Свет
Орбан: Трамп ја повикува Унгарија да ја напушти ЕУ
Неочекуваното појавување на унгарскиот премиер Виктор Орбан на состанокот организиран од неговата партија Фидес во градот Пишверсвар, околу педесет километри северно од Будимпешта, резултираше со разјаснување на одредени важни прашања за кои досега во јавноста циркулираа различни информации, пренесуваат медиумите во регионот.
Според написите, во таа прилика, тој меѓу другото, признал дека американскиот претседател Доналд Трамп го повикал Унгарија да ја напушти Европската Унија и споменал „тајни договори“ со други земји-членки на ЕУ, чија цел е да се спречи исклучување на Унгарија од процесот на донесување одлуки во блокот.
Според унгарскиот премиер изборите во 2026 година ќе бидат „тешка борба“, дури и во изборните единици каде што Фидес претходно победи. Тој го наведе примерот на баварската партија ЦСУ, која моментално се соочува со тешкотии и покрај тоа што е на власт 70 години, но не призна никакви грешки во политиките на Фидес. Тој ги припиша лошите резултати што ги постигна неговата партија на анкетите на промените во глобалните комуникациски трендови, истакнувајќи дека сега помалку луѓе читаат печатени медиуми или гледаат телевизија. Наместо тоа, мнозинството се одлучува за информации преку интернет, вклучително и читање коментари на социјалните мрежи, рече Орбан и призна дека Тиса во моментов е пред Фидес во оваа област.
„Ако продолжиме со традиционалната политика, не е сигурно дека ќе победиме“, заклучи тој.
Осврнувајќи се на одредени геополитички прашања, тој ја поврза миграцијата со војната во Украина и го критикуваше Брисел во тој контекст. Западот, како што рече, поддржува населување на мигранти во Европа, а во исто време ја помага војната во која христијаните се борат едни против други“, што според него е недозволиво.
Орбан, исто така, ги спомена обидите за лишување на Унгарија од правото на глас во Советот на ЕУ поради загриженост за владеењето на правото и изјави дека постојат неколку внатрешни договори со земјите-членки на ЕУ што би ја заштитиле Унгарија од последиците од таквите напори.
Откако изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп му предложил Унгарија да ја напушти ЕУ, новинарот на RTL прашал дали таков предлог го загрозува суверенитетот на неговата земја, што е клучна тема во политичката кампања на Фидес. Орбан одговори негативно, додавајќи дека „зависи од тоа дали Трамп се шегувал или не“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со порака до демонстрантите во Иран: Продолжете да протестирате, помошта доаѓа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите во Иран и ги повика да продолжат да протестираат.
Тој ги откажа средбите со иранските претставници и рече дека американската помош е на пат.
„Ирански патриоти, ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ПРОТЕСТИРАТЕ – ПРЕЗЕМЕТЕ ГИ ВАШИТЕ ИНСТИТУЦИИ!!! Запишете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите средби со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. ПОМОШТА ДОАЃА. МИГА!!! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави тој на својот профил на социјалните мрежи Truth Social.
фото/Depositphotos
Свет
Разрешен ураинскиот министер за одбрана
Украинскиот парламент, Врховната рада, го разреши министерот за одбрана Денис Шмихал од должноста, кој треба да ја преземе функцијата министер за енергетика.
265 пратеници гласаа за одлуката, додека пратениците од Европската солидарност и дел од партијата Холос (Глас) се воздржаа, пишува Украинска правда.
Шмихал беше назначен на функцијата министер за одбрана во јули 2025 година. На 9 јануари, парламентот ги прими оставките на Шмихал и Михајло Федоров, првиот вицепремиер на Украина и министер за дигитална трансформација.
Претседателот Володимир Зеленски се сретна со Шмихал на 3 јануари и рече дека очекува парламентот да го одобри неговото назначување на позициите вицепремиер и министер за енергетика.
фото/епа
Свет
Дел од персоналот на француската амбасада го напушти Иран
Неесенцијалниот персонал во француската амбасада го напушти Иран, потврдија за агенцијата „Франс Прес“ два извори запознаени со ситуацијата.
Според нив, персоналот го напуштил Иран во текот на претходните два дена, но не беше објавено колку луѓе заминале.
„Заштитата на нашиот персонал и нашите граѓани е приоритет“, изјави за АФП функционер на француското Министерство за надворешни работи.
Истовремено, три европски земји ги повикаа иранските амбасадори на разговори во врска со репресијата на режимот врз демонстрантите во Иран.
Холандскиот министер за надворешни работи, Давид ван Вил, изјави дека го повикал иранскиот амбасадор „за формално да протестира против прекумерната употреба на сила против демонстрантите, масовните произволни апсења и исклучувањето на интернетот“. Тој додаде дека потегот е направен во координација со европските партнери.
Финска, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори. Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави: „Иранскиот режим го исклучи интернетот за да може да убива и угнетува во тишина“.
Шпанската министерка за надворешни работи, исто така, го повика иранскиот амбасадор на разговори.
Шпанското Министерство за надворешни работи побара од Техеран да ја прекине блокадата на комуникациите и да ги запре апсењата на демонстрантите.

