Контакт

Филм

Заврши шестиот „МакеДокс“ во ритамот на животот

Објавено пред

Седумдневната програма на шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, од 20 до 26 јуни, донесе 30 долгометражни и кратки документарни филмови од светската и македонската документаристика.

dobivaj vesti na viber

 

 

Покрај ова беа одржани три музички работилници, изложба на фотографии со наслов „Ехо“, повеќе од 40 гости, шест сесии разговори „Под смоквата“, три дебати иницирани од филмови во фестивалската програма, четири премиери на македонски документарни филмови, три вечери со музика изведена во живо во раскошниот амбиент на Куршумли-ан.

 

Фестивалот го затвори аргентинскиот документарен филм „Танцувајќи со Марија“ со изведба во живо на музиката од филмот, а заедно со композиторот и пијанист Лука Цуит настапија Бојан Илковски (виолина), Симон Поповски (виолина), Марко Виденовиќ (виола), Паскал Краповски (виолончело), Иван Бејков (бас), Катерина Бачевска (флејта) и Тони Китановски (гитара).

 

Претходно беа реализирани работилниците „Музичко интро“, која донесе шест музички парчиња за воведната секвенца на немиот филм „Човекот со филмска камера“ (1929) од Ѕига Вертов компонирани од Владимир Мартиновски, Мауро де Мартино, Дуке Бојаџиев, Филип Митров, Роботек Горан Роботековски и Михајло Михајловски, потоа Работилницата за ритам која донесе нова музичка подлога за филмот „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ од 1931 година, а на креативната работилница за деца и млади беа произведени многу нови музички инструменти од овошја, зеленчуци и други природни материјали.

 

Наградата „Кромид“ за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма ја доби документарниот филм „Погледот на тишината“ од Џошуа Опенхајмер.

Комисијата во состав Томас Балмеш, Лејла Дедиќ и Едоардо Фракија го состави следното образложение:

 

„Апсолутно режисерско ремекдело – фантастична камера, приказна, монтажа, кастинг и драматургија. Филмот ги исполнува сите критериуми за документарен филм и поседува огромна трансформативна моќ која може да направи многу не само за индонезиското општество, туку и за општеството во една поширока смисла на зборот.“

Режисерот Џошуа Опенхајмер испрати порака со која изрази благодарност до екипата, публиката и комисијата за доделување на наградата на фестивалот „МакеДокс“.

 

„Навистина сум почестен од ова признание. Точно пред 50 години започна индонезискиот геноцид и, за жал, ужасно е што сѐ уште трае. Угнетувачите сѐ уште имаат моќ низ земјата и ги плашат луѓето низ Индонезија. Неодамна двеста возрасни преживеани беа нападнати од разбојници додека се обидуваа да ги комеморираат ужасите. Независно од тоа уште колку треба да се направи, јас сум горд што нашите два филма ’Чинот на убивање‘ и ’Погледот на тишината‘ поттикнаа народна дебата која говореше за страшната историја – место каде царува тишината“, истакна во својата порака Џошуа Опенхајмер.

Имајќи ја предвид одличната филмска селекција, жирито одлучи да му оддаде Посебно признание на филмот „Спартанци“ на Никола Вадимов: „Филмот е пример за одлична режија и монтажа. Ни прикажува добро избран главен карактер и заедница која најчесто е претставена како негативна и проблематична. Филмот дава надеж и ги руши овие стереотипи.“

 

Наградата ја прими монтажерот на филмот Жан-Даниел Шнајдер, кој беше гостин на фестивалот „МакеДокс“.

 

Комисијата во состав Бурхан Ѓун, Ева Стефани и Пабло Ферро Живановиќ, едногласно го избра „Танцувајќи со Марија“ како најзаслужен филм за наградата „Млад Кромид“.

„Наградата се доделува поради силната визуелна експресија која ја прикажа уметноста на танцот, музиката и филмот сплотувајќи ги и креирајќи еден свет паралелен со оној на авторот. Овој свет нам ни беше успешно доловен, делувајќи реалистично и мистично во исто време“, образложи жирито за наградата „Млад кромид“.

