Топ
Кривична против градоначалникот на Кичево: противзаконски ангажирал адвокати и го оштетил општинскиот буџет за речиси 4 милиони денари

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против 51-годишниот Ф.Д. од кичевското село Србица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
Во периодот од 2017 до 2024 година, тој во својство на градоначалник на општина Кичево, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општина Кичево постои Сектор за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат општината пред судовите во државата.
На тој начин пријавениот ја искористил својата службена положба, постапил спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, на Законот за локална самоуправа, на Законот за јавни набавки, ги прекршил одредбите од Законот за парнична постапка, Правилникот за систематизацијата на работните места, со што на адвокатите им овозможил, на штета на буџетот на општина Кичево, да се стекнат со противзаконска имотна корист од 3.938.420 милиони денари или околу 64.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти имињата на 25 кандидати за градоначалници, повеќето ќе се борат за нов мандат

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утврди 25 кандидати за градоначалници. За Град Скопје се’ уште не е донесена одлуката.
Се работи за веќе познати имиња, од кои повеќето го моментов ја извршуваат градоначалничката функција. Ѓорѓија Сајкоски по состанокот рече тие кандидати убедливо водат на сите анкети во општините за кои се предлагаат.
„Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните, во изминатите 4 години, а тоа го потврдуваат и анкетите“, вели тој.
ИК утврди и ги предложи следните кандидати:
1. Аеродром – Дејан Митески
2. Бутел – Дарко Костовски
3. Ѓорче Петров – Александар Стојкоски
4. Чучер Сандево – Зоран Бајовски
5. Штип – Иван Јорданов
6. Велес – Марко Колев
7. Свети Николе – Дејан Владев
8. Карбинци – Виктор Паунов
9. Градско – Киро Нацков
10. Кавадарци – Митко Јанчев
11. Гевгелија – Андон Сарамандов
12. Зелениково – Коста Маневски
13. Илинден – Александар Георгиевски
14. Конче – Златко Ристов
15. Делчево – Иван Гоцевски
16. Ново Село – Ѓорге Божинов
17. Василево – Славе Андонов
18. Босилово – Ристо Манчев
19. Берово – Петар Ружински
20. Петровец – Борче Митевски
21. Битола – Тони Коњановски
22. Охрид – Кирил Пецаков
23. Вевчани – Спасе Кочовски
24. Брвеница – Јовица Илиевски
25. Јегуновце – Димитар Костадиновски
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе.
„Најголемиот дел од нив се веќе постоечки градоначалници, кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаат сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои до сега се водени од кадри на СДСМ“, велат од партијата.
Се додава во тек се и внатрепартиските избори за советници, преку месните и општинските комитети, а истовремено и граѓаните кои не се партиски определени слободно можат да се вклучат да даваат свои предлози за советници.
Македонија
(Видео) Се бара донација од пченка и јаболка оти мечки се доближуваат до селата околу Шар Планина

Националниот парк „Шар Планина“ повика на донации во форма на домашна пченка и јаболка, бидејќи се забележани повеќе случаи во кои мечки се доближуваат до планинските села во потрага по храна.
Од тука велат дека во последните две недели, сè почесто се забележуваат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк. Овој феномен, како што се додава, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
„За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки. Бараме доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана“, велат од Националниот парк.
Се додава дека дистрибуцијата на храната ќе ја извршува нивната управа во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.
Македонија
Неопходно е да се додаде по уште една лента на експресниот пат Штип – Кочани, експертите ценат дека има и технички недостатоци

Денеска во Кочани претставници од Одделот за сообраќај на Министерството за внатрешни работи присуствуваа на експертскиот панел „Безбедносните ризици на експресниот пат Штип – Кочани“.
Панелот беше инициран од универзитетскиот професор Јован Шоповски со поддршка на општествено одговорната компанија „Амфенол Технолоџи Македонија“. На панелот учествуваа и претставници на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, експерти и професори од универзитетите во Скопје и Штип, сообраќајни инспектори во регионот и други учесници засегнати од проблемите на новоизградениот експресен пат.
Сообраќајните експерти се согласија за неопходноста од подигање на безбедносните услови на оваа делница при што се предложија одржливи решенија.
Еден од најприфатливите предлог решенија на експертите е концептот „два плус два“, односно додавање по една коловозна лента на постојните и нивно физичко разделување.
Во дискусиите беа потенцирани и неколку критични точки на кои се случиле најголемиот број од несреќите во кои имаше жртви, при што освен возењето со неприлагодена брзина и непочитувањето на сообраќајната сигнализација, беа наведени и некои технички недостатоци за кои консензусот беше дека мора да се отстранат во најбрз можен рок.