Македонија
Македонија побара посредство од Франција за олеснување на комуникацијата и конечна деблокада на релација Скопје – Софија
Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија оствари средба со Кристоф ле Риголер, вонреден и ополномоштен амбасадор на Франција во земјава.
Претседателот на Комисијата, Муса Џафери, ја поздрави првата средба на Комисијата со амбасадорот Ле Риголер. Притоа го потенцира придонесот на Франција од осамостојувањето на земјата до ден денес, вклучително бадентерот и рамката за решавање на спорот со Бугарија.
„Токму билатералното прашање со источниот сосед, односно уставните измени, беа во фокусот на разговорите, како услов за отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Во таа насока, беше побарано посредување на Франција за олеснување на комуникацијата и конечна деблокада на релација Скопје – Софија. Како што рече Џафери, единственото решение за земјата е интеграција во ЕУ, не постои друга алтернатива затоа што припаѓаме на Европа и сме членки на НАТО“, соопшти Собранието.
Францускиот амбасадор истакна дека проширувањето е комплицирана тема, но постои отворен прозорец и Западен Балкан треба да го искористи моментот.
„Евроинтегративниот процес е долг, со различни етапи, затоа апсолутни гаранции не може да има, а на крајот мора да следи и ратификација од сите земји членки на ЕУ. Најдобра гаранција е двете земји да можат да се договорат со помош на други држави или институции. Франција, како и други земји членки, е расположена да помогне и да даде свој политички ангажман за олеснување на преговорите. Сепак, мора да постои политички договор за деблокада, а за тоа е потребна добра волја и мал политички ризик од двете страни“, рече амбасадорот. Во оваа насока, ги упати и пратениците од двете земји со меѓусебни средби и разговори да придонесат кон враќање на довербата.
Во дискусијата се вклучија и членовите на Комисијата – Иванка Василевска и Реџеп Исмаил, како и заменик-членката и потпретседателка на Собранието, Весна Бендевска.
Василевска ги истакна заложбите за откочување на процесот со билатералното прашање и вербата дека копенхашките критериуми ќе бидат приоритетни за интеграцијата на Западен Балкан, зашто вакви преседани со билатерални спорови ќе се рефлектираат и во иднина кај други земји аспиранти за ЕУ.
Бендевска потсети на тоа дека земјата е рекордер во чекалната на ЕУ и следствено на тоа е алармантната разочараност на граѓаните и државата. Го спомена Францускиот предлог од 2022 година кој не беше поддржан од граѓаните и постоењето несиметричен притисок само кон нашата земја во билатералниот спор со Бугарија. Иако сме мала земја, рече Бендевска, сепак имаме долга историја и местото ни е во ЕУ. „Апсурдно е што се наоѓаме во еден билатерален спор кој се покажува како поголем одБигарија исполнувањето на копенхашките критериуми“, рече таа.
Пратеникот Реџеп Исмаил го искажа ставот дека волјата на ЕУ да ги прифати земјите од Регионот, се покажува како геостратешка потреба за Западен Балкан. „Јавноста во земјава нема јасна слика за бенефитите од ЕУ и сомнежот кај народот расте“ – рече тој.
На крајот од средбата, амбасадорот изрази свесност за евроскрептицизмот и револтот од долгото чекање пред вратите на ЕУ, но нагласи дека треба да се гледаат огромните бенефити од членството во европското семејство. Нашата земја ја смета за пример во Регионот и Европа како мултитничка демократија, и како таква треба да се вклучи во обединувањето на европското семејство со Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се огради од народот, сега на камерите во Скопје може да види колку е паднат стандардот на граѓаните, велат од СДСМ
„За само 12 часа од поставувањето на камерите од системот во Скопје се покажало дека има над 1.000 возила кои биле нерегистрирани. Тоа покажува колку е паднат стандардот на граѓаните со Мицкоски и ДПМНЕ. Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите“, велат од СДСМ.
„И тоа зборуваме за паднат стандард во Скопје, во главниот град, колку е само полоша состојбата во помалите градови и населени места?
Економијата паѓа а народот едвај преживува.
Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата Мицкоски, зад вратената ограда, ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија.
Мицкоски се огради од народот па сега ќе може да гледа на камери.
Додека власта се гоштева со папаја и манго, се вози со бизнис класи, додека врти милионски тендери за испумпување на партите на граѓаните -народот нема пари ниту за регистрација на возилата.
Тоа „економски тигар“ им го донесе на граѓаните и им го постави како „стандард“.
СДСМ ја тргна оградата пред владата одма после рушењето на режимот на Груевски, просторот и вратата во Владата беше отворена за граѓаните, затоа што им припаѓа на граѓаните.
Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда. Работата сè уште не е завршена“, соопшти СДСМ.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица и речиси 200 беа повредени, продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт, покрај тоа што судот им го испратил ним како бранители, и официјално да им го испрати и на обвинетите оти, како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откога не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска-Илиевска побара оштетените да се изјаснат за отштетни побарувања. Но, и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со имејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена, во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за отштетни побарувања.
Иако судијката Груевска-Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостигот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.

