискусијата ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ која е поддржана од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“.