Спорт
Минов од „Алкалоид“ со порака до навивачите: Да навиваме со срце и да бодриме со почит

Претседателот на ракометниот клуб „Алкалоид“, Горан Минов, во пресрет на финалниот натпревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и ЕК „АЕК“ ги повика навивачите да ја покажат љубовта кон ракометот со фер и спортско навивање.
Им се заблагодари на навивачите за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“.
„Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот. Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот“, повика Минов.
Откри и дека на трибините в недела ќе биде и најмладиот навивач кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил.
„Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра. Да навиваме фер и со срце: Напред Алкалоид!“, повика Минов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Лејкерси му го продолжија договорот на Џеј Џеј Редик

Лос Анџелес Лејкерс, објавија дека го продолжиле договорот со главниот тренер Џеј Џеј Редик. Сè уште нема официјални детали за новиот договор со 41-годишниот тренер.
„Веруваме дека тој е одличен тренер, тренер со силен глас кој навистина ни помага да ја продолжиме културата на извонредност на Лејкерси“, рече Роб Пелинка, претседател на кошаркарските операции на франшизата, на прес-конференција.
„Долгорочната визија ни помага да го изградиме овој тим за иднината“, додаде тој.
Редик им се придружи на Лејкерси во 2024 година, тогаш потпиша четиригодишен договор вреден 32 милиони долари.
Во својата прва година, тој ги предводеше Лејкерси до третото место во Западната конференција. Сепак, тимот беше елиминиран во првото коло од плејофот од Минесота и покрај тоа што Лука Дончиќ беше доведен во средината на сезоната, а Леброн Џејмс беше во одлична форма.
Фото/ Принтскрин
Спорт
Како би се снашле Јокиќ и Дончиќ против Пипен и Џордан?: „Не би го издржале притисокот“

Скоти Пипен, легендарниот крилен играч на Чикаго Булс и член на оригиналниот Дрим Тим, беше во Шпанија како амбасадор на Фондацијата Санитас, каде што во ексклузивно интервју за „Марка“ зборуваше за својот однос со Мајкл Џордан, ја спореди денешната и поранешната кошарка и коментираше за ѕвезди како Лука Дончиќ и Никола Јокиќ.
Кога беше прашан за споредба на неговата ера со денешната, Пипен беше јасен. „Не мислам дека е можно да се направи споредба. Денес е сосема поинаква игра. Начинот на кој се промовира, како се суди, а играчите се поинакви: поголеми, посилни, побрзи.“
Тој нагласи како кошарката кон крајот на 80-те и почетокот на 90-те беше најфизички напорна.
„Денес, фаулите не се дозволени како порано. Тимовите играа со различен менталитет. Во последните 15 или 20 години, тие ги сменија правилата за да го зголемат бројот на поени. Но, тоа беше добро за играта. Играта сега е без позиции, поотворена и повеќе базирана на шутирање.“
Пипен верува дека Булс од сезоната 1995/96, со резултат од 72-10, на хартија биле најдобриот тим на сите времиња. Во хипотетички натпревар со Вориорс од 2016 година (73-9), победникот, вели тој, би зависел од правилата.
„Со правилата од 90-те, Кари не би бил ист. Игравме физички и ги ограничувавме тимовите на 75 до 80 поени. Денес, тоа е речиси невозможно.“
За неговиот однос со Мајкл Џордан, кој отсекогаш бил предмет на интерес, Пипен рече:
„Никогаш немавме блиска врска. Но, кога игравме, имавме одлична хемија. Така е во овој бизнис.“
Тој додаде дека тоа бил професионален однос и дека денес може да ги изброи на прстите од едната рака соиграчите со кои останал во контакт. „Таков е животот, работите се менуваат.“
Пипен не е сигурен дали европските ѕвезди како Лука Дончиќ и Никола Јокиќ би можеле да доминираат во неговата ера поради големиот притисок на целиот терен.
„Во 80-те и 90-те, вршевме притисок по целиот терен. Би можел ли Јокиќ ја води топката по целиот терен под таков притисок? Не знам.“
Тој вели дека стилот на игра на Дончиќ го довел до финалето, но не е сигурен дали може повторно да го однесе таму.
Спорт
Ливерпул му го исплатил целиот договор на семејството на Жота

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, потврди дека сопствениците на клубот, „Фенвеј Спортс Груп“, целосно го исплатиле остатокот од договорот на семејството на Диого Жота по неговата трагична смрт на почетокот на јули. Португалскиот напаѓач загина во сообраќајна несреќа во Шпанија заедно со својот брат Андре Силва.
Во времето на неговата смрт, Жота имаше уште две години од договорот со Ливерпул. Слот сега го потврди чинот на великодушност, откривајќи дека „ФСГ“ го исплатил целиот договор за да му помогне финансиски на семејството на починатиот играч.
„Реков колку сум горд на реакцијата на навивачите, но сопствениците… Сопствениците се најмногу критикувани, како и менаџерите, но начинот на кој се справија со оваа ситуација, плаќајќи им ги сите пари од договорот на неговата сопруга и деца… Можеби луѓето мислат дека е нормално, но не е во фудбалот“, нагласи тренерот на Ливерпул.
Претседателот на клубот, Том Вернер, неодамна зборуваше и за мерките што ги презеде клубот за поддршка на вдовицата на Жота, Руте Кардосо. „Тој беше извонредна личност. Беше сакан, не затоа што беше одличен стрелец. Беше сакан затоа што беше навистина љубезен“, рече Вернер.
„Секогаш е трагедија кога некој ќе почине пред време. Но, неговата смрт навистина ги погоди сите затоа што беше толку сакан. Веднаш ни беше важно да се обратиме до неговата вдовица и да се осигураме дека таа разбира дека сме семејство. Тоа е клише, но навистина се сметаме за семејство и сакавме да се осигураме дека таа е финансиски добро згрижена, како и нејзините деца“, додаде тој.