 

Наградата ја примија композиторот и пијанист Лука Цуит и продуцентот Миха Чернец, притоа изразувајќи благодарност за гостопримството и прекрасните моменти поминати на „МакеДокс“ со потсетување дека дел од музиката за филмот е снимен во Скопје.

Наградата „Кокарче“, според одлуката на младото жири, ја доби „Во подрумот“ на Улрих Зајдл. Комисијата во состав Ана Алексовска, Илија Цветковски и Иван Ивановски образложи:

 

„Документарниот филм ’Во подрумот‘ има сугестивна и гласна кинематографија која преку боја и композиција воспоставува однос помеѓу темата и карактерите. Така, нарацијата станува визуелна и секој кадар е како едно визуелно хаику набиено со став и емоција. Бизарноста на нагоните и потсвеста која човекот ја крие во подрумите на својата психа, карактерите во филмот ја реализираат во подрумите на своите домови и се чини дека токму поради тој филтер тие и опстојуваат. Прикажувајќи ги своите карактери како гротеска, режисерот ги поместува маргините на она за коешто е прифатливо да се зборува надвор од темната засолнетост на општествените подруми, а со имагинативното користење на филмскиот јазик тој ја поместува границата на документарното со играното, со што повикува на медитација за насоката кон која се движи документарниот филмски дискурс.“

 

Во име на режисерот наградата ја прими Надица Боцевска, претставник на австриската амбасада во Македонија.

 

Комисијата во состав Дамир Никшиќ, Миха Задникар и Елена Христова ја додели Награда за филм со најдобри етички идеи на „Семејна работа“ од Ангелики Аристоменопулу со следното образложение:

 

„Користејќи го јазикот на музиката, филмот на суптилен и ненасилен начин нè вовлекува длабоко во структурата на едно семејство. Тоа, преку музичките елементи, ги пронаоѓа беспрекорната дисциплина и колективната одговорност кон традицијата. Станува збор за традиција која не заробува, туку ослободува и е секогаш одново модерна и космополитска, лишена од непотребен идентитет, мистицизам, возвишеност. Ова е моќно патување во височините на медитеранскиот Крит и во ширината на океанскиот Мелбурн.  Портретот на Псарантонис е вонјазичен елемент, ритам кој доаѓа со повлекување  и еруптира поставувајќи се пред колективот. Тоа е ритамот на филмот што нè вози.“

Авторката на филмот Ангелики Аристоменопулу во овој период снима нов филм на островот Самотраки и не можеше да дојде на „МакеДикс“, но испрати порака со благодарност за наградата.

 

„Филмот беше вистински благослов за мене, а истовремено и предизвикувачко искуство поврзано со човечките релации. Не е едноставно да влезете во нечиј дом и во неговиот личен живот со комплетна филмска екипа и за тоа беа потребни време и многу напор да се изгради меѓусебна доверба. Сега, откако филмот го живее својот живот, се чувствувам горда на него, но уште повеќе сум среќна што семејството Ксилурис ме прими во нивниот дом и ми даде можност да ја поврзам нивната музика со моќната критска музичка традиција и со убавината на островот Крит“, напиша Ангелики Аристоменопулу во својата порака.

 

Во нејзино име наградата ја подигна претставник од Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје.

 

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права. Зачнат со ентузијазмот на една група доку-љубители, „МакеДокс“ за само пет години успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани.

 

Фестивалот „МакеДокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Агенцијата за филм на РМ и Делегацијата на ЕУ во Скопје. /крај/

 



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Почнува 24. „Синедејс“ со репертоар од над 50 европски остварувања

Објавено пред

Со слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се одржува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм.

dobivaj vesti na viber

Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвната работилница „Маркетинг на филм“ се фактографски белег на годинешниот „Синедејс“.

„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сѐ е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативци, но и на таквата префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé“, вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.

Два филма се на почетокот на фестивалот – „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.

„Ова издание на ‘Синедејс’ ги носи и ‘Тајниот агент’ на Мендонса Фило, ‘Домот на младата мајка’ на браќата Дарден, и двата номинирани за ‘Златна палма’, ‘Татко мајка сестра брат’ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата ‘Златен лав’ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како ‘Оче наш’ на Горан Станковиќ, ‘Ера’ на Парта Келменди, ‘Павиљон’ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и ‘Македокс’ ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршок на годинава за МКЦ“, дополнува Арсова.

Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СЕЕ-програма, селекција на Дејвид Линч и „Македокс“.

Жири-комисијата во состав: Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска, и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија, и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора, за филмовите во СЕЕ-програмата.

На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“ имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.

Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во киното „Фросина“ и во Дансинг-салата „25 мај“.

Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.

Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европските филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.

Прикажи повеќе...

Култура

(Видео) Објавен првиот трејлер за контроверзниот биографски филм за Мајкл Џексон

Објавено пред

По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.

dobivaj vesti na viber

Трејлерот започнува со сцена во студио каде Џексон снима со Квинси Џонс (го игра Кендрик Семпсон), кој вели:

„Знам дека долго го чекавте ова. Песните се снимени, подготвени се. Да почнеме од почеток.“

Следуваат кадри од детството на Џексон, неговите легендарни настапи и видеа, меѓу кои и „Трилер“, додека во позадина свири хитот „Вана би стартин самтинг’“ од 1982 година.

Филмот го прикажува патот на Џексон од детска ѕвезда до светска икона, со „интимен поглед во животот и наследството на еден од највлијателните уметници на сите времиња“, стои во синопсисот.

Снимањето завршило во мај 2024 година, но поради дополнителни снимања во јуни, премиерата беше одложена за 24 април 2026 година.

Иако се шпекулираше дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.

Режисер е Антоан Фукуа, познат по акциските хитови „Training Day“, „The Equalizer“ и „Olympus Has Fallen“. Сценариото го напиша Џон Логан, автор на „Gladiator“, „The Aviator“ и „Hugo“.

Главната улога ја толкува Џафар Џексон, вистинскиот внук на Мајкл Џексон.

Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:

„Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.“

Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.

Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.

Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.

Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.

Прикажи повеќе...

Култура

Холивуд се збогува со Редфорд: „Замина еден гениј“

Објавено пред

Веста за смртта на Роберт Редфорд го потресе филмскиот свет. Холивудската икона и основач на филмскиот фестивал Санденс почина денес, а бројни реакции од колеги и соработници продолжуваат да пристигнуваат.

dobivaj vesti na viber

Актерката Марли Матлин ја истакна неговата клучна улога во независниот филм. „Нашиот филм, CODA, го привлече вниманието на сите поради Sundance. А Sundance се случи поради Роберт Редфорд. Почина еден гениј“, напиша таа на социјалната мрежа Икс.

Film at Lincoln Center, исто така, му оддаде почит на легендата, нарекувајќи го „вистинска икона на големото платно, неуморен застапник на филмските режисери во подем“.

Новинарот Пирс Морган се потсети на некои од неговите најпознати улоги. „Почивај во мир Роберт Редфорд, 89. Една од најголемите филмски ѕвезди на сите времиња. Вистинска холивудска легенда која глумеше во толку многу од моите омилени филмови: Butch Cassidy and the Sundance Kid, The Sting, The Way We Were, All The President’s Men. Каква кариера, каков актер, каква тажна загуба“, рече тој.

Писателот Стивен Кинг го нагласи неговото влијание врз филмската индустрија: „Роберт Редфорд почина. Тој беше дел од новиот и возбудлив Холивуд од 70-тите и 80-тите години. Тешко е да се поверува дека имаше 89 години.“

Маријана Вилијамсон се осврна на неговите пошироки општествени придонеси. „Малкумина во својот живот направиле повеќе за да придонесат за американското општество од Роберт Редфорд. Во области од филмот до екологијата и политиката, тој ја користеше својата огромна моќ за да помогне во создавањето подобар свет“, напиша таа.

