Македонија
Муцунски на одбележувањето на 30-годишнината од Дејтонскиот договор во рамките на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО
На покана на конгресменот и шеф на делегацијата на САД во Парламентарното собрание на НАТО, Мајкл Тарнер, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на одбележувањето на 30-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, што се одржа во рамките на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, Охајо.
За време на престојот Муцунски се обрати на сесијата посветена на унапредувањето на стабилноста на Западен Балкан, како и на завршната пленарна седница, со која беше заокружен овој значаен настан. Во текот на двете сесии беа разменети мислења за напредокот на земјите од регионот и за актуелните безбедносни предизвици. Учесниците заклучија дека во услови на зголемени ризици неопходен е засилен ангажман на меѓународната заедница за зачувување на стабилноста и просперитетот.
По повод 30-годишнината од Дејтонскиот договор, посебен акцент беше ставен на неговото значење за воспоставувањето на мирот во Босна и Херцеговина, како и на предизвиците со кои земјата се соочува три децении подоцна. Во своето излагање Муцунски ја потврди посветеноста на нашата држава за зачувување траен мир и стабилност во регионот. Тој нагласи дека актуелните безбедносни закани бараат зајакнат пристап, ангажман и тешка, но неопходна соработка меѓу земјите од регионот и меѓународните партнери.
Министерот истакна и дека брзата реализација на европските и на евро-атлантските интегративни процеси е суштинска за реформскиот напредок, стабилноста и за отпорноста на земјите од регионот, како и за спречување на влијанија што не се во интерес на демократијата. Осврнувајќи се на значењето на Дејтонскиот договор како документ што стави крај на еден од најтешките конфликти на Балканот, Муцунски повика 30-годишнината да се искористи како можност за фокус кон иднината – кон стабилност, економски напредок, социјална благосостојба и европска перспектива, еднакво важни за сите граѓани во регионот.
Тој истакна и дека во услови на зголемени безбедносни закани регионот мора да се насочи кон засилена координација и реализација на долгорочните цели за негово успешно вклучување во европските и евро-атлантските структури.
Говорејќи за претстојниот самит на НАТО во Хаг, Муцунски истакна дека одвраќањето не се постигнува со декларации, туку со инвестиции, решителност и кредибилни капацитети. Единството мора да биде функционално, не само декларативно.
Во рамките на активностите на Парламентарното собрание на НАТО, Муцунски, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателите на Албанија, Косово и на Црна Гора, премиерот и министерот за надворешни работи на Хрватска, членови на Претседателството на Босна и Херцеговина и други лидери од регионот, присуствуваше на свечениот прием на местото на кое беше потпишан Дејтонскиот договор – во воздухопловната база „Врајт-Патерсон“. На настанот беше нагласена потребата од зајакната регионална соработка, стабилност и безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

