Свет
Толкач: Првин прекин на огнот, а потоа преговори
Амбасадорот на Украина во Белград, Володимир Толкач, изјави денес дека Украина е подготвена да преговара за прекин на огнот со Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин навистина сака да разговара, но дека главното барање на Киев е 30-дневен прекин на огнот.
Толкач истакна дека иако Путин предложил средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Истанбул, тоа се покажало „само како изјава, без никакви конкретни чекори“.
„Нашиот претседател реагира бргу, одговори позитивно и рече дека е подготвен да се сретне во Истанбул. Од првиот момент на оваа војна бевме подготвени за разговори, можеби не директно со Путин, бидејќи тој секогаш лажеше, сакаше да провоцира или уценуваше во овие преговори. Ако Путин навистина сакаше да зборува за прекин на огнот, ние сме подготвени, но имаме едно основно барање – триесетдневен прекин на огнот“, изјави Толкач за телевизијата „К1“.
Толкач смета дека никој од руска страна не е подготвен за сериозни мировни преговори со оглед на тоа што Москва испрати помошник на претседателот, роден во Украина, „без вистинска моќ за донесување одлуки“ на преговорите во Истанбул, а украинската страна во Истанбул ја предводеше министерот за одбрана и искусен заменик-премиер.
На прашањето дали Соединетите Американски Држави денес се сојузник и пријател на Украина, Толкач изјави дека првите чекори на новата американска администрација биле разочарувачки бидејќи нивните изјави понекогаш звучеле „како да се на страната на Русија“, но додаде дека Киев денес разбира оти не треба да ги гледа само изјавите, туку и пошироката слика.
„Имаше контрадикторни изјави, првин американскиот претседател рече нешто што е во прилог на руската пропаганда, а потоа следниот ден нешто сосема спротивно. Се обидовме да го пронајдеме патот и да разбереме што сакаше да каже“, додаде тој.
Одговарајќи на прашањето зошто е одложен почетокот на преговорите во Истанбул, Толкач рече дека Зеленски првин отишол на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган затоа што е потребно првин да се покаже почит кон земјата домаќин и дека украинската делегација сакала да ги почека резултатите од тој разговор пред да почне преговори со руската страна.
Толкач наведува дека однесувањето на руската делегација за време на преговорите било неприфатливо бидејќи тие „се однесувале како да се домаќини обидувајќи се да ѝ кажат на украинската делегација каде да седне и како да се организира“.
Тој додаде дека поради таквиот став, украинската делегација одлучила да ги одложи преговорите бидејќи било потребно првин да се завршат разговорите со турските претставници, а дури потоа да се почне дијалогот со Русите.
„Руската Федерација се обидува да ги одложи сите преговори и размената на затвореници. Пред тоа да се случи мора да обезбедиме прекин на огнот, но уште поважно е да почнеме реални разговори“, нагласи амбасадорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