Бројни други познати личности, вклучувајќи ја и Роузи О’Донел, му оддадоа почит на социјалните медиуми.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет1 час

Имав продуктивен разговор со Путин, рече Трамп пред состанокот со Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека имал добар и многу продуктивен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Соопштението доаѓа...

Свет5 часа

Зеленски пред средбата со Трамп: Многу работи можат да се решат пред Нова година, одлуката зависи од партнерите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Киев прави сè за да ја заврши војната со Русија, но дека на...

Култура8 часа

Почина Брижит Бардо

Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“. Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол,...

Свет10 часа

Донбас и Запорожје во фокусот на разговорите Зеленски–Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретнат попладнево на Флорида за да разговараат за планот...

Македонија10 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да ги објави документите или да одговори од каде 500 илјади долари за златна виза во Дубаи и инвестиции

Во свое појавување пред медиумите, Венко Филипче рече дека тој не бил бизнис партнер на Зоран Заев во градбата на...

Свет12 часа

Сојузниците му дадоа поддршка на Зеленски пред средбата со Трамп на Флорида

Сојузниците му дадоа силна поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп...

Македонија23 часа

Родителите за загинатите деца во Пулс со порака: Пред Нова година и Божиќ кога сите се радуваат, ние живееме во болка

Со солзи и голема болка денеска маршираа низ кочанските улиците семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“. Во...

Македонија1 ден

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација...

Македонија1 ден

Таткото на загинатата Надица во „Пулс“: До последен здив ќе се борам за правда за моето дете

Александар Наунов, татко на Надица која го загуби животот во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати...

Свет1 ден

По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев

Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија. Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални...

Регион1 ден

Две тела најдени во стан во Крушевац, сомнежот е дека син ги убил родителите со нож, па се фрлил од зграда

Двојно убиство и самоубиство се случија утрово во семеен стан во Крушевац, а полицијата ги утврдува сите околности на овој...

Свет1 ден

Расте бројот на повредени во рускиот напад врз Киев

Бројот на повредени во рускиот напад со беспилотни летала и ракети врз Киев се искачи на 19, објави Укринформ. „Вкупниот...

Свет1 ден

Уште трае рускиот напад, во Киев нема струја и парно, има и загинати

Речиси 9 часа Киев ноќеска беше под опсада. Во градот воздушната опасност сè уште е на сила поради заканата од...

Свет1 ден

Има повредени во рускиот напад врз Киев

Пет лица се повредени во рускиот напад врз Киев синоќа, објави градоначалникот на главниот град, Виталиј Кличко, на Телеграм, цитиран...

Свет1 ден

(Фото+Видео) Се шират снимките од бруталниот напад на Киев, станува сè полошо

Аеродромите во Жешов и Лублин во југоисточна Полска беа привремено затворени откако полските вооружени сили испратија борбени авиони како одговор...

Македонија2 дена

Намалена видливост поради магла на неколку патни правци

Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинските превои Стража и Ѓавато, до 30 метри на...

Европа2 дена

(Видео) Британските ракети „Сторм Шедоу“ погодија клучна руска рафинерија

Украина потврди дека употребила британски крстосувачки ракети „Сторм Шедоу“ за напад врз голема рафинерија за нафта во Русија, нанесувајќи нов...

Македонија2 дена

Зоран Трајчевски ќе продолжи да ја води АВМУ и во наредните пет години

Зоран Трајчевски ќе продолжи да ја води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и во наредните пет години, откако...

Топ2 дена

Уапсен полицаец за изнуда: поднесена кривична пријава, следува суспензија од работното место

По претходна пријава од граѓанин за сторено кривично дело „изнуда“ од полицискиот службеник Х.З.(48) во Одделението за криминалистички работи Гази...

Македонија2 дена

По случајот со починатото новороденче на ГАК, Комисијата за стручен надзор констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол

Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол, соопшти...