Македонија
(Видео) Јанчева: Правеле зграда каде што била предвидена улица, хаос со дивоградбите во Чаир
Наместо да се бара одговорност и да се спречат сите компромитирачки дејствија во врска со 150 дивоградби во Чаир, ситуацијата добива нови размери, а мрежата на инволиврани во овој мега скандал се проширува, рече денеска на прес-конференција, Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
„Последните информации покажуваат фрапантни работи. Катастарот за недвижнини донел решение со кое ги избришал претходно впишаните нелегални „легализации“ за над 150 дивоградби во Чаир, за кои од јавноста дознавме дека биле впишани во Катастарот врз основа на фалсификувани документи. Според информации, доставени до нас од свиркачи, Катастарот донел решение за бришење на решение за впишување на објект, по барање, кое било доставено на 2.мај 2025 година, а архивирано на 25. мај 2025 година. За да биде ситуацијата уште потрагична, општина Чаир носи документ дека на локацијата каде што е изградена зградата било предвидено изградба на улица, но и покрај тоа на тоа место се изградила зграда. Ова решение на општина Чаир потоа исчезнало во општинските лавиринти“, вели Јанчева.
Таа постави и неколку прашања.
„Прашуваме, дали во оваа спрега на урбаната мафија е инволвиран и директорот на Катастарот Иван Живковски? Живковски претходно беше претседател на Советот на општина Кисела Вода и претседател на. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кисела Вода. Каква корист имаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од 150 дивоградби во Чаир? Зошто од ВМРО-ДПМНЕ ги штитат подобните од нивниот коалициски партнер ВЛЕН? Недозволиво е институциите да молчат и да го покриваат криминалот на урбаната мафија. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше де-ДУИзација, само за да ја промени со ВЛЕН-изација“, кажа советничката.
Нагласи дека како советничка група во Советот поднеле и барање за свикување на седница на Советот на Град Скопје.
„Советот има обврска за вака важно прашање да дискутира, да видиме дали и во други општини под власт на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ има вакви криминали со дивоградби. Недозволиво е членовите на Советот за вакви прашања да дознава од медиумите. Ги повикуваме сите советници да го поддржат нашето барање. Да покажат одговорност и да ги надминат политичките игри. Граѓаните го бараат тоа од нас, од сите членови на Советот кои со својот глас во Советот одлучуваат за нивните судбини“, кажа Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

