Топ
(Видео) Скриени во цистерни, запленети 55 штеки цигари, ИТ-опрема, 30 илјади евра, соопшти Царинската управа

Во текот на минатата недела, царински службеници и мобилни царински тимови спречиле обиди за криумчарење цигари, вино, ИТ опрема, автомобилски делови.
Во еден случај, како што соопштија царинските служби, запленети се 30 илјади евра, а спречен бил и нелегален влез на мигранти.
„Царински службеници на граничен премин Богородица во една цистерна пронајдоа дури 49 штеки цигари и 300 грама тутун за пушење скриени во цевката за црево, како и во цевката во долниот дел од цистерната. Возачот на товарното моторно возило – цистерна, за да може полесно да ги извади штеките цигари ги поврзал со сајла и така ги скрил во цевките, се со цел да избегне плаќање давачки во износ од 81 илјада денари. Против него е поведена соодветна постапка, а штеките цигари и тутунот се запленети“.
Во друг случај на граничен премин Богородица Службата за мобилни скенери при скенирање на товарно моторно возило – цистерна, открила 6 штеки цигари скриени во кабината.
Биле запленети 30 илјади евра што патник сакал нелегално да ги изнесе преку граничен премин Богородица.
„Станува збор за српски државјанин кој со себе носел 40 илјади евра и за кои возачот не поседувал потврда за пријавени платежни средства при влез во државата. Согласно закон на патникот му се вратени 10 илјади евра, износ што нерезиденти може слободно да го изнесат од државата, додека останатите 30 илјади евра се задржани.
Службата за мобилен скенер спречи обид за нелегален влез на четири мигранти, државјани на Египет. Мигрантите се пронајдени во просторот за палети на камион со грчки регистарски таблички, на влез во државата, на граничен премин Богородица. Случајот е предаден за понатамошна постапка на полициските службеници од граничниот премин.
Спречен обид за шверц на 540 шишиња вино коишто биле скриени во автобус, пријавен за влез во државата на граничен премин Блаце.
143 резервни делови за возила и 24 литри моторно масло, се пронајдени при контрола на автомобил управуван од албански државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.
Три таблети, две матични плочи и четири читачи на жетони за кафе-апарати се откриени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничниот премин Блаце“, информира Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Уапсен малолетникот кој избоде маж пред џамија во Студеничани

МВР го расчисти вчерашниот обид за убиство што се случи пред џамија во скопско Студеничани и го уапси осомничениот 16-годишник.
Ноќеска, во 1 часот по полноќ, Р.К. (55) од село Студеничани, скопско, пријавил дека претходниот ден околу 20.00 часот во близина на џамија во истото село, бил физички нападнат од две шеснаесетгодишни малолетни лица.
На нападот му претходела вербална закана по неговиот живот по што едниот малолетник извадил нож се затрчал кон пријавителот и го нападнал со ножот.
Од страна на доктор при ГОБ „Свети Наум Охридски“ кај Р.К. се констатирани тешки телесни повреди – убодни рани и истиот бил задржан на понатамоишно лекување.
По насоки на Јавен обвинител за малолетници со оглед дека се работи за кривично дело убиство во обид, 16 годишниот малолетник е лишен од слобода во Полициска станица Драчево по што му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Лицето е предадено во Казнено-поправна установа Затвор Скопје.
Македонија
Огромен објект никнува во Охридската чаршија, секој прави што сака, алармира Охрид СОС

Чаршијата во Охрид го губи својот лик. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива, алармираат од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.
„Ако некогаш важеше за специфичен дел на градот, исполнет со занаетчиски дуќани и стари градби, денеска оваа улица скоро сосема го изгубила својот лик и значење. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива. На прстите од една рака се бројат старите градби кои му одолеваат на времето. Денеска тука доминираат ресторани и угостителски објекти кои ја окупирале улицата и за минувачите и велосипедистите оставиле само еден тесен премин. И наместо институциите да диктираат што и како може да се гради, сведоци сме изминативе децении дека тука веќе почнаа да се градат високи објекти со нетипичен стил. Не се применува нити онаа омилена за Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид факсимилна реконструкција“, велат од таму.
Додека „стручната фела“ замижува и се прави наудрена, велат од Охрид СОС, деновиве кон крајот на чаршијата се подигнува еден огромен објект, кој според обемот и големината отскокнува од околните објекти.
„Минатата година, за да започнат градежни работи на овој дел, службите на Општина Охрид исекоа неколку децениски стебла, а од механизацијата е оштетено и партерното уредување. Но ништо од тоа не е важно, ако се знае дека институциите на прво место го ставаат интересот на поединците, наместо јавниот интерес. Објектот е видлив и од страната на паркингот. Додека се предлага градот да формира стручно тело кое ќе комуницира со УНЕСКО, „еден Борд кој ќе го сочинуваат архитекти и други професионалци“ неповратно го губиме културното наследство и специфичните градски четврти“, алармираат од Охрид СОС.
Македонија
СДСМ нема да му се извини на Љутков: „Сѐ што објавивме е вистина“

Од СДСМ велат дека нема да му се извинат на министерот за култура, Зоран Љутков, затоа што, како што велат од партијата, сѐ што објавиле за него е вистина, а имаат и документи кои го потврдуваат тоа.
„СДСМ не може позитивно да одговори на барањето за извинување на министерот за култура и туризам Зоран Љутков затоа што ја објавивме вистината. Зарем очекува Љутков да му се извинуваме за тоа што СДСМ, а не тој, зборувавме за не исплатените плати на културните работници за Велигден кои тој ги остави сами себе? Или очекува да му се извинуваме што ја соопштивме болната вистина за непочитување на колективниот договор, според кој платите се зголемија само за 5,5 %, а требаше многу повеќе? Дали Љутков очекува да му се извинуваме и затоа што го фативме жив на егзотичните патувања вредни над 50.000 евра, пари на граѓаните? Или за неговото незаконско работење со унапредувања на негови блиски?“, прашува СДСМ.
Од партијата го прашуваат министерот дали очекува извинување затоа што објавиле низа скандали со државната секретарка Ѓоргова или за плановите за продажба на културното наследство?
„Или мисли дека некој треба да му се извини затоа што Љутков нема објавено никаква стратегија или план за развој за културата и туризмот. Она што го говори СДСМ е апсолутна вистина и затоа ги објавуваме документите кои го потврдуваат кажаното“, велат од СДСМ.
Партијата очекува надлежните институции веднаш да преземат мерки за санкционирање.
„Ние ќе продолжиме да ги објавуваме сите незаконски постапки, сите аздисувања на Љутков и гласно ќе говориме за неговата неспособност“, велат од СДСМ